СТАРИОТ БИБЛИОТЕКАР ШТО ГИ ЗАБОРАВАШЕ РОДЕНДЕНИТЕ НА ДЕЦАТА

Секое утро пристигнуваше прв и ја отвораше библиотеката која се наоѓаше на крајот од градот. Неговиот помошник везден доцнеше. Така беше и ова снежно утро пред Божик во местото на буквите, познато по преубавите библиотеки. Штом старецот ја проветри својата работна соба и пушти тивко музика, отворајќи го магацинот со книги, во истиот миг, сиот зацрвенет од брзање, распојасан и несреден во косата, кривејќи на едната нога и држејќи ја капата цврсто во рацете, со безброј клучеви закачени на појасот се појави Теофан, стариот домар, кој веднаш се упати кон градината.

Тој го знаеше движењето на стариот Василиј напамет. Долго време беше со него. Мудриот библиотекар беше многу добар и благороден човек. Се истакнуваше од другите луѓе по својата совршено бела коса и големата брада. Секогаш дотеран во костум со елек, на кој му беше закачен огромниот сребрен часовник. Одеше пополека, зафрлувајќи ја главата наназад. Беше среден по раст, со исклучително длабоки сини очи од кои се препознаваше добрина и љубов. Многу наликуваше на својот пра-пра-прадедо кого не го познаваше, ама беше убеден дека си потсетуваат еден на друг. Тој се насочи во правец на градината, која само вам, тивко ќе ви шепнам драги мои деца, беше волшебна градина. Таму веќе подготвен го чекаше Теофан.

Целата градина беше преполна со разни видови на цвеќиња, кои кога Василиј ќе влезеше, сите цвеќиња во саксиите како по наредба се претвораа во огромни дрвја кои чиниш ја чуваа со своите огромни и прекрасни крошни елката која стоеше на средината од градината. Таму сакаше да оди, без исклучок, секој ден и да поминува извесен период разговарајќи си со дрвјата. Стариот книжничар иако омилен меѓу своите сограѓани беше мошне затворен човек. Освен седењето во својот кабинет, каде по цел ден читаше книги и ги пречекуваше своите читатели, единствената разонода му беше прошетката до својата волшебна градина. Кога ќе го запрашаа зошто е сеуште сам, тој само ќе се насмевнеше и ќе одговореше дека така требало да биде и дека ништо под дуњата не се случува без причина. Сепак, како и да е, тој многу ги сакаше луѓето, а првенствено децата. Нив ги обожаваше. Само имаше една маана, на ниту едно дете не можеше да му го запомни роденденот. Заради тој недостаток беше предмет на потсмев од своите сограѓани, кои никако не можеа да разберат како е можно да ги заборава родените денови на децата. На некое дете ќе му го честиташе неговиот ден три месеци порано, на некое детенце ќе му го однесеше подарокот со задоцнување од неколку месеци и така со сите деца во градот. Мештаните, и старо и младо штом ќе го забележаа дека некому носи подарок, веднаш почнуваа да се подбиваат со него, а тој само гласно ќе се смееше и никому не му се лутеше.

Богдана тоа утро стана порано. Ја чекаше многу работа. Прво требаше да ги заврши домашните обврски и потем да им помогне и на своите стари и изнемоштени родители, за на крајот од денот да појде до блиската шума и да насече неколку гранчиња даб, со кои вечерта ќе ја украси празничната трпеза. Откако беше дојдена во овој дом, таа секогаш беше многу весела на овој празник. А и нејзините родители се радуваа заедно со неа. Таа им беше дар од Бога. Пред многу години некој ја имаше оставено на нивниот куќен праг. Си ја прифатија како своја родена ќерка. Сета љубов од целиот свет и ја даруваа нејзе. Богданка многу си ги почитуваше, тие ја пораснаа и се грижеа за неа. Утринава беа посебно горди на неа. Таа целосно ја презема одговорноста низ домот и сето тоа го правеше со насмевка и леснотија. Сите во домот имаа насмевки на своите лица. Веруваа дека овој Божиќ ќе им биде најубавиот во нивниот живот.

Додека во местото на буквите се случуваа конечните подготовки околу празникот и неговите жителите брзаа навреме да ги завршат своите обврски, за тоа време, во гостилницата на лошиот Љубомир се појави една жена која побара да ѝ ја покажат куќата во која живееше Богданка. Љубомир, кој откако ја распраша жената која е и што сака, онака божем незаинтересиран, а всушност многу сакаше да им напакости на родителите на Богдана, бидејќи не поднесуваше што тие секогаш беа сплотени и полни со љубов, подготвени секогаш и секому  да простат. Па така, многу се изненади кога дозна дека таа гостинка, всушност е вистинската мајка на Богданка и дека е дојдена тука во градот за да ја најде и да си ја земе со себе. На радоста на Љубомир ѝ немаше крај, тој просто обожаваше да прави лошо некому. Веднаш и ја покажа куќата и не само што ѝ ја покажа туку и ја однесе жената до таму, за да ја види реакцијата на родителите на Богданка.

Таму настана голема караница и се крена голема врева. Богданка беше затечена и не знаеше што да каже. Нејзините родители немоќно ги креваа рамениците не говорејќи ништо, а во себе молејќи го Бога да изнајде некое решение. Таа жена успеа да им го расипе најубавиот празник во годината.  Тогаш, во тој миг, Господ им го прати стариот Василиј, кој никој не забележа кога се појави тука и кој го известил за овој лош настан. Љубомир, гледајќи го старецот одлучи да се обиде да ја заврти караницата во своја корист говорејќи на сиот глас, сите да го слушнат, дека ако Василиј го погоди роденденот на Богданка, тогаш таа може да остане со своите родители, ама ако книжарот го згреши датумот, тогаш Богданка ќе мора да појде со својата вистинска мајка. Сите погледнаа во старецот, а Љубомир ликуваше, беше убеден во својот триумф.

Мудриот библиотекар се насмевна и накашлувајќи се, ја погледна Богданка. Беше потполна тишина. И тогаш го изговори следново: „Оваа девојка ја викаме Богданка, таа е од Бога дар и не може да биде родена на ниту еден друг ден, освен на Божиќ. Кажав што имав да кажам.“ Нејзината мајка во истиот миг посрамотена падна на коленици и почна да моли за прошка. Жителите на овој град беа многу добри и веднаш ѝ простија на кутрата жена и ја повикаа да остане на прослава на празникот заедно со нив. А му простија и на Љубомир, кој засрамен се затвори во својот дом.

Вечерта, Богданка се упати кон домот на стариот Василиј за да му се заблагодари. Бидејќи не успеа да исече бадникови гранчиња таа насобра еден букет со полско цвеќе. Во домот на омилениот библиотекар сè беше раздвижено, со стариот Тихон се обидуваа да ја украсат елката, ама пуста старост, брзо се уморија и наместо да работат, тие си седнаа во своите удобни фотелји и си започнаа муабет, заборавајќи што требаше да сработат. Богданка се појави во вистинскиот миг. Им помогна да ја украсат убаво елката. Василиј, во текот на китењето, во еден момент здогледувајќи го прекрасниот букет од гостинката заповеда да го закачат на врвот од елката. Во тој момент се случи вистинско чудо. Богданка само што го допре букетот до врвот на елката, зелените листови се претворија во блескави црвени латици. Тоа беше знак дека славењето на Рождеството Христово може да започне.

 

Иво Митев