СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ, ЧУДОТВОРЕЦ – протоереј Златко Ангелески

„Таков Првосвештеник и ни требаше:

свет, незлобив, непорочен, одвоен од грешниците и повисок од небесата“

(Евр. 7: 26)

 

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

 

Во денешно време честопати го слушаме зборот „Мисионер“, а речиси малкумина од нас ја знаат неговата суштина. Многумина наши современици, кога ќе го слушнат овој збор, помислуваат дека тој има некаква империјалистич­ка позадина, која асоцира на поробување и поткупување. Тој збор го изедначу­ва­ат со зборот „Пропаганда“. Меѓутоа, тоа не е така. Не, барем кога е во прашање свети Климент.

Да се биде мисионер, тоа не е исто како да се биде политички агитатор, активист и пропагандист. Агитатор може да се биде за плата, активист од мода, а пропагандистот не мора да верува во она што го зборува. Меѓутоа, да се биде мисионер, каков што бил свети Климент, е исто што и да се биде Апостол. Токму затоа, за свети Климент велиме дека е Рамноапостолен. Апостолот никогаш не прашува за своето јас. Тој никогаш не бара некакви свои интереси. Напротив, тој секогаш е подготвен целиот да се жртвува за своето апостолство. А, да се биде Христов апостол, тоа значи, своето јас толку многу да се потчини на Светиот Дух и толку многу да се спои со Христа, па во секој момент да може да рече за себе: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“. Овие зборови со потполно право можел да ги каже и светиот Климент.

Во исто време, да се биде апостол, тоа значи да се биде Христов сведок. А, пак, да се биде сведок, тоа значи да се биде очевидец, бидејќи само очевидецот има морално право и квалификации да сведочи. Оној, кој не е очевидец, тој не е ниту сведок. Токму такви вистински сведоци и очевидци биле апостолите. Тие биле дури и повеќе од тоа. Личноста на Спасителот Христос е единствената личност во историјата на човештвото за која, кога се сведочи, може да се сведочи со својата глава. Такви, а не обични сведоци, бара Господ Исус Христос. Таквиот сведок мора да има, пред сè, бестрашна храброст, мора да има чисто срце и незлобивост како од гулаб, а такви дарови имал свети Климент.

Меѓутоа, можеби сега сите се прашуваме: како можел свети Климент, по речиси илјада години, со своите уши да слушне и со своите очи да види, за да биде Христов сведок и Христов апостол, па со право да го нарекуваме – Рамноапостолен?

Sveti KlimentНавистина, свети Климент со своите телесни очи не можел да го види воскреснатиот Христос, ниту, пак, со своите раце да Го допре, како што тоа можеле да го направат апостолите. Меѓутоа, постојат два начина на кои Господ Христос конкретно, реално и постојано пребива во овој свет. Тие се: Светата Причест и Неговата Црква. Никој сериозен нема да тврди дека Црквата постои од вчера или завчера, туку таа постои од Христовото време, од времето на Неговите апостоли. Тоа значи, како што апостолите биле Христови сведоци пред своите современици, така и Црквата, пред историјата на човештвото, е Христов сведок низ сите времиња. Затоа, можеме да потврдиме дека свети Климент Го видел Господа Христа во Неговата Црква, од која ја слушнал истата онаа наука, како пред речиси илјада години да не бил во монашка раса, туку на бреговите на Генисаретското езеро.

Навистина, свети Климент живеел во христијанска земја и во христи­јанско време, а не во времето на Кајафа, Нерон, Диоклецијан и останатите мачители на христијаните, за да имал можност пред нехристијанските власти да ја покаже својата апостолска храброст и своето сведочење да го потврди со мачеништво. Но, полето на неговата мисионерска дејност поставува­ло такви задачи, за чие исполнување била потребна апостолска храброст и мудрост, евангелска незлобивост и светителско чудотворство. Овие квалитети, несомне­но, ги поседувал свети Климент. Ќе набројам, само накусо, што требало да направи свети Климент како апостол, како рамноапостолен.

Прво, требало македонскиот народ дефинитивно да го извади од темнината на многубоштвото, чии траги во негово време сè уште се чувствува­ле, бидејќи македонскиот народ сè уште не бил целосно христијанизиран. Свети Климент одлучил таа половичност да ја истреби. Тој сакал македонскиот народ, како целина, толку цврсто да го накалеми на Христовата лоза, за да може целиот народ да ја почувствува Христовата убавина. Тоа било голема и тешка задача. За обичните човечки сили оваа задача е неможна и недостижна. Но, за апостолската ревност на свети Климент, за силата на Христовиот Дух која пребивала во Него, тоа не било неможно.

Понатаму, свети Климент сакал својот род да го просвети со Христовата наука. На ова поле тој лично се трудел, давајќи ни импулси денес да го продолжиме ова дело. Затоа, во негово време биле отворани духовни школи, во кои веронауката се изучувала како главен воспитен предмет, преку кој детската душа се формира, за од него да не постане хулиган, ниту, пак, интелектуален и морален инвалид, туку да се формира и образува во чиста, цврста и разумна личност.

Свети Климет сакал своите чеда да ги издигне и во материјално-економски поглед. Затоа, светиклиментовите манастири биле и економски училишта од свој посебен вид.

Свети Климент сакал на своите чеда да им обезбеди и национална државна слобода, бидејќи знаел дека, народ без своја држава е исто што и бескуќникот. А државата, без своја национална Црква, иста е како и телото без својата душа. Со својата апостолска храброст, свети Климент ги скротил како јагниња сите непријатели на нашиот род и Црква. Затоа и денес ја имаме својата држава и својата Црква, само поради светиклиментовата апостолска храброст, за која и денес со пиетет зборуваме.

Свети Климент добро знаел дека, само слободните луѓе и слободните народи можат слободно и морално да делуваат. Затоа се залагал за самостојност не само на Охридската архиепископија, туку и за самостојност на Македонската држава. Тоа, во она време, било пресудно, бидејќи и тогаш, како и покасно, но и денес, врз Македонија, навалувале многу непријатели и од Исток и од Запад. И како што во прашањето на Црквата, така и во прашањето на државата, свети Климент поставил единствено и неминовно начело – ни лево ни десно, ни на Исток, ни на Запад.

Оваа задача на свети Климент низ историјата била тешка и судбоносна. Практично, тоа значело вратата на својата Црква и на својата земја, пред сите свои непријатели да се чува секогаш затворена, а клучот од таа врата добро да се чува од сите освојувачи. Кон овој завет и аманет на свети Климент и нашата Црква и нашиот народ останале верни до денешни дни.

Имајќи го сето ова во предвид, во овој момент размислувам вака: кога би имал уметнички талент и сликарска дарба, би го насликал свети Климент на една икона, како стои пред Христа, а во раката ја држи, не макетата на светиклиментовата црква во Охрид, малку е тоа, туку целата Македонска Црква. Замислете само, колку милиони православни македонци има од свети Климент до денес. Сите нив тој ги преродил со Светиот Дух. Тука би ги насликал безбројните црнорисци, безимените пишувачи и препишувачи на старите македонски книги, безбројните безимени сликари и архитекти – градители на старите прекрасни македонски манастири, безбројните ерарси – наследници и следбеници на свети Климент, многубројните македонски војници кои умееле за својата вера и слобода да ја пролеат својата крв. и тоа без жалење и двоумење. А тие војници не умирале за да ја наметнат својата вера некому со сила и измама, туку од силата и измамата да ја одбранат. Тука би ги насликал и многубројните наши научници, чија наука наоѓала смисла во светиклиментови­от идеал, како и многубројните уметници – црковни композитори. Тука би биле и безбројните маченици, кои во тешки маки умирале за својата вера. Тука ќе има место и за безбројните македонски деца, момци и девојки, разделени од своите родители и домови, искорнати од прегратките на своите мајки и водени по логори и ропства. А целата оваа светла поворка, би ја нацртал како свети Климент ја изведува пред својот Господ и вели: „Еве го, Господи, апостолскиот талант, кој Ти си ми го дал, а јас не го закопав. И должноста поради која си ме испратил во македонската земја ја исполнив. Ти ја предавам Црквата Македонска. Црквата славна Православна. Црквата исполнета со духот на љубовта и слободата, исполнета со Духот Твој, Духот Свет. Црквата маченичка и победничка. Црквата чиста и без порок. Токму онаква Црква, каква што Ти, Господи Пресладок, секогаш си посакувал“.

На овие зборови, Господ Исус Христос би му одговорил на свети Климент со исти зборови, како што и ние му пееме во неговата богослужба:

„Радувај се, светителу Клименте, Македонски просветителу!“. Амин!

 

(од книгата „Зборник празнични проповеди“)