Бог нè слуша, дури ако сè уште не сме дошче кај Него. Веројатно, секој уште пред крштението имал опит на некоја топла, не целосно освестена молитва. На темата „Првата молитва“ Правмир направи конкурс од раскази, и прво место зазеде неверојатната историја на Владимир Черноскутов. Подолу го пренесуваме целиот расказ:
Мајка ми ме крсти кога имав 7 години, во единствената активна, во тоа време (1985 г), црква во градот. Дури некое време посетував и воскресна школа, до девет години. Накратко, зрното беше посеано, и основите на православната вера ги знаев уште од дете. Само што успешно и ги заборавив. Многу брзо.
Учев во лингивстичка гимназија, доста успешно, и сè ќе беше добро, и верник, и перспектива за стекнување со престижно образование, но… со распаѓањето на Советскиот Сојуз дојде и „долгоочекуваната слобода“. Тинејџерите добивме слободен пристап до цигари, алкохол.
„Златното детство“ ми траеше до осмо одделение, а младоста веќе почна да ми се мери со неизмерни литри на алкохол и кутии цигари. Во еден од таквите, веќе привични мои денови, украдовме од еден двор неколку кокошки, вино и „се подруживме весело“.
Си одам јас низ населбата пијан, во раката печен копан, јадам и – од кај се најде, мајка ми отспротива (колку да забележам – од мајка ми се плашев како од оган, ме тепаше како дива коза), ме виде, и се разбира, тргна по сукалото. А јас, како да бев глуп, со печена кокошка во забите, пијан (од каде ми падна на памет) ѝвелам: „Мамо, јас в црква ќе одам“. И ја летнав! Но ја летнав в црква, си помислив – оди таму, в црква нема да те тепа.
Стојам во нашата полуразрушена селска црква, и ја чекам со страв мајка ми со сукалото, знам дека казната ќе биде жестока. И не ќе се молиш: „Боже, било што испрати ми, но исправи ме и мајка ми да не ме натепа!“ Мајка ми изгледа си замина дома, и „празникот“ вечерта си продолжи.
А ноќта, со еден другар, веќе несвесни од алкохол, проваливме во првата продавница од нашата улица. Изнесовме водка, вино, бомбони, цигари за доста голема сума за тоа време (петстотини рубљи). Секако, се најдоа очи и уши да кажат, и на крај, ни рекоа – или ќе ја надокнадите штетата, или в затвор. Каде да одам? Каде да најде толкави пари малолетник без рабта?! „Да, ми испрати Боже „било што“ – си помислив, – нема пиење повеќе!“
Во градскиот соборен храм, во тоа време се вршеше реставрација, таму порано се наоѓаше локалниот музеј, и мајка ми ме однесе таму. Влеговме кај секретарот на Епархијата, Бог да му подари Царство Небесно, и му ја раскажа мојата бедна положба. Стојам, молам – дајте ми петстотини рубљи, а јас тие пари ќе ги одработам, тули ќе носам (реновирањето веќе беше доста забрзано). И секретарот наеднаш ме праша: „А ти Вова, што работиш дома?“ – „Ништо, што. Пијам водка и свирам на гитара!“ – одговорив искрено. „Тогаш во хорот ќе попееш, ќе одработиш“.
Владиката ја потпиша мојата молба за да ми дадат 500 рубљи и да ме вбројат во хористите. И веќе дваесет и две години пеам во соборниот храм во Архиерејскиот хор. Имам и семејство: паметна сопруга и чудесна ќеркичка. Пијаната молитва-молба „Испрати ми Боже, било што“, беше не само услишана, но и веднаш, на чудесен начин исполнета.
Спомнувајте си секогаш, во секоја состојба, во секоја ситуација за Бога, зашто Тој нè слуша, нè љуби и нема да нè остави, ако ние не Го оставиме. И не заборавајте да благодарите, како што јас бев благодарен за виното, за продавницата. Да не го дадеше Бог тоа „било што“, не би било тоа што го имам. Слава ти Боже наш, слава Ти.
Извор: http://www.pravmir.ru