За бракот и семејството – Митрополит Атанасиј Лимасолски

– Владико, би сакал да Ви поставам неколку прашања за православното семејство – кои се особено актуели денес. Пред сè, како правилно да ја разбереме улогата и местото на жената во современото православно семејство?

– Безусловно, не е само да готви. На грчки, таинството брак се нарекува: „Последование на венчавање“. И велиме: „Се венчава Божјиот слуга Андреј за Божјата слугинка Марија“. Што значи тоа? Дека тој ја поставува на главата своја како венец. Се разбира, не како трновиот венец на Христа. Но како еден убав венец, со кој треба да се гордее и радува. Во древна Грција, со венци се овенчувале спортистите, атлетите. И сопрузите претставуваат еден за друг венци, кои Бог им ги дал.  Затоа, сопругот (сопругата) се труди да биде во својот живот чист и целомудрен. И пред Бога, тој (таа) ветува, дека ќе врват кон Бога со својата сопруга (сопруг).

Целта на бракот не е само во раѓањето на деца. Ниту пак се состои во среќата – тоа е второстепена цел. Во брак се стапува не само за да си поминеш добро и забавно. Целта на бракот е вечниот сојуз со Младоженецот – Христос. Затоа зборува и апостол Павле, дека „оваа тајна е голема“, споредувајќи го со бракот на Христос со невестата – Црквата. Ако не ни биде тоа прва цел, а сè второстепено го заземе првото место, тогаш бракот ни е во опасност – и може да се распадне. На пример, ако немаме деца, значи ли тоа дека бракот е невалиден или дека сме несреќници? Или ако имаме економски потешкотии, немаме куќа или нешто друго, значи ли дека бракот е неуспешен? Или ако жената се разболи и е прикована за постела, или детето ни се разболи, или самите ние сме болни, значи ли дека бракот ни е несреќен? Не, се разбира, напротив! Тоа значи дека бракот има повеќе можности за достигнување на својата главна цел.

Еднаш, кај старец Пајсиј, дошла група од млади студенти. Тие го замолиле: „Моли се да најдеме добри девојки и тие да ни бидат добри сопруги“. А старецот, многу сакаше да се шегува, и ги праша: „А вие црковни луѓе сте?“ Тие му одговорија: „Ех, се трудиме“. – „А нели ви е срам да барате добри девојки?“ – Отче, а какви да земеме?“ Тој им рече: „А што ќе стане со другите девојки, нив кој ќе ги земе? Да не треба нив да ги затвориме во конзерви, како сардини? Добрите нека ги земат лоши, а лошите да земат добри. Ќе се молам да си најдете најлоши девојки на светот“. Се разбира, после половината од тие младичи станаа монаси.

atanasijlimasolski

– Што треба да прави сопругот, кога другиот не сака да има деца или да се повеќе?

– Треба да ја почитува слободата на другиот човек. Не може во бракот да донесуваме самостојно решенија. Дури и за личните детали од сопружничката врска. Свети апостол Павле вели: „со согласност“ и не едниот од двајцата сопрузи да решава. Свети Јован Златоуст имал многу причини и многу слова за тие сопрузи, кои поради благочестие им предизвикувале непријатни ситуации на своите сопрузи преку воздржание или преку различни аскетски подвизи. Во бракот не си сам, и не можеш да решаваш сам. Ти постоиш заедно со другиот човек. И ако ја пожртвуваш својата волја заради љубовта на твојот сопруг или сопруга, тогаш ќе почне да дејствува Божјата благодат и сè ќе стане подобро.

 

 

Митрополит Атанасиј Лимасолски

Извор: pravoslaven-sviat.org