Отсекување на главата на Свети Јован Крстител – Света Архиерејска Литургија во село Беранци

На 11.09.2018 г., кога го празнуваме Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител и  споменот на Преподобна Теодора Солунска и Светиот маченик Анастасиј (Спасо) Радовишки, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар отслужи  Света Божествена Литургија во манастирот посветен на Светиот Претеча, во село Беранци.

„Верниот Претеча, Крстителот… умира отсечен во главата, та и на оние во адот со храброст да им благовести дека, Бог ќе слезе таму да ја зароби смртта“.

(Стихира по Полиелеи, на Утринската богослужба)

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

Човечката крв, која е насилно пролиена, мачењата, убивањата кои нè лишуваат од животот, во нас предизвикуваат болно чувство од највисок степен. Посебно, пак, ако се работи за невина жртва на нечие безумство, слепа омраза, несовесност и расипаност. Тогаш, покрај чувството на искрено сочувство кон страдалецот, во нас се појавува чувство на силен револт, исто како таа неправда над нас да се извршува.

Тоа е суштината и на денешниот ужасен настан. Таква е карактеристиката и на нашето лично чувство, кога Црквата ни ја изнесува крвавата глетка на смртта на еден праведник, на еден од Бога вдахновен гласник на христијанството, Христовиот Претеча – Јован.

Јован, големиот пророк, најголем роден човек од жена, како што го нарекува и Самиот Господ Христос, гледајќи од својата морална висина на развратот, кој завладеал во сите општествени слоеви на Римското царство, се бунел против тоа и рикал како лав низ пустината со зборовите: „Покајте се!“.

Прорекувајќи јасно, дека со појавата на витлеемската Ѕвезда дојде крајот на царството на мракот и гревот, Јован ги вознемирил, против себе ги предизвикал сите оние грешници, кои имаа нечиста совест, кои беа свесни за своите гревови, но сепак, немале доволно сила и волја, да се извлечат од својата кал, да се очистат преку крштението со покајание и да се подготват за нов живот. На тој пат на покајание и духовно поправање, Јован не се двоумел јавно да го повика дури и царскиот намесник, разблудениот Ирод, кој од својот престол направил блудничко дувло со грешницата Иродијада, жената на својот брат Филип.

Од громогласните Јованови зборови, целата нечиста совест на римското општество, кое било заразено со пороци од дното па до престолот на владетелот, се разбудила и се побунила, сакајќи да го заглуши засекогаш неговиот глас, да го скрши, па дури и животот да му го одземе. И навистина, на искажаното барање на развратната Иродијада и нејзината ќерка Саломија, а со премолченото одобрување на римскиот свет, Ирод со рацете на џелатот во затворот ја пресекол главата на Јован, насилнички изливајќи ја крвта на големиот пророк, кој, ете, постанува Претеча Христов не само за Неговата проповед, туку и за маченичката смрт.

Самиот факт дека Христовата Црква, обновувајќи го споменот на денешниот крвав настан, не тагува, не го оплакува, туку напротив, ја слави таквата смрт на Христовиот Претеча, нè тера да размислуваме дека, на сите треба да ни биде јасно, воопшто, дека ваквата смрт, како Јовановата, е нешто кое во вистинска смисла може да биде возвишено, величенствено, херојско, а со тоа и – логично.

Ако, пак, во денешниот настан, сепак има нешто жалосно, кое би било достојно и ние да го оплакуваме, тогаш, тоа сигурно не е праведната смрт на свети Јован, туку безумството, несовесноста и општата расипаност, како на оние грешници, кои биле современици и убијци на светиот Јован, така и на сите сегашни и идни насилници, од кои луѓето страдаат и умираат, на сите денешни и идни развратници, разблудените Иродијади, саломии и пијани Ироди, кои не знаат што прават, кога своето човечко достоинство во слаткострастен занес го понижуваат, кога својата семејна среќа и среќата на своите ближни ја разоруваат и морално ги убиваат.

Меѓутоа, за Јована, како за пророк и величенствен мисионер во светот, кој за својата раководна идеја на покајание воодушевено работеше и со неа беше соживеан, за која идеја доброволно се изложуваше на сите опасности, дури и смртта, иако вака трагична, постанува логична, па дури и слатка, исто колку што е и славна. Со својата трагика таа постанува и достојна за својот јунак, а и самиот Јован со ваквата смрт постанува уште поголем, уште пославен. Таквата смрт е само завршен, најзвучен звук од онаа иста жица на Јовановиот живот, жица – која сè додека не беше прекината од остриот џелатов меч, силно одекнуваше, а со тој одек на сите грешници им го распаруваше срцето.

Јовановата смрт неминовно дошла како крвав печат, само за да ја запечати онаа голема книга на животот на големиот пророк: неговата духовност, карактерност, слобода, подвиг, дела и самопожртвување.

Грешните имиња и мрачните дела на Ирод, Иродијада и Саломија, убијците на Јован, било да се спомнуваат во храмовите, или да се читаат низ историјата, или да се гледаат по филмовите, никогаш нема да ја засенат славата на името и величината на Јовановото дело. Напротив, секогаш ќе служат како црна рамка, во која со уште појак рефлекс вечно ќе блеска во полна светлина Јовановиот лик и светителскиот ореол околу неговата отсечена глава. Јовановата смрт е најголем триумф во неговиот живот. Црвенилото на неговата крв, која е невино пролиена, со пурпурен сјај, со заслепувачка светлина, го освели целиот негов живот и сите негови заслуги, а со тоа неговата крв го осветли пред нас и нашето широко поле на животот со сите негови прави патеки и тесни патчиња, по кои како православни христијани треба постојано да одиме кон Царството небесно, кое Јован го проповедаше, а Господ Христос го оствари помеѓу луѓето.

Исто како Јовановото, така е возвишено и такво значење има страдањето и на секој друг човек, кога страда невино за праведни нешто, па и кога погинува за таа праведност.

Големиот сесловенски философ од светски глас, Достоевски, во една прилика запишал: „Целата убавина, целиот живот, целото наше достоинство се состои во – страдањето. Над сè е човекот – страдалник“. А, пак, друг вели: „Преку страдањето во човекот воскреснува дотогаш непознат – нов човек, кој никогаш не би се појавил, ако го немало тоа страдање“ (Жуковски).

Преку страдањето се стекнува мудрост, се изострува и се просветува умот, самото срце станува почисто, зашто се крштева во солзи, а карактерот добива челична цврстина кога преку страдањата се прекалува. Страдањето е творец на сè што е величенствено и претставува жива сила за секаков напредок во човечкиот живот, па затоа, со право можеме да речеме: „Никој, додека не почне да страда, не може ни човек да се нарече“.

Кога, според сево ова, страдањето станува синоним и ја прави суштината на човечкиот живот, особено на човекот кој е разумен и совесен, бидејќи, колку повеќе човекот е поразумен и посовесен, тогаш е само поголем страдалник, тогаш и ние да се помириме со таквиот свој страдален живот, бидејќи таков живот имаше и нашиот божествен Учител, Господ Исус Христос, како и Неговиот Претеча – свети Јован.

Но, да не заборавиме! Ако веќе била Божја волја и ние да страдаме, слично на Христа Господа и на свети Јован, и ние да се најдеме на своја лична Голгота, тогаш тоа нека биде само за вистината и за правдата, за добро дело – Божјо дело, за какво и тие пострадаа.

Во таков случај, како патоказ и утеха нека ни послужат овие зборови на Христовиот апостол Петар: „Оти, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате, кога вршите добро, отколку – кога вршите лошо. Зашто, каква е пофалбата, ако трпите, кога ве бијат заради престапи? Но, ако трпите, кога правите добро и страдате, тоа Му е угодно на Бога. Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петр. 3: 17; 2: 20-21).

А ние така и правиме. Уште повеќе, зашто секое праведничко страдање со голготскиот маченик Христа Господа и со страдалникот за Христа – Јован, донесува радост и слава за секој кој страда праведно, како што вели свети апостол Павле: „Верни се зборовите: Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме“ (2. Тим. 2: 11-12). Амин!

Протоереј Златко Ангелески