Преспанската котлина е богата ризница на културно историски раритети ,кои за жал се мошне малку и недоволно проучени. Еден од нив е и пештерскиот манастир Св. Спас во с. Евла, единствен од ваков вид во Преспа и околината.
Пештерните цркви датираат од 9 век, а подоцна во 13 и 14 век, настанале првите живописи кои можат точно да се датираат по трагите што на нив ги оставиле иконописците од сликарските школи, кои твореле на Балканот и оттука сличноста на фрескоживописот, со оној на најпознатите манастири. Преку оригиналните композиции се следат уметничките тенденции кои провејувале во средновековното православно сликарство.
За пештерни цркви, обично се користеле природни пештери, понекогаш сместени високо во карпите, кои ако било потребно, можеле дополнително да се преградат со ѕид од кршен камен. Подоцна, кај некои од нив се доградувале и конаци. Во пештерни цркви спаѓаат и голем број на монашки испосници.
Св. Спас се наоѓа 3 километри западно од селото Евла, во близина на локалитетот Елски Копанки. Сместен во пазувите на живописна природа, со убавата шума околу него, зелениот папрат, тревњаците и планинската студена вода, е атрактивно излетничко место за населението на цела Преспа и пошироко. До него се оди по адаптиран шумски пат, во секое време може да се дојде и со моторно возило. Просторот на манастирскиот комплекс е уреден. Автентични се само пештерите, додека другите објекти во манастирот се изградени во последните 40 г. Првобитната пештерна црква е доградена и проширена. Фасадите се малтерисани и варосани. Живописот сочуван на карпа се наоѓа на северниот ѕид, од кој, единствена фреска сочувана на сводот е претставата на Исус Христос. Иконостасот и дрвениот носач се од резба, премачкани со бронзена боја, дело од поново време. Црквата е живописана и во 2012 г.
Од круцијално значење е една графика – литографија на Седмочислениците од 1869 г. Ова е најстарата позната претстава на која св. Наум Охридски е насликан како архиереј, а св. Ангелариј како Герман-ски. Средишниот дел на композицијата е идентична со претставите во Ботун, Мешеиште и Црвена Вода. Оваа композиција е застапена во делата на дебарско – мијачките зографи, следбеници на Дичо Зограф и неговиот син Аврам.
За староста на манастирот нема пишани податоци. Се смета дека потекнува од поствизантискиот период. Првобитната локација била југозападно од селото, во локалитетот Стара Спаса, на десниот брег на Елска река, на едно зарамнето плато.
Денес постојат остатоци од мала црквичка Св Спас. Археолошките остатоци се материјален доказ од мистичниот превез на преданијата за манастирот, кога Турците го испоганиле , иконата што била таму, жителите ја нашле на неколку километри од селото Евла, каде што била подигната црквичка, веднаш до пештерата до која само лежечки се приоѓа, за да се наполни лековита вода од изворот што го има под планината. Се спомнува дека црквата била изградена од некој Влав Палагимот, кој сонил дека иконата од блискиот манастир Св. Спас, заедно со дабот дошла и застанала на местото на кое денес е поставена црквата. Секоја година на самиот празник Вознесение Христово, на едно место во пештерата извира вода, што не може да се види во било кој друг ден.
Над карпите каде што се наоѓа пештерата е изграден крст во комплексот на црквата, како и конаци и прифатилишта за многубројни посетители.
Подготви: Марија Касовска