Страв од магии – Протоереј Сергеј Адодин

 

– Оче што да правам? – ме праша еднаш, една парохијанка. – Мислам, дека моите блиски ми прават магии.

„Ах, тој страв од магии!“ – си помислив и гласно реков:

– Некој од вашите блиски умее да лета?

– Како тоа да – лета? – жената се зачуди.

– Па, во воздухот, – и објаснувам, – како некогаш свети Кипријан Антиохиски, кој беше маѓепсник. Ете тоа е маѓепсник. Тие веројатно не знаат, така?

– Не, – замислено одговори жената.

– Тогаш какви маѓепсници се тие? Дури и ако се обидуваат да фрлаат клетви и со игла да боцкаат во кукли. Се сеќавам, архимандрит Јован (Крестјанкин) на слично прашање одговори, дека за целиот негов живот не сретнал ниту еден лош човек, освен самиот себеси, и се сомневал во постоењето на било какви јасновидци.

Жената се насмевна и се смири.

Не, јас не одрекувам, дека во светот постојат и такви, кои го трошат сето свое време на правење магии, надевајќи се дека ќе добијат нешто за себеси. Но, јас сум против стравот од магиите. Ти како христијанин, треба да се плашиш само од едно – да не го изгубиш Бога. Ако маѓепсникот Кипријан, кој го достигнал врвот во маѓепсништвото, не можел да ја маѓепса девојката, само затоа што таа била христијанка, тогаш потребно е темата за стравот од маѓепсници да ја затвориме еднаш за секогаш.

Но, тука не станува збор само за занимавањето со магепсништво, туку и барањето магиска помош за себеси.

Да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очиствуање, или да предскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе (5. Мој.18, 10-12). Дури и на оние кои не го читале Стариот Завет, апостол Павле ги уверува, дека подобните дејствија го лишуваат христијанинот од здобивањето на Царството Божјо (сп. Гал. 5, 19-21).

Се прашувам, што може да биде пострашно? Сепак, сеуште гледам во храмот луѓе, кои се обидуваат да ги извршат своите магиски ритуали. Сеуште слушам на исповед покајни раскази за тоа, како биле превземани обиди да маѓепсаат некој млад свештеник за својата ќерка. Нема да навлегувам во техничките детали на методата, но после тоа, откако им укажав на моите собраќа свештеници, тие престанаа да земаат отпакована храна која луѓето ја даваат за душа за покојните. Не од страв дека ќе бидат маѓепсани, туку поради гадење.

Лично, се познавам со двајца свештеници, кои веруваат во силата на маѓепсниците.

– Се случува, служиш литургија, и не ја чувствуваш молитвата, сè оди наопаку. Разбираш, дека во храмот стои некој човек, кој знае некој збор.

Вториот воопшто е уверен, дека маѓепсникот е способен да ги „истури“ Светите Дарови, погледнувајќи ги и говорејќи маѓепснички збор.

– Оче, како може тоа да се случи? Христос отишол во Капернаум, и таму во толпата маѓепсник погледнал на Него на посебен начин, прошептивајќи „Пирцхглш“ – и ете: го магепсале Богочовекот! Но, нели се тоа бесмислици? – му возвратив на младиот свештеник.

– Ти сеуште си млад и неопитен, потоа ќе разбереш сè, – одговори тој отец.

Поминаа години. Денес јас сум десет години постар, од мојот противник во тој ден. Слава на Бога, што јас не го разбрав стравот од тие несреќници, кои не се плашат да го огорчат Бога со својата приврзаност кон магиите. Зошто говорам „огорчат“? Христос го исцелува целиот човек (Јован 7, 23), правејќи ги здрави и неговото тело и душа, бидејќи раната негова е голема како морето (Плач. 2, 13). Кој уште може да го направи тоа, како Оној, Кој го создаде целиот свет и неговите закони? Приврзаноста кон маѓепсништвото ја нарушува таа неразделност и полнота, која постои само во сојуз на човекот со својот Творец. Спомнете си, што се случило со човекот во Едемската градина, кога тој, соблазнувајќи се од магијата на змијата решил да го постигне посакуваниот резултат без Бога. Премудриот Адам, кој им даваше имиња на животните, и кој ја виде суштината на нештата, се криеше од Господа под грмушката. Сведочејќи негогаш за Ева дека таа е тело од неговото тело, Адам после паѓањето во грев започнува да се срами од својата голотија. Еве го и крајот на целомудрието. Што добил човекот, кој се согласил на магепсништво. Смрт – како резултат на нeцелосност на неговото тело.

Синко, дај ми го мене срцето, и очите твои за да ги гледаат патиштата мои, – вели Господ (Изрек. 23, 26). Можно ли е нецелосно да му го отдадеме на Бога своето срце, а делче да отдадеме на магесништвото? Да се молиме, да се исповедаме, да се причестуваме и истовремено да читаме хороскопи, да практикуваме заговори и да се обраќаме за помош кај видовити луѓе. Малку да му служиме на Господа и само малку на златното теле? Наутро да ѝ бидеме верни на својата жена, а навечер на љубовницата? Светото Писмо окултната практика ја нарекува прељуба. Нема да говорам за никакви казни од Бога за страста кон магијата, бидејќи ние сме новозаветни луѓе. Да го изгубиме Бога – од тоа ние треба да се плашиме. Да отстапиме од Него само за еден чекор. Зарем не се плашат од тоа и вљубените – да го изгубат од вид скапоценото срце на човекот кого го сакаат. Не бараме ли и ние единство со своите сакани?

– Отец, ама видовити луѓе покажуваат на телевизија, и тие таму на сите им погодуваат! – спори со мене една православна христијанка.

Ако јас сум видовит човек, никогаш не би се рекламирал себеси. Би си купил добитен билет на лотарија и би се капел во пари. Многумина такви знаете? Толку! – ставам точка во здодевниот спор.

Рамо до рамо со вербата во магиите е и верата во соновите. Колку е задушувачко, да се биде во таков свет, каде човекот се наоѓа во илузијата на беспомошност пред темните сили, а неговата судбина како да зависи од некакви бројки и движењето на ѕвездите!

Да не даде Бог никому да се нурне во атмосферата на стравот и почитување на она, што во Светото Писмо се нарекува мерзост (одвратност), бидејќи строгиот Апостол на љубовта, говори: А на плашливците и неверните… и маѓесниците… делот им е во езерото, што гори со оган и сулфур (Откр. 21, 8). Блажениот апостол Павле нè уверува нас, говорејќи: Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? (Рим. 8, 31).

Затоа, драги православни христијани, да се утврдуваме во својата верност кон Бога, следејќи ја светата Јустина, и тогаш ќе можеме, подобно на богољубивиот архимандрит Јован (Крестјанкин), да живееме во свет без магесници и слични гадости.

 

Протоереј Сергеј Адодин

Извор: http://www.pravoslavie.ru/103157.html

Превод: м-р Игор Ризановски