Студенти од Теолошкиот факултет учествуваа на Демирхисарската летна школа

По Божја промисла од 07 до 14 јули 2017 година се одржа првата Демирхисарска летна школа. Овој проект е дел од IV Демирхисарско културно лето – 2017, кое што од година во година – сѐ повеќе и сѐ повисоко се воздигнува и се потврдува како една од најпрестижните и култни културни манифестации, како во општината, така и во регионот и пошироко.

Демирхисарската летна школа како проект се роди благодарение на општината Демир Хисар – градоначалникот г. Љупчо Блажевски и локалната самоуправа, кои изминатите неколку години посветуваат големо внимание на промоција на културното наследство во Демирхисарско, со особен акцент на манастирот „Свети Јован Претеча“ во село Слепче. „Демирхисарка летна школа 2017 – историја – археологија – архитектура – уметност“, се реализира во функција на продолжување на долгорочните планови и активности на локалната самоуправа, а со финансиска поддршка на Министерството за култура, како и со партнерство на: Македонската академија на науките и уметностите, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, Преспанско – пелагониската епархија, Манастирот „Свети Јован Претеча“ – Слепче, International Music and Art Foundation, Православниот Богословски факултет; Архитектонскиот факултет, Филозофскиот факултет (Катедрата за историја и Катедрата за историја на уметност и археологија), Домот на културата „Илинден“ – Демир Хисар, Средното општинско училиште „Крсте П. Мисирков“ – Демир Хисар, Основното општинско училиште „Гоце Делчев“ – Демир Хисар, Државниот архив на Македонија – Одделение во Битола и Здружението „Архивист 2“ – Битола. Со тоа, на еден впечатлив начин се успеа да се прошират активностите околу промоцијата и доближувањето на културното наследство на Демир Хисар и Демирхисарско. Оваа промоција успеа да се прошири во повеќе домени, вклучувајќи ја историјата, археологијата, архитектурата и уметноста со една поширока хронологија, третирајќи повеќе сегменти од постарата и поновата историја на Демирхисарско.

Раководител на Школата беше градоначалникот на општината Демир Хисар, г. Љупчо Блажевски, а предавачи беа: проф. д-р Сашо Цветковски (Центар за истражување на културното наследство – МАНУ), кој воедно беше и Научен раководител на Школата; проф. д-р Ванчо Горгиев (Филозофски факултет); проф. д-р Елизабета Касапова (Архитектонски факултет); проф. д-р Виктор Лилчиќ (Управа за заштита на културното наследство) и асс. м-р Виктор Недески (Православен Богословски факултет).

На Школата учество зедоа повеќе секции, составени од: студенти – додипломци, постдипломци од Архитектонскиот, Философскиот и Православниот Богословски факултет, како и докторанти, научни работници, истражувачи, кои заедно со своите раководители поминаа прекрасна седмица во Демирхисарскиот регион. Дел од учесниците беа сместени во Битола, а останатиот дел во мотел – ресторанот „Чичко Таљо“ во градот Демир Хисар, додека пак учесниците од Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје: асс. м-р Виктор Недески (раководител на теолошката секција); теолог Петар Петковски (постдипломец); теолог Стефан Цветановски, студентите Јордан Петрески (апсолвент), Дејан Блажески (апсолвент) и Андреј Иваноски, беа сместени во манастирскиот комплекс „Свети Јован Претеча“ во Слепче.

Првата Демирхисарска летна школа беше прогласена за отворена во склоп на отворањето на IV Демирхисарко културно лето – 2017. Манифестацијата започна на 07 јули (петок) во Слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ со света Божествена Литургија по повод празникот Раѓање на свети Јован Крстител, кој е и главна слава на манастирот. По тој повод со Божествената литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослужение на повеќе свештенослужители. Пред почетокот на литургијата, во чин чтец беа ракопроизведени богословите Ѓоко Смутковски и Благојче Трошевски.

Веднаш по литургијата се одржа пригодна традиционална културно – уметничка    програма. На свеченоста присуствуваа голем број на гости и претставници на научниот, дипломатскиот, црковниот, јавниот, културниот и политичкиот живот. Свој говор на свеченоста одржа градоначалникот на општина Демир Хисар г. Љупчо Блажевски, кој поздравувајќи ги присутните гости, како и академиците Цветан Грозданов и Вера Битракова – Грозданова, меѓу другото рече дека на овие Демирхисарски простори, низ најразлични периоди од историјата се раѓале, живееле и на трогателен начин биле измачувани или крвавеле голем број македонски страдалници и херои, со што се исцртувале темелите на современата македонска државност.

На свеченоста говореше и проф. д-р Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ. Тој говореше за значењето на првата Демирхисарска летна школа и научните придобивки кои се очекуваат да бидат постигнати во областа на археологијата, архитектурата, уметноста и историјата. По повод празникот Иванден и отворањето на Демирхисарското културно лето и Демирхисарската летна школа, своја беседа пред присутните одржа и Митрополитот г. Петар.

Во уметничкиот дел беше изведен сценско – драмскиот рецитал „Македонска Библија“ според текстот на Зоран Пејковски, а настапија и студенти од Факултетот за драмски уметности во Скопје, како и познатата етно група „Синтензис“.

Во продолжение беше промовиран зборникот „Манастирот свети Јован Крстител – книжевен, духовен и уметнички центар“, којшто беше плод на истражувањата на еминентни научници од Македонија и од странство од областа на книжевноста, историјата на уметноста, архитектурата и археологијата, кои беа презентирани на Меѓународниот научен симпозиум одржан во 2015 г. Промоцијата на книгата се одржа во реновираната сала за културно-уметнички настани во манастирот, а промотори беа академикот Цветан Грозданов и деканот на Православниот Богословски факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски. Потоа се одржа првата јавна проекција на документарниот филм „Духовни мироточенија“, во продукција на Македонската телевизија, а според сценарио и режија на Крстинка Билјанова и Перо Попов.

Манифестацијата заврши со свечен ручек заедно со митрополитот Петар и останатите гости, приреден од страна на сестринството на манастирот, по што следуваа слободни активности, сместување, запознавање со другите работни секции, консултирање на работната програма итн.

Утредента, на 08 јули (сабота) Теолошката група го започна денот со Утринска богослужба во чест на свети Ѓеоргиј Кратовски. По доручекот, раководителот на групата асс. м-р Виктор Недески ја одржа првата работна сесија на тема „Светоста во Православната Црква“. На предавањето се разви добра дискусија за денешното разбирање на поимот светост. Потоа проф. д-р Сашо Цветковски ја запозна групата со општата средновековна историја на Демирхисарскиот регион. Дел од групата своето попладневно слободно време го искористи за прошетка до параклисот посветен на светиот Јован Богослов, кој се наоѓа блиску до манастирот. Таму групата се задржа околу еден час, при што беше извршено детално фотографско документирање на храмот. По ручекот во манастирот, во попладневните часови беше отслужена Воскресна вечерна богослужба. На вечерната работна сесија, асс. м-р Виктор Недески продолжи со наредното предавање на тема: „Агиолошките извори“, по што следуваше прошетка во градот Демир Хисар.

Наредниот ден – 09 јули (недела) пред почетокот на Литургијата, игуменот на манастирот, Неговото преподобие, јеромонахот Серафим ја запозна Теолошката група со големината на служењето на свештеникот за време на Литургијата. По отслужената Божествена Литургија и по заедничката трпеза, започна предавањето на проф. д-р Сашо Цветковски, кој ја запозна групата со фрескоживописот на манастирскиот храм „Свети Јован Претеча“. Во оваа прилика во посета на работните групи по теологија и архитектура, кои своите активности ги извршуваа во манастирскиот комплекс, дојде градоначалникот на општина Демир Хисар, г. Љупчо Блажевски, кој од страна на предавачите беше запознаен со активностите на групите. Теолошката група имаше своја задача да ја запознае пошироката јавност со современите агиолошки предизвици и проблеми, како и да ги прошири своите знаења од областите на историјата и историјата на уметноста на многуте стари цркви и манастири, кои се важен и неоткинлив дел од историјата на нашата помесна црква како дел од нејзиното културно наследство. Архитектонската група, како цел на својата работна задача ја имаше манастирската маѓерница, која за прв пат се најде под релевантна стручна опсервација од страна на младите архитекти, предводени од проф. д-р Елизабета Касапова. По предавањето групата се упати до параклисот „Свети Јован Богослов“, каде проф. д-р Сашо Цветковски одржа уште едно предавање, поврзано со прекрасниот зачуван фрескоживопис и со историјата на параклисот. Во попладневните часови заедничко предавање одржа раководителот на Археолошката група, проф. д-р Виктор Лилчиќ – Адамс, на следните теми: 1 – Демир Хисар – Деврип во антиката и средниот век; 2 – Регионот на Скопје во VI век, со посебен осврт за Јустинијана Прима и 3 – Аларм за Тесалоника (Солун) или Јустинијановиот оптички телеграф од Дунав до Тесалоника, сегментот низ територијата на Р. Македонија. По вечерата, групата се упати на својот заслужен одмор.

Утредента, на 10 јули (понеделник), во третиот ден од престојот во манастирот, Теолошката група имаше предавања од асс. м-р Виктор Недески, кој најнапред говореше за „Мачеништвото во Православната Црква“, а потоа и за „Светителите од Охридската архиепископија“. Во попладневните часови, вечерната сесија започна со предавањето на историчарот Христијан Цветковски (магистрант по историја), кој говореше на тема: „Демир Хисар и Демирхисарската област низ призмата на историските извори од XIII до XV век“. На покана на Раководниот одбор на Летната школа, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Преспанско – пелагониски и Администратор Австралиско – новозеландски г. Петар одржа предавање на тема „Светоста на бракот“. Во склоп на оваа сесија, апсолвентот Јордан Петрески, проговори за „Современиот вонбрачен сексуален однос, манифестиран низ призмата на порнографијата“, а потоа теологот Стефан Цветановски говореше на тема: „Феноменот дественост“. Сесијата заврши со голема и плодна дискусија. Следеше вечера со сестринството на манастирот, која ја приреди игуменот Серафим.

На екскурзијата која се реализираше наредниот ден, на 11 јули (вторник) Теолошката група ги посети манастирите: „Свети Никола Топлички“и „Свети Атанасиј Александриски – Журче“. Проф. д-р Сашо Цветковски ја презентираше историската и уметничката вредност на овие два значајни манастири во Демирхисарскиот крај. Во попладневните часови, во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче, проф. д-р Сашо Цветковски одржа предавање за вредните уметнички дела од Слепченскиот манастир, а координаторот на групата асс. м-р Виктор Недески одржа предавање на тема „Новомачеништвото во Православната Црква“.

Следниот ден, на 12 јули (среда), по повод празникот на светите апостоли Петар и Павле – Петровден во Слепченскиот манастир беше отслужена Божествена Литургија. По Литургијата и трпезата, асс. м-р Виктор Недески ги запозна присутните со уште неколку значајни хагиолошки извори, по што теологот Петар Петковски (магистрант по теологија) одржа свое предавање на тема „Почитувањето на светите мошти и реликвии во Православната Црква“. Со тоа предавање беше затворен хагиолошкиот циклус од предавањата. Попладнето групата го посети храмот „Свети Никола“ во селото Слепче, каде што подетално се запознаа со архитектонските и уметничките особености на овој храм, како и со старопечатените книги сочувани во него.

Во последниот ден (13 јули, четврток) од првата Демирхиската летна школа, Теолошката група ја проследи последната сесија предавања. Најпрво координаторот на групата асс. м-р Виктор Недески одржа предавање на тема „Половоста во источната и западната богословска традиција“, а потоа игуменот на Слепченскиот манастир, јеромонахот Серафим исто така одржа предавање на тема „Предизвиците на свештеникот во современото општество“. Со тоа успешно беше реализирана програмата на Теолошката група на оваа прва Демирхисарска летна школа.

Вечерта, пак, се одржа пригодна свеченост по повод крајот и затворањето на првата Демирхисарска летна школа – 2017 – историја, археологија, архитектура и уметност. На организираната свеченост присуствуваа сите учесници на летната школа, пред кои предавачите и раководителите на секциите ги изложија своите завршни резимеа.

На учесниците и останатите присутни им се обрати и градоначалникот г. Љупчо Блажевски, кој рече дека е исклучително задоволен што се остварија резултати над очекуваните и што уште во првото свое издание, школата целосно го оправда своето постоење. Најважно од сѐ, како што потенцира Блажевски, е што во некои од областите се дојде до нови, значајни и досега непознати научни сознанија. На свеченоста присуствуваше и јеромонахот Серафим, игумен на манастирската обител и соорганизатор на школата, кој исто така имаше пригодно поздравно обраќање.

На сите учесници меѓу кои имаше студенти, но и постдипломци, асистенти, доценти и доктори на науки, им беа врачени сертификати за успешно посетување и завршување на школата, а градоначалникот г. Блажевски на предавачите на школата им врачи благодарници и по еден комплет од репрезентативната четиритомна монографија „Македонија – милениумски културни и уметнички вредности“, донација од Управата за заштита на културното наследство. Првиот примерок од монографијата му беше врачен на игуменот отец Серафим, во знак на благодарност и признание за огромната поддршка што сестринството при обителта ја обезбеди во целокупната организација на школата. По свеченоста, следеше џез концерт на Сашо Поповски трио.

На крај, ја користам оваа прилика, најнапред од мое име, од името на Теолошката група и од сите учесници на првата Демирхисарска летна школа да им се заблагодарам на градоначалникот на општината Демир Хисар г. Љупчо Блажевски, на игуменот Серафим и сестринството на манастирот „Свети Јован Претеча“ – с. Слепче, на научниот раководител на школата, проф. д-р Сашо Цветковски, како и на сите организатори на летната школа, која беше едно прекрасно искуство за сите нас.

Искрено се надевам и посакувам, по молитвите на светиот пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, идната година повторно да се собереме во Претечевиот манастир. Верувам дека Демирхисарската летна школа ќе прерасне во традиција и во иднина ќе донесе уште поголеми плодови на научен и истражувачки план, што пак, ќе послужи за промоција на овие преубави предели на нашата татковина.

подготвил:

Петар Петковски

4 7 9 10 11

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА