Во Неделата на Светиот Дух, Педесетница, Црквата продолжува да го празнува доаѓањето на Светиот Дух во светот. Го обраќа нашето внимание на конкретните плодови на Светиот Дух во Црквата и во светот, после Педесетница. Какви конкретни плодови? Тоа се светителите на Црквата Божја. Минатата недела беше Недела на Сите Светии. Црквата како да ни рече: Христос е Лозата, како што и самиот Он се споредува, Светиот Дух е сокот кој тече во таа лоза, а гроздовите, конкретните зрнца и гроздови кои се раѓаат од неа, се конкретните плодови, светителите, кои напоени од тој Дух, засветлиле на многу различни места територијално, но биле напоени од истиот Дух, Духот Свет.
Затоа, и понатаму, секоја недела по Педесетница, Црквата и понатаму си спомнува за собор на светители, но овојпат веќе локални, особено од оние места, каде што имало многу светители. Нашата Руска земја навистина е прославена со многу светители, почнувајќи од древните векови. Во списокот на иконата на Руските светители влегува дури и апостол Андреј, кој некогаш, според преданието, ја осветил земјата со своите стапки, искачувајќи се преку Грузија, Крим, можеби преку Днепар и Днепарските планини, дури до Новгород и Валаам според некои преданија. А потоа се вратил во Патра, каде и пострадал.
И понатаму, списокот на тие светители, како плод на Духот, и „она што го направи Христос“, не можеме да го доброиме според зборовите на Апостолот: благоверните кнезови, Светите кнезови Владимир и Олга, новгородските светители, во кои спаѓа и Јарослав Мудри, и многу други кнезови, можеби и непрославени, но блиски до светост, како што бил Владимир Мономах, кој им оставил чудесен аманет на своите деца. Во тоа време, кога немало реклами и билборди по патиштата, тој им велел: Синко мој, кога одиш по пат, наместо да гледаш по страните и да размислуваш неубави работи, кажувај во себе: Господи Исусе Христе, помилуј ме“. А поводи за да се размислува на неубави работи, имало многу помалку отколку сега. Да го спомнеме и мноштвото на преподобни светители, соловецките, оптинските, јуродиви, праведни, светители, епископи, митрополити; потоа, во истите влегува и списокот на новомачениците од 20-от век, кои ја пролеале својата крв. Како што знаеме, христијанството во Русија било примено без крв, но во 20-от век, тоа ја натопило земјата. Русија можеби им отстапува место, во славното примање на Христијанството, на Грузија, Ерусалим, Србија (иако апостол Андреј поминал во Русија уште во првиот век, христијанството вистински почнува да се развива тука, дури во IX век). Сето тоа бил сложен процес. Некои пагански песни од древни времиња се провлекуваат дури до сега. Не смее да се каже дека Света Русија е некој кристален идеал, кој постоел некогаш и некаде.
Поимот Света Русија го означува оној идеал, кој пред сè, го имале во срцата и умовите, луѓето кои живееле во нашата земја. Сега, за повеќето луѓе, светоста не е идеал. Тоа е некој апстрактен поим, па дури и да признаваат дека некогаш имало светители или и денес има, тоа како да се поинакви луѓе, речиси вонземјани, „а не како нас, обични, грешни, кои живееме на земјата, продаваме нафта и сл. Нема што да се зборува тука за светост “. Но сепак, како што вели апостолот, светителите се „луѓе подобнострасни нам“, исти по тело и крв, исткаени од истите гени, кои сепак, успеале да го победат гревот, и идеалот на Света Русија, дури не само меѓу светителите, туку и меѓу обичниот народ, секогаш го означувал оној стремеж, кон кој тие го насочувале својот ум и срце. Јасно, дека светоста е идеал кој ние во многу работи не го достигнуваме, и многумина не го достигнале, и не влегле во списокот на светителите. Но, сепак, како што велел владиката Венјамин Федченко враќајќи се од емиграција после војната, има многу луѓе кои влегле во Царството Небесно, но не се канонизирани од Црквата. Кои го љубеле Бога, се труделе во потта на лицето, ги воспитувале децата во вера и благочестие, како на пример таткото на Силуан Атонски, кого го знае веќе цел свет. Цела Европа, барем христијанската, слушнала за него. Многумина дури примиле свештенички или монашки чин со името Силуан, затоа што тоа беше како некое откровение, обичен руски селанец, кој живеел на Света Гора во XX век, да напише такви зборови, кои го допираат срцето на цивилизираниот европеец, кој ја изгубил смислата за животот.
А таткото на тој свети Силуан, кој станал толку познат, благодарение на отец Софрониј Сахаров, речиси никому не му е познат. Но, во сеќавањата на самиот преподобен Силуан, запишани во дневникот, можеме да прочитаме: „Јас би сакал да имам духовник, како мојот татко“. Свети Силуан дури ни духовник таков не нашол на Света Гора. Тој бил човек со чудесна вера, кротост и предаденост на волјата Божја. Кога еднаш, некои луѓе им краделе снопови со сено, се сеќава Силуан: „Јас како мал, отрчав кај татко ми и му реков: Тато, ни го крадат сеното – а тоа не е нешто обично, тоа е тежок физички труд, собран со пот на лицето за претстојната зима, а татко му рекол – Синко, но можеби и ним им е потребно“. Таква кротост имал тој човек, кој не влегол во светителите, што веројатно тој заедно со Свети Силуан е во Царството Божјо.
Денес, се сеќаваме на тие луѓе, кои живееле од поколение во поколение, секако паѓајќи, грешејќи како и секој човек, кој не е безгрешен, но се избориле и станале плодови на Духот. Ајде да не правиме бајковидни, цртани слики за светителите: се родил со ореол, и до крајот на животот живеел со ореол. Не е сè толку едноставно. Тоа е пат, кој треба да го помине секој човек. Таквото волшебно, „чоколадно“ претставување на светителите се родило на запад. Вистинскиот светител е борец, подвижник. Тој паѓа, добива рани, има многу болести и трудови, многу маки, и се надминува себеси. Ако ги прочитаме житијата на светителите, ќе видиме дека тоа е така. Тој воопшто не е некоја кукла, која се родила на нејасен начин, го избегнала гревот, и засветлила веднаш како ѕвезда, закачена на небото. Не, тоа биле обични луѓе, како и нас, но кои внимателно, реално, ги слушале Христовите зборови и ги применувале во животот. И гледајќи на тие луѓе кои живееле пред нас, треба да помислиме, дека не сме должни да ја величаме руската земја и да кажуваме колку сме големи, славни. Како што велел старец Пајсиј Светогорец: „Порано, на Света Гора живееја многу светители. А сега, доаѓаме на Света Гора, се нарекуваме светогорци и го креваме носот.“ Да не биде тоа ни со светогорците, ни со нас. Не треба да се удираме во гради и да кажуваме дека сме руси, туку да се укориме и да се прашаме што сме направиле ние, за оние отци и праотци, и нашите претци, кои тоа го изградиле, како што можеле, колку што успевале, (а успевале доста добро, во споредба со современото, безволно човештво), колку сме ние достојни за тие предци.
Нивниот дух воопшто не бил националистички, или шовинистички, како што размислуваат оние кои ги обвинуваат православните дека се шовинисти. Тоа биле навистина луѓе со широк дух. Тие можеле да го примат секој човек. Во соборот на Руските светители влегуваат и германци, како блажениот Прокопиј Устјушки, и многу други нации, кои станале руси, затоа што го примиле тој дух. Русин, не е име на гени и ДНК, туку дух на соборност, кој во многу е изгубен од нашето современо општество. Најголемата загуба во годините на гонењето, не се ѕидовите на храмовите, па дури ни светињите, кои Бог може да ги обнови и од камењата да подигне чеда Авраамови, како што вели Евангелието. Но пред сè, луѓето кои што знаеле што е духот на љубовта и соборноста, и живот заедно, давајќи му место на Христос во нашата соборност. Соборноста не е комуна, иако комуната е пародија на соборноста, кога луѓето се собираат и решаваат нешто. Но, каде е Христос? Соборноста на Црквата, соборноста на народите, ја означува можноста да се вклучи било кој човек, кој го прима Христовиот Дух. Во вистинската соборност секогаш се чувствува присуството на Христос во Црквата, и во секое собрание на верните, дури и на чаша чај. Таа соборност сме ја изгубиле во годините на гонењата, и до сега во многу работи не е востановена. Еден човек ми рече: „Отец, во мојот опит, јас комуницирам со многу луѓе, – тој навистина е доста комуникативен човек, познава многумина во градот, и вели – ако се случи 50 луѓе да го сочуваат мирот помеѓу себе 10 години, јас ќе го наречам тоа чудо. Затоа што јас тоа не го гледам. Со кого и да се сретнам, завист, гордост...“ на крај, едноставно злоба, неумешност да се трпи ближниот, умешност индивидуалистички да се стремиме кон своето спасение, дури и во храмот, но неумешност да се молиме за сите – тоа е најголемата загуба. Сепак, Русија и нејзиниот призив е во соборниот дух. Таа не е залудно поставена од Бога помеѓу истокот и западот. Не залудно такви големи светители, како оптинските старци, такви големи мислители како Хомјаков А. С., Фјодор М. Достоевски, уште во XIX век ја гледале повиканоста на Русија да го собере човештвото кое се распаѓа. Иако луѓето велат дека се занимаваат со хумани, хуманитарни цели, но тие го цепкаат, дробат, и го раздробуваат Адам на најситни делови.
Русија треба, не со гени да се фали, кои се испомешани, туку со Духот Божји кој тука присуствувал од древни векови, можеби и не толку древни, но за нас древни времиња. И оние луѓе, кои ќе успеат да го примат тој дух на соборност, да Му послужат на Бога, ним нема да им биде срам да умрат, и да застанат пред Бога. А оние кои ќе мислат само за себе, па дури и само на личната светост и благобитност, или било што, но само она што е мое, моето семејство, дури и да е големо, тие луѓе одат против Духот Божји, против духот на оваа земја, и затоа нивното дело нема да се одржи. Тие нема да бидат среќни, дури и да се капат во златни базени.
Затоа, во овој ден, да Му благодариме на Бога што има таква нешто, како Света Русија. И ќе повторам, тоа не е чоколадна, бајковита слика, туку многу луѓе, кои со пот на лицето, од година во година, од век во век, се труделе над она што го рекол Христос, на кое што ги повикал и апостолите, како што слушнавме во денешното Евангелие: Врвете по Мене и ќе имате богатство, кое ни молец, ни рѓа го јаде. Тоа предание, тоа богатство можеме да го возродуваме во животот на секое мало семејство, парохија, обител, град, и секој нека размисли денес: какво начело може да положи за тоа, Духот на соборноста, Духот на трепетниот Христос меѓу апостолите и христијанските општини, кој живеел во руските православни општини кои некогаш живееле тука, да продолжи преку нашиот труд, во идните векови, колку Господ и да го продолжи овој век, а мислам дека ќе го продолжи.
Да не го повикуваме премногу брзо антихристот, како што тоа го прават некои наши зилоти. А свети Серафим Саровски рекол: Мислам дека ќе поминат 8000 години од Адам. А сега сме само 7525. Така што, браќа и сестри, подобро да се трудиме, отколку да се криеме од антихристот. Да се трудиме со пот на лицето, да се воспитуваме себеси и децата, да ја впиеме верата, така да се рече, на нивно на ген, и да сфатиме дека тоа не ние пофалба и чест, туку труд, дури и до последниот здив.
По молитвите на Сите твои светии, Господи Исусе Христе Боже наш, помилуј нè.
Амин!
(Проповед во Неделата на Сите Руски Светители и Сите Светогорски Светители,
Вирица, 18.06.2017 г.)
Јеромонах Методиј Зинковскиј