Црквата се наоѓа на 100 м. под регионалниот пат Макази –Маркова Нога, веднаш под раскрсницата од с. Претор, во областа Калуѓери, над детското одморалиште Мите Богоевски.
Според историските податоци црквата била метох на сливничкиот манастир и е постара од него (изградена во 14 век, на темелите на стара црква посветена на Св. Никола, а обновена 1916/17 г.)
Денес, црквата е малку позната и недоволно проучена.
Објектот е од типот на еднокорабни градби, со единствен влез од вратата на западната фасада. Апсидалниот триделен простор од источната страна се одликува со керамо-пластична ѕидарија комбинирана со камен, малтер и тула. Се претпоставува дека овој источен ѕид го претставува најстариот сочуван дел од објектот.
Црквата егзистирала и во 18 век (од средината на 18 век потекнуваат неколку икони создадени во работилницата на прочуените зографи од Корча, браќата Константин и Атанас, кои денес, поради лошата состојба на црквата се чуваат како музејски експонати).
Според кажувањата на Јон Суџов, во дворот на црквата бил погребан некој владика.
Во својот фељтон Преспа историска енигма, Кирил Јоновски истакнува дека во црквата Св. Сава постоела издлабена икона во која се чувале записи на пергаменти, родослови за фамилијата Суџовци, како потомци на болјарот дедо Симеон, кој според преданието низ генерациите имал болјарски статус и бил голем земјопоседник во непосредна близина на Самоиловата престолнина.
Преданието вели дека неговиот прадедо Петар бил ученик на Чудотворецот. За статусот на фамилијата Суџовци зборува и податокот дека тие имале изградено 3 цркви, првоизградената Св. Марија Богородица, на самиот брег на езерото, Св. Атанас до патот, најверојатно некогашна улица на градот Претор, која се протегала од самиот брег, преку сегашното село и до денешното Курбиново, а третата била црквата Св. Сава, обновена во 14 век на темели на стара црква Св. Никола. Првите две цркви се разрушени во дивеењето на Али паша Јанински кон крајот на 18 век, единствено е зачувана Св. Сава. За време на турското ропство, поголем дел од имотот на Суџовци бил одземен, со цел да го заштитат најплодното и најблиското земјиште од одземање и го подариле на црквата Св. Сава. Таа месност, оттогаш до денес носи име Резиње, што значи подарено. Откако го заштитиле имотот преку црквата, таму населиле неколку фамилии да ја обработуваат подарената земја. Подоцна, неколкумина од родот на Суџовци се замонашиле.
Кај некогашниот смокварник, Турците насилно ја убиле момата Калина во чиј спомен и денес тамошната чешмичка се вика Калино-чешмиче.
Секоја година се одржувал народен собир на втор ден Велигден во дворот на црквата. При еден таков собир маченинчки пострадал Трајче од Претор. Дошле луѓето на Али Паша Јанински и го заробиле, успеал да им побегне, но Турците го фатиле и влечејќи го на коњ, го донеле до дворот на црквата Св. Сава, каде на стомакот му истуриле врела маст.
Во 1927 г. мистериозно исчезнува иконата со старите пергаменти и други записи на родословието на Суџовци, а многу стари документи и записи, чувани во домовите на Панде и Јаким беа изгорени од српските џандари, на самиот празник Крстовден. Во времето на деталниот претрес и горењето на сè што нашле пишано во двете куќи (покрај другото и вредни старословенски и понови книги и сл.), луѓето се наоѓале на Задушница во селската црква Св. Архангел Михаил.
Денес црквата се наоѓа во многу лоша состојба, покривот е целосно испаднат, постојат видливи остатоци од конаците и црковната библиотека, која е запалена 1946 г., од страна на тогашниот комунистички режим. Јужно од црквата, сè уште постои штала.
Во 60-те г., со цел да ја заштити, локален селанец ги варосал ѕидовите на црквата, односно фреските.
Од импозантно значење е иконата посветена на Св. Јован Крстител, изложувана на неколку светски изложби. На иконата фронтално е претставен Св. Јован Крстител, со ангелски крилја. Со десната рака благословува, а во левата ја држи отсечената глава. По своите стилско–ликовни особености е атрибуирана како дело од прочуената зографска работилница на браќата Константин и Анастас од Корча, од втората половина на 18 век.
Поради состојбата на црквата, иконата се чувала во Музејската збирка на Ресен. Пред 15 г., е дадена во Заводот за заштита на културно историски споменици за реставрација, но сеуште не е вратена. Побарана е информација од ЗЗКУС и се чека одговор.
Подготви: Марија Касовска