Во денешното либерално време се повеќе се шири учењето дека човекот може да се спаси со своите добри дела, а Спасителот наш Господ Исус Христос за христијаните е само образец и поучен пример за морално и духовно усовршување, но никако и Искупител на светот. Следи дека спасението е можно за луѓето од сите религии и конфесии, кои се трудат да постапуваат според гласот на својата совест. Во тоа учење споредено со православното богословие, не само да се заменети и поместени акцентите, туку се поткопани и основните на догмите. Христијаните секогаш верувале дека Бог го спасува човекот; а современите модернисти доследно и плански ја уфрлаат во свеста на верниците мислата, дека човекот се спасува самиот себеси, а Бог му дава вечен живот како задолжителна награда за постигнатиот труд.
Ако ги прашате современите христијани што е вечен живот и спасението, многумина ќе речат: тоа е рајски живот, тоа е место на убавина и вечна радост, каде се уништени секое зло и страдање, каде нема трулежност и нескладност, каде ништо не ја помрачува човечката душа, односно тоа е место каде пребиваат Ангелите и Светиите и каде слегува Божеството со Својата неискажана светлост. На прв поглед тој одговор може да изгледа правилен, но реално овде е испуштено нешто многу важно, односно, дека Бог не го дава само Своето, иако и тоа е недостижно за човечкиот ум и ги надминува сите напори и подвизи, туку дава многу повеќе – се дава Самиот Себе и го прави човекот „бог по благодат“. Пред тоа дело, сите човечки дела се покажуваат како бесконечно мали. Господ вети дека ќе врати за делата на мислордие стократно, но Тој му го дава на христијанинот она, за кое нема споредби и претстави, она кое го надминува секое сфаќање и мера: се дава Самиот Себеси. За какви човечки заслуги може да се зборува овде? Кој може да го заслужи Бог? Како може да се здобие Бога како награда? Ако сите луѓе, ги спојат сите добри дела, тоа ќе биди помало дело од вечното спасение на една душа. Спасението е – мистична Тајна на љубовта на Бога кон човечката душа, а сè останато е потребно за тој позив за љубов, да биде слушнат и прифатен.
Трагедијата на современите христијани се состои во тоа, дека тие го бараат градот Божји, како свое законско наследство, но не го бараат Самиот Бог, како извор на вечниот живот. Нив им е несфатлив светоотечкиот збор „обожување“, нив им е несфатливо што значи да се стане „бог по благодат“. Не сфаќајќи го тоа, тие не го ни сакаат тоа. Тие го сакаат враќањето на изгубениот Рај, каде цветаат и мирисаат небесните цветови, каде нема старост и смрт, каде нема страдања. Но тајната на Овоплотениот Син Божји и слегувањето на Светиот Дух, Тајната на Искупувањето и Спасението – не е само враќање на човекот, паднатиот Адам во првосоздадената, безгрешна состојба, туку и пат на душата кон Бога, преку примање на Неговата божествена светлост, преку просветлување и озарување, преку влез во божествениот живот, пат на вечно и бесконечно богоуподобување – таа тајна за нашите современици, е како сокриена под превезот на магла.
На Крстот, Господ нас нè заменува со Себеси; Духот Свет ја подготвува човечката душа за нов живот. Спасението – е голем дар Божји, а современиот човек е приклонет на него да гледа како на нешто согласно и задолжително на човековото достоинство.
Конечена и истовремено бесконечна цел на човекот е – обожување, кое се остварува само преку благодатта, односно преку силата и делувањето на Божеството. Благодатта е дадена на Црквата. Црквата е поле на вечна, божествена светлост, која взаемно дејствува со човечката душа, која е послушна на благодатта и која невидливо ја просветлува (во некои случаеви тоа просветлување и преобразување на душата се случува и на материјален план и може да се види и визуелно).
Тајните на Црквата ја имаат за своја основа Искупителната Жртва на Христа Спасителот. Црквата е заснована на Неговата пречиста Крв. Господ, нè засака нас уште пред нашето создавање, исполни сè, за да ни ги дарува нас не само Своите неискажливи блага, туку и Самиот Себеси. Во спасените Тој го гледа одразот на Својот образ, Својата Божествена убавина; во спасените Тој пребива како во живи, бесмртни, неракотворни храмови. За нив Христос – е сè: живот и суштина на вечноста, почеток и бесконечен крај.
Без искупување и осветување, спасението е невозможно. Оние, кои зборуваат за спасение само преку добри дела, со самото тоа ставаат некаков знак на еднаквост помеѓу нив и даровите Божји. Добрите дела – се услов за пројавување на вера и љубов, затоа што љубовта кон Бога и луѓето е соединета една со друга. Човекот кој се надева дека ќе добие спасение за своите добри дела, наликува на сиромав човек, кој собирајќи неколку железни пари, се вообразува и мисли дека со нив може да купи царски дворец.
За спасение неопходно е обожение на човекот, кое почнува во земната Црква, преминува и продолжува во небесната, и никогаш не завршува. Само преку Крсната Христова Жртва и благодатта на Светиот Дух, која делува во Црквата, човекот може да го достигне своето вистинско предназначување во вечноста, односно да постане бог по благодат.
Извор: https://otacmilic.com
Превод од српски: Елена Стојановски