Засакај се себе си и ќе го засакаш братот – отец Андреј Конанос

Таква е љубовта. Тешка работа е таа. Според тоа, слушнете сега што да направите, па да завршиме. Што да правите? Да ме засакате! Пред сѐ. Знаете ли зошто? Затоа што чувствувам дека денешната емисија не ја водев добро. Но, ако знам дека ме сакате ќе сѐ смирам. Зашто знаете дека и во мене постои несигурност. Таа постои во секого од нас. Постојано се прашуваме за разни прилики. „Но, дали нè сакаат? Дали со нас е сè во ред? Дали ќе нè пофалат или не? Сите ние засекогаш остануваме деца во душата.

Дури и свештеник, ако добро одработи некоја работа и некому ја покаже, сака да слушне убав збор: „Колку добро ти испаднало, оче! Баш убаво, многу ми се допадна!“ Тоа се нарекува охрабрување. Тоа не е егоизам. Нежноста не е егоизам, нежноста, која му ја даваш на душата на некој друг. Понекогаш, ние ги заменуваме концептите и стануваме тврдокорни. И оваа тврдокорност ја нарекуваме аскеза. Се однесуваме непристапно  и оваа недостапност ја нарекуваме внимателност. Целите сме „само внимание и молитва“, а всушност сме недостапни и тврдокорни. Човек доаѓа кај нас, сака да нè допре, но, тоа е исто како да допира бодликав кактус. И си заминува. Знае дека нашиот изглед и однесување се како бодликав кактус. А, ние сметаме дека тоа не прави големи аскети и старци на денешницата. Не, тоа не е љубов. И не е аскеза.

Аскетот е сладок човек. Кон себе има аскетски пристап, но истовремено се сака себе си. „Сакај го ближниот свој како самиот себе“ (Матеј 22,39), – вели Христос. Засакај го ближниот свој како самиот себе. Тука нема глагол, но тој се подразбира. За што зборуваат овие зборови? Засакај го својот брат исто онака како што се сакаш самиот себе. Дали обрна внимание на тоа? Бог сака да се засакаш самиот себе си. На друго место, Он природно, вели дека треба да ја намразиш својата душа. Што таму се има во предвид? Дека треба да ги замразиш страстите на своето срце, злобата која живее во тебе. Односно, да го согледаш својот егоизам  и да го намразиш. Но, тоа не значи дека треба да се мразиш самиот себе си, затоа што твојот егоизам не е исто што и ти. Ти си она што Бог го создал. Бог не ти дал зло. Бог не ти ги дал твоите слабости. Тие се појавиле за време на твоето растење, твоето воспитување, твоето одење кон животот, пораснале од сѐ што си доживеал. Со други зборови, за да умееш да го засакаш својот брат како самиот себе, најпрвин треба да се засакаш себеси.

Сега, уште нешто и завршувам. Размисли за оние луѓе кои од некоја причина не ги сакаш доволно, за кои нема посебно место во твоето срце. Понекогаш ми велиш: овој лошо се однесуваше кон мене и затоа ме налути. Размисли за таквите луѓе во твојот живот: за роднините, за тештата која била зборлеста, која се мешала во твојот семеен живот и не ги исполнувала своите ветувања. Или размисли за својата золва која те озборувала. Размисли за нив. Зашто има и такви, зарем не? Можеби се тоа еден, двајца, тројца луѓе. Размисли за нив и смести ги во твоето срце. И почувствувај како со своето срце ги прегрнуваш, како ги примаш длабоко, како ги правиш свое друштво, ги доведуваш до Бога и ги оставаш во Негово присуство и светлина и велиш: „Господе, овие луѓе, овој човек…“ Не можеш тоа да го изговориш, а? Тешко ти е. Но, не одбиваш. Потруди се да го направиш тоа колку и да ти е тешко. Земи го тој човек и кажи му на Бога: „Боже мој, смилувај му се, помогни му. Но, најпрвин помогни ми мене, бесчувствителниот човек.“ Така речи: „Не можам да го засакам! Кажи ми, Христе, што чувствуваш кон него? Кажи ми, Христе, што чувствуваш кон него? Помогни ми, Христе мој, да го засакам како што Ти го сакаш! Затоа што Ти, Господи, сакаш, зарем не?“

Христос повторно не изговара ниту збор. Ме допира ова Христово молчење. Христос молчи, затоа што повторно е на Крстот, со молчење нѐ гледа. Сега Христос не зборува, но се сеќавам како тогаш на Крстот рече: „Оче, прости им!“ (в.: Лука 23,34). И на крстот зрачеше со љубов. Во последните моменти  од Неговиот живот сета наша злоба била насочена на Него. Сета наша злоба Сме Му ја донеле, а Христос и на неа одговорил со љубов, простување, добрина и милосрдие. Така и ти постапувај. Речи: „Христе мој, оној кој ми нанесе зло, онаа која ме навреди, оној кој ме раздели, оној кој ми нанесе болка – што и да ми направат, дури и најстрашното, Те молам, помогни  моето срце да стане како Твоето. И дај им на сите оние кои ми зададоа болка и кои ми направија штета, дарови од Твојата љубов. Дај им здравје, дај им радост, дај им добрина, дај им другари и другарки, дај им прекрасен живот. Немој никому да се одмаздуваш, Господе. И ако го проколнав оној кој ми посакува зло, и ако посакав да му се случи нешто лошо, и ако дознаам дека нешто му се случило, и сум сѐ израдувал во душата, сето тоа, Господи, промени го! Промени ме, Господе, направи го моето срце како Твоето, научи ме да сакам така како што Ти сакаш. Инаку, дури и ако сè исполнам, ако за сè можам да разговарам, да ги разгледам црковните теми, догматските, светоотечките, монашките, ако зборувам убаво, но, тоа не го правам, – како ќе стојам пред Тебе? Што ќе речам? Што ќе речам ако не научам да сакам?“

Направи уште нешто, Кога некој ќе те нажали, повикај го човекот кој ти направил штета во својата молитва и замоли го во молитвата кај тебе сѐ да се среди. Направи го она што го направи свети Зосим кога дозна дека еден човек го обвини. А, дали знаеш дека оној кој го обвини, неколку денови пред тоа велел: „Оче Зосиме, многу те сакам.“ А, отец Зосим му рече:

– Сега ме сакаш затоа што меѓу нас сè е во ред. А, ако се случи нешто чудно, дали ќе ме сакаш и тогаш?

– Во тој случај, оче, не знам.

– А, јас, чедо мое, ќе те сакам како и да постапиш со мене! И не само сега, кога ме сакаш и кога јас те сакам, туку и во иднина, ако се промениш кон мене, ќе продолжам да те сакам.

Така и се случило. Овој човек го наклеветил светиот Зосим и зборувал лоши работи за него. Свети Зосим дознал за тоа, но, во неговото срце не се случила никаква промена. Продолжил да го сака. И знаете светителот што направил еднаш кога го заболело окото? Го прекрстил окото и рекол: „Христе мој, по молитвите на мојот брат, кој ме клевети, излекувај го моето око.“ И љубовта направила чудо: окото оздравело.

И ти така постапувај и сè ќе биде добро. Затоа што понекогаш одмаздољубивоста, омразата, проклетствата и негодувањата водат во болести. Докторите постојано ни зборуваат за тоа, дека ракот и разните останати болести: чиреви, крварења на желудникот, хипертонија, притисок – предизвикуваат душевна напнатост. Што е душевната напнатост? Нејзиниот корен  е во недостатокот на љубов. Чувствуваш во другиот свој непријател. Не чувствуваш дека сте едно, дека сме сите едно. Не сме непријатели. Зошто се разделуваме? Зошто поделби? Каде ќе бидеш за сто години ти, и каде ќе бидам јас? Нели ќе бидеме сите пред Бога? Зошто тогаш да се караме? Зошто да не се сакаме? Зошто да не простуваме? Просто сме глупаци! Глупост е да не го сакаш другиот. А, да сакаш – значи да имаш голема памет, мудрост и светост. Божествено е да сакаш.

Архимандрит Андреј (Конанос)

 

Извор: http://pouke.org

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог