„Господи прости им, оти не знаат што прават!“ – тоа била последната молитва на великата кнегиња Елисавета, пред да ја проголта црната провалија од напуштениот рудник.
Таа, свесно одела кон таа бездна и категорички одбила да ја напушти Русија, кога завладеало беззаконието. Таа одела по Христа и нејзините духовни очи, ја следеле светлината на Воскресението, која блескала во провалијата. Што ја довело до далечното уралско гратче Алапајевск, кое ќе стане нејзина Голгота – нејзина, на благородничката, туѓинката? Што ја предало во канџите на непознати луѓе, кои биле управувани од демонското зло? Нивните животни патишта никако не можеле да се вкрстат. Ги видела тие луѓе прв и последен пат во животот. Таа се сретнала со нив, за тие над неа да извршат пресуда, од за неа непознат суд. Но, сето тоа било расудување на луѓе. А, Божјото расудување? За Бог тоа било суд човечки: за Бога, или против Бога.
И, големата кнегиња Елисавета, поранешна протестантка, која го примила православието во својата нова татковина и ја засакала православната Црква и Русија „дури и до смрт“, одговорила на злото. Како и да ѝ пресудило разузданото, безумно зло, таа го примила тоа како пресуда од Небесата, како можност која ѝ е испратена, за на дело да ја потврди смислата на целиот нејзин живот.
Љубовта спрема Бога и љубовта спрема луѓето, била вистинска смисла на нејзиниот живот, и љубовта ја донела великата кнегиња на крст. И нејзиниот крст пораснал и се присоединил со Христовиот Крст, и тоа беше нејзината награда.
Големата кнегиња го изгубила сопругот, кој пострадал од злонамерните раце на терористите. Со сопствени раце го собрала тоа што останало од човекот кој го сакала, и носејќи во срцето болка од страшниот губиток, оди во затвор да ги посети злочинците, со Евангелието во рака, за да му даде прошка и окајаниот го довела до Христа.
Целиот нејзин подоцнежен живот во Русија бил испреплетен со милосрдие и служење на Бога и луѓето. Великата кнегиња, собрала сестринство и го основала Марто-Мариинскиот манастир. Го следела примерот на овие две евангелски сестри и им служела на сите бедни и сиромашни. Таа, во тоа дело ги вложила сите средства, дала сè, без остаток, и самата се посветила на тоа, сè до крајот. Нејзината љубов спрема луѓето била возвратена со љубов од другите спрема неа.
Монахиња Варвара, која ѝ помагала на својата матушка, великата кнегиња. во сите денови од нејзиното служење, не посакала да ја остави ниту во нејзиниот последен подвиг на страдање. И, таа го украсила маченичкиот венец со своето самоодрекување и самопредавање.
Во тешката 1917 година, кога царувал метеж, кога се рушело устројството на некогашната Русија, кога се спремале да го убијат царот и со самото тоа руската државност, кога богохулниците кренале рака на сѐ што е свето и пукале дури и на ѕидовите од Кремљ, великата кнегиња Елисавета напишала, дека во тој трагичен момент почувствувала во каква мера Православната Црква навистина е едната вистинска Црква Господова. „Чувствував толку голема жалост спрема Русија и нејзините деца – пишувала таа – кои во овој момент не знаат што прават. Зарем тоа не е едно болно дете… Сакам да го земам на себе неговото страдање, да го научам да трпи, да му помогнам… Света Русија не може да загине. Но, Великата Русија, за жал, веќе ја нема. Целосно е срушена Великата Русија, храбра и беспрекорна.“
И од урнатините и пепелиштата на Русија, од болката на целиот народ, од неброените нејзини страдалници, се слуша гласот на светата жртва, која го поткрепува животот: „Света Русија и православната Црква, која вратите на адот нема да ја надминат – живее и ќе живее понатаму, повеќе отколку некогаш.“ Тие зборови ги напишала во предвечерието на нејзиното страдање.
„Уверена сум – продолжува таа – дека Господ Кој казнува, е Оној истиот Господ кој сака.“ Ете ја мерата на нејзината духовна големина, ете ја мерата на нејзината исцрпеност. Таа, веќе самата станала доброволна жртва, и Господ ја прифатил нејзината жртва за Русија, која таа толку ја сакала. И, не би имале никаква власт над неа, тие џелати кои се појавиле од никаде, ако тоа не им било дадено од Небото. Сите, кои биле со великата кнегиња Елисавета, живи се фрлиле во дупката од рудникот, освен еден кој им се спротивставил. Не умреле во истиот момент. Уште долго, мештаните, од длабочината на земјата, служеле Херувимска песна. А, великата кнегиња и таму, во нивната братска гробница, го продолжила делото Божјо – со својот апостолник ја преврзала главата на еден од повредените, кој бил со неа.
Кога по три месеци после смртта на мачениците, го пронашле местото на нивното упокојување, виделе дека големата кнегиња лежела на длабочина од 15 метри, држејќи ја иконата на Спасителот на прстите, со која била благословена во денот кога го примила православието. Праведниците вечно живеат!
Руските новомаченици се оние жртви, кои ги очекувала Вселенската Црква – тие го дополниле бројот на убиените заради Словото Божјо. И кој знае, уште колку ќе трае таа „мала“ апокалиптична доба, во која овоземната Црква созрева за Судот Божји, кој ќе се одмазди на сите живи на земјата за пролиената крв на праведниците?
Архимандрит Јован (Крестјанкин)
Превод: Младен Јовчески,
дипломиран теолог
Извор: http://www.pravoslavie.ru