Архиерејска Божествена Литургија во црквата Пресвета Богородица – Битола

На 29.07.2018 г., во Деветтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Атиноген, епископ Севастиски во ЕрменијаСветата маченичка и девица Јулија и  Светиот маченик Атиноген; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ (Мат. 14, 27).

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Постои еден прекрасен збор, кој нам добро ни е познат, збор, кој го допира срцето на секој од нас, кој во нас предизвикува прекрасни емоции и пријатни возбуди. Тоа е зборот мајка, поим кој нè асоцира на топлина, сигурност, радост… Но, освен телесната мајка, која нè родила по тело, ние, како православни христијани со сигурност можеме да кажеме дека освен родителката по тело, имаме уште една мајка, која нè спасува заради вечноста, нè охрабрува и вразумува, а тоа е нашата света Црква. Светата Црква умее многу повеќе да ги загрее нашите верни срца и преку молитвите, и преку богослужбите, и преку светите Тајни… Светата Црква, нашта прекрасна мајка, постојано нè учи како треба да живееме, за да бидеме достојни деца на нашиот Спасител Господ, Главата на нашата Црква, Началникот на нашата вера.

Евангелскиот настан, на кој се потсетивме денес, на оваа света Литургија, нè потсетува дека сите ние имаме слаби и грешни срца, кои имаат потреба од благодатниот извор на духовни сили. Имено, една ноќ, додека апостолите пловеле по Генисаретското езеро, го виделе Господа Исуса Христа како оди по површината водата. Бидејќи се исплашиле од оваа глетка, Он им рекол: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“. Од овие зборови тие се охрабриле, а апостолот Петар дури и изразил желба и тој да тргне по водата, па затоа Христос ѝ го повикал. Но, повикот имал и друга цел. Христос го повикал Петар да тргне да оди по водата со друга цел: да покаже колку сеуште била немоќна и слаба верата во него, онаа вера, која подоцна имала моќ и планини да преместува, која ги покорувала срцата на луѓето и која го довела до маченичка смрт за својот Господ. И веднаш, штом посомневал, се исплашил и почнал да потонува, па наоѓајќи се во една безизлезна ситуација почнал гласно да вика: „Господи, спаси ме!“. На овој повик Господ му одговорил: „Маловернику, зошто се посомнева?“.

Петровиот повик кон Господа е повик кој честопати го изговараме сите ние и во наши дни, зашто сите ние се наоѓаме во разбрануваното животно море, па безизлезните ситуации се насекаде околу нас. И на секој повик кон Господа, Спасителот и понатаму ни го праќа истиот одговор, кој му го дал и на апостолот Петар: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“, како одек на повикот од воздишките на нашата маловерна душа. Он ја подава и секогаш е подготвен да ја подаде Својата сесилна и со љубов изобилна рака заради помош, како небесен Отец Кој ги љуби Своите чеда. Не случајно нашиот земен живот со разбрануваното животно море. Мноштво на секакви несреќи и грижи го сретнуваат секој од нас, за време на нашиот животен пат. Господ не нè оставил осамени во овој живот. Он не нè оставил ни беспомошни пред лицето на човечките потреби и таги. Секому му дал разум, кој е способен да сфати што е добро, а што штетно и што ни е потребно за блажен и мирен живот. Он вложил во секој од нас и совест, која постојано ни говори за тоа што е лошо и шо го уништува човечкото достоинство и што е угодно да се врши пред Господа. Он вдахнал во нас и стремеж кон Бога. Он во наследство ни го оставил и Својот свет збор, кој за нас е постојана лектира, која нè учи како треба да живееме христијански, како треба да ги пресретнуваме земните несреќи и како, во името на љубовта кон Господа и повикувајќи ја Божјата помош, со трпение треба да ги поднесуваме сите тие несреќи, дека Бог е семожен и дека може да направи сè, дека за Него не постои ништо што е неможно, и дека Бог, како чедољубив Отец, не може да ни ја скрати Неговата љубов.

И покрај сево ова, испраќајќи нè во овој живот, Господ направил таков распоред, така што ние постојано сме во окружува на подобни луѓе. Кога сме биле мали, ние сме биле под грижа на нашите родители. Кога, пак, ќе остариме, за нас должни се да се грижат оние, за кои ние сме се грижеле додека тие биле сеуште мали, па тие ќе бидат должни да бидат потпора во нашата старост. Нашиот земен живот е устроен токму така. Ние, трудејќи се, работиме и за другите, но и самите ги користиме трудовите на другите. Но, доаѓаат и мигови, кога ни разумот, кој од Бога е даден за наша корист, не е во состојба да ни помогне кога врз нас ќе надојдат тешки страдања. Тогаш ни нашата совест нема да биде во можност да ни поткаже било каков начин за да излеземе од тешките искушенија, а да не зборуваме за нашите ближни, кои покажуваат апсолутна немоќ во нивните напори да ни пружат помош. И во тие тешки мигови од нашиот живот, кога не може никој да ни помогне, кога нашите телесни сили се покажуваат немоќни да го носат претешкото бреме од искушенија, да погледнеме околу себе, да погледнеме во безнадежниот мрак и да сфатиме дека не може и нема да може да ни помогне никој, освен Спасителот Господ Исус Христос, кој на моменти допушта и вакви тешки искушенија, со една и и единствена цел –  да Го побараме и да сфатиме дека без Него сме никој и ништо. Во тие мигови да се потсетиме на едноставните зборови од апостол Петар: „Господи! Спаси ме!“ Ете, овие зборови се наша вистинска надеж дека помошта, сепак, ќе дојде и ќе бидеме избавени од најтешките несреќи и искушенија.

Одговорот, кој го пружа Спасителот Христос, се допира до секое срце кое страда, до секој кој е натажен, несреќен, истоштен од земните грижи, зашто, според зборовите на апостолот Павле: „Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки“ (Евр. 13: 8). Неговиот одговор е ист како оној од пред две илјади години: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“ (Матеј 14: 27); „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11: 28).

Гревовното време постојано ја задушува нашата немоќна душа. Кога ќе помислиме на смртта, во исто време помислуваме и на фактот колку многу гревови лежат на нашата совест, кои се малку оплакани, или, можеби и воопшто не се, а има и такви за кои и не сакаме да пророниме ниту една солза. Но, да не очајуваме! Господ ни говори дека не ја сака смртта на грешникот, туку да се одврати од својот пат и да биде жив (спореди Језек. 33: 11). Да поитаме и ние, заедно со своите гревови, со молба кон Христа за да нè спаси. Он, Кој дојде на земјава за да ги спаси грешниците, за да ги поттикне грешниците кон покајание, Кој ја оставил на земјава светата Црква, нашата мајка, Кој заради нашето спасение ни ги подал светите Тајни, –  Он секогаш ќе ги слушне нашите молитви и ќе ги види нашите солзи, па ќе ги избрише нашите гревови и беззаконија, кои ѝ тежат на нашата совест.

Оној, кој секогаш живее со Господа, кој живее вистински христијански живот, кој секое утро и вечер разговара со својот Бог преку молитвата, кој ја познава убавината од покајанието и блаженството од пристапувањето кон светата Чаша, кој знае дека за спасението ни се потребни добрите дела, трпението, милосрдноста, молитвата, неосудувањето, чистотата и целомудрието, тој секогаш го чувствува во себе и околу себе својот Господ, Преслаткиот Спасител.

Секогаш да веруваме дека Господ никогаш нема да го затвори Својот божествен слух, никогаш нема да го отфрли оној, кој се обраќа кон Него. Во тоа се состои блаженството на нашиот земен живот, дека ние не сме сами во патешествието до своето спасние во овој земен лавиринт. Со нас секогаш е Небесниот Отец, нашиот Пресладок Спасител. Ако сме натажени и расплакани од бремето на нашиот грешен живот, да го подигнеме својот поглед кон небото и да сфатиме дека постојано нè гледаат вечно живите и будни очи на нашиот Небесен Отец. До крајот на својот живот да бидеме добри и верни христијани. Никогаш да не дозволуваме да го разгневиме нашиот Спасител, за да не биде отстранета Неговата благодат од нас. Неговата помош и поткрепа да биде секогаш со нас: и во овој земен и минлив живот, но и во страшниот смртен час да нè прими при Себе, како Свои чеда, во Своите вечни населби, каде што радоста е бескрајна и убавината е неискажлива. Амин!

Протоереј Златко Ангелески

Извор: https://blagovesti.wordpress.com