Старец Гавриил (Ургебадзе) Грузиски – Чудата во животот на еден хирург

Најважно е да ги исполнувате Божјите заповеди. Сакајте се едни со други, сакајте ги ближните, а јас, вашата љубов ќе ја принесам кон Бога

Старец Гавриил Ургебадзе

 

За животот и смртта на старец Гавриил, за неговите поуки и чуда зборува Зураб Георгиевич Варази, лекар-хирург, претседсател на Оделението за социјални прашања на Грузиската Патријаршија, кој бил и личен лекар на старец Гавриил.

„Ние знаевме дека тој ќе биде вброен меѓу светиите. Тогаш, кога тоа се случи, помислив: обично ние одиме пред иконите на светите, им се молиме, бараме од нив благослов и застапништво, а не ги познававме во нивниот земен живот. Старец Гавриил го познавав, дури и го оперирав. Тој личен однос што го имав со светителот е многу интересен.“

– Со отец Гавриил се сретнавме во соборниот храм во Тбилиси, каде што доаѓаше. На неговите гради наместо крст, висеа икони од Мајката Божја и свети Никола. Некогаш тој во храмот проповедаше, некогаш гласно зборуваше за некоја тема, а некогаш плачеше и се молеше. Веднаш забележавме дека се разликува од останатите и на некој начин  се плашевме од него. Кога доаѓаше во храмот, сите приоѓавме да земеме благослов. Често, благословувајќи нѐ, ја ставаше неговата дланка на главата, говорејќи: „Нека те благослови Господ Христос“ и ја опфаќаше целата глава со раката.

Не знаев каде служи, ниту каде живее. Еднаш имаше незгода, го скршил колкот и се појавиле компликации во вид на крварење во желудникот и едемот. Здравствената состојба му беше лоша. Сите му говореле дека потребен му е лекар, но тој не сакал да чуе. Еден мој роднина се видел со отец Гавриил и му спомнал за мене, велејќи му дека сум хирург, дека работам во Патријаршијата, дека сум бил на Света Гора и го прашал дали може да ме одведе кај него. „Нека е благословено, доведи го“– рекол старецот.

 

Кој не е благодарен на лекарот, не е благодарен ниту на Бог

Отидов во Мцхет, влегов во неговата мала ќелија прекриена со икони од подот до таванот (која ми остави длабок впечаток, како да сум  во некој друг свет) и побарав благослов. Батушката ме благослови и рече: „Гледате, тој прво зема благослов. Други доктори од врата ме прашуваат – Што Ве мачи? А јас сум монах, што би можело мене да ме мачи?! Така, им одговарав – ништо не ме мачи.“

Се виде дека му се допаднав. Со прегледот се установи дека е потребно да се извади вишокот течност, да се направи анализа на крв и трансфузија, па да почнеме со лечење.

Обично го посетував секој ден. Еднаш, кога сакав да направам рез за да испумпам течност од стомакот, додека ги дезинфицирав рацете, читав молитва (која по навика ја читав пред операција). Старец Гавриил ме погледна и рече: „Ти нешто мрмориш?“ „Молитва“ – одговорив. Ме праша каква молитва изговарам, а јас реков дека ја кажувам молитвата Оче наш. Од мене побара да ја изговорам на глас. Тоа и го направив. Бараше да ја изговорам Богородице Дево. И тоа го направив. Потоа го бараше Псалм 90. Го прочитав и тој. „Е сега почни“, – благослови старецот.

Кога завршив, старецот ми рече дека направив Божјо дело. На мајка Параскева ѝ рече да ми плати. Му реков дека не сакам да земам пари од него, а и секако работам за Патријаршијата, бесплатно ги лекувам свештенослужителите. „Кој не е благодарен на лекарот, не е и на Бога.“ – рече старецот. Се најдов во неблагодарна положба. Ме помилува по главата и ми рече: „Драги докторе, раката на лекарот врши Божјо дело“.

 

Смртта – тоа е ништо

На себеси ја искусив прозорливоста на отец Гавриил. Едно утро добив некое гушење и болки во пределот на срцето. Кога болката помина, тргнав накај старецот. Ме погледна и ми рече: „Сите вие се плашите од смртта! Смртта – тоа е ништо, тоа е само  миг, преминување во вечен живот. Човекот не успева ниту очи да затвори, а веќе му се отвараат духовните очи и го гледа своето тело и своите мисли, – зошто да бидам во телото, толку е добро без него!“. Му одговорив: „Видов толку многу умирања во својот живот,  и воопшто немам страв од тоа“. Се насмеа и ми рече: „А знаеш ли дека со едната нога веќе си таму?“. Затреперив. „Вие нешто забележавте?“ „Ете гледаш“, се насмеа старецот, „ти се уплаши. Човекот кој прави добро, тој е за чекор близу до Господа, а оној кој чини зло, оди чекор наназад. Цел живот ние се качуваме и спуштаме. Живеејте на начин кој секогаш ве доближува до Бога“.

 

Господ доаѓа

Секогаш мислев дека отец Гавриил има некое духовно образование, беше толку многу мудар. Но, тој не завршил ниту петто одделение – како можеше толку да знае?! Еднаш лежеше и разговараше со нас и ние бевме многу среќни поради тоа што зборуваше со нас. Одеднаш, замолчи, стана и ги подигна рацете кон иконата на Спасителот и лицето му се промени. Ми се чинеше дека не е присутен.

Ја прашав матушка што се случува со него, а таа ми рече да молчам. Старецот така стоеше некои петнаесет минути, ја гледаше иконата и потоа се прекрсти и рече: „Господ доаѓа! Целата вселена трепери пред Него. Се ближи крајот на овој материјален свет. Луѓето мислат дека тоа се приказни за мали деца и дека овој свет ќе трае вечно. Не, наскоро ќе дојде на ова крај! И вие ќе бидете сведоци на тоа!“

Го прашавме старецот што е тоа што го видел, а тој продолжи: Најважно е да ги исполнувате Божјите заповеди. Сакајте се едни со други, сакајте ги ближните! А јас вашата љубов ќе ја принесам кон Бога“.

 

Чудо

Неколку дена пред смртта на старец Гавриил, решив да му земам крв за анализа. Кога му го реков тоа, ме праша зошто тоа ми е потребно. Му објаснив дека треба да му проверам хемоглобин и некои други анализи. Тој одговори: „Не, тоа не е потребно. Мене не ме интресира тој ваш хемоглобин!“ Му ја зедов раката и му реков дека Бог ќе ме казни ако нешто му се случи. Барав да го направам тоа. „Ако те казни Бог поради тоа, еве, земи колку сакаш!“ – рече старецот. Му зедов крв и не ни помислив дека ќе се случи чудо.

Вообичаено за наод земаме околу 10 мл крв. Мојот колега му зеде крв и требаше да ја однесе во Тбилиси. Меѓутоа, епруветата му падна, се отвори и крвта истекла а внатре останало само околу 2 мл крв. Од лабораторијата ме уверија дека тоа е доволно и ја зедоа крвта за анализа.

Следниот ден отецот имаше проблеми со стомакот, а јас се обидував тоа да го средам, но пак беше исто. Го убедувавме да се оперира. Одби, велејќи: „Од дванаесет години тргнав по Твојот пат, Господи, уморен сум! Земи ја мојата грешна душа, не можам повеќе!“ Реков дека сѐ што е потребно ќе донесам во келијата и дека тука ќе го оперирам. Тој се заблагодари и рече дека не сака. Заминав со уморни мисли: евтанзијата е грев, но кога не помагаш на човекот и тоа исто така е „евтанзија.“

На враќање, отидов кај патријархот Илија. Ме испраша за сѐ детално и благослови да не правиме ништо, како што беше и старчевата желба, бидејќи, ако се случи да не преживее, тоа нема да биде моја вина, туку Божја волја, а и самиот старец рече дека е уморен.

Наскоро ми јавија дека старец Гавриил е во тешка состојба. Кога стигнав, старецот лежеше и ја гледаше иконата на Свети Никола Чудотворец, не тргајќи го погледот од неа. Го прашав дали нешто го вознемирило. Ништо не ми одговори. Вечерта дојде владиката Данило и прочита молитва за исход на душата. Кога ја заврши молитвата, отецот се насмевна, телото му затрепери и срцето престана да чука. Замина.

Неколку години подоцна, ме повика еден колега и ми рече дека ја средувале лабораторијата и дека ја пронашол епруветата во која била крвта на старец Гавриил, земена четири години претходно. Ми рече: „Знаеш, таа крв, таа крв е… како свежа!“ Сакав да го видам тоа. Навистина, крвта изгледаше свежа, не се згрутчила,  не закоравила, не се разложила. Зедов една капка во шприц, и ја однесов во лабораторија. Анализата покажа дека сѐ е нормално!

Кога им рековме дека крвта стоеше во епруветата четири години не ни поверуваа. Самите ние не знаевме на што наидовме. Однесовме примерок кај началниците на катедрата на патологија. Рекоа дека никогаш во животот такво нешто не виделе. Ни предложија да дадеме анонимно примерок во Институтот за трансфузија на крв, да видиме што ќе кажат и тие. И од таму стигна ист одговор – сѐ е нормално, само незабележително смалена величината на крвните зрнца.

Отидов кај патријархот и му кажав што се случи со крвта на старец Гавриил. Патријархот не сакаше да брза. Рече дека треба уште малку да се почека со заклучоците: „Бог знае што е тоа. Немојте да ја фрлате таа крв, ставете ја во земјата каде што е упокоен и погребан.“ Така и направивме. Ја закопавме епруветата во гробот на старец Гавриил. Таму веќе се случуваа чуда и луѓето доаѓаа од сите краеви на Грузија, однесувајќи со себе осветено масло и земја од старчевиот гроб.

 

Знаевме дека ќе биде светител

Тие чудесни исцеленија, кои се случуваа после старчевото упокојување, покажаа дека тој не беше обичен монах. Ние знаевме, бевме сигурни, дека ќе биде канонизиран. Кога тоа се случи, ме обзедоа емоции.

Чувствувам дека во секој момент тој е со мене. Кога ми се случува некоја несреќа веднаш барам негова помош и застапништво. Така еднаш, автомобилот ми се расипа во ненаселено место и не знаев како ќе стигнам до дома. Гледам, на седиштето календар со ликот на старецот и тој ми се насмевнува. Се молев: „Оче Гавриил, помогни!“ Одеднаш од некаде се појави автомобил и од него излегува човек.  „Ќе Ви помогнам“ – ми рече и ме доведе до дома.

 

За тоа како старец Гавриил го исцели мојот татко

Отец Гавриил, некако, секогаш беше со нас. Мојот татко во 89-та година од неговиот живот доби сплет на црева и беше во многу тешка состојба. Без оглед на годините, се осудивме да направиме операција но истата работа се повтори после 7 дена. Одлучив дека нема повторно да го оперирам, за да не се мачи. Се сетив дека имам малку масло од кандилото од гробот на отец Гавриил. Го зедов тоа масло и со него го помазав стомакот на мојот татко изговарајќи ја молитвата: „Оче Гаврил! Јас ти помагав тебе, а ти помогни му на мојот татко!“ Излегов од собата, а после 10 -15 минути татко ми ме повика и ми рече: „Види, завојот цел ми е натопен“. Кога го прегледав заклучив дека сѐ е во ред и дека операција повеќе не е потребна.

Го повикав професорот и му реков дека исцелението се случи откако го помазав татко ми со маслото. Ме праша со какво масло сум го помазал и јас му објаснив. „Каква глупост“, рече. „Тоа не е глупост, тоа е чудотворно масло“, реков. Ме праша од што е направено. Одговорив дека тоа е обично масло, но стана чудотворно со Божјата сила и дека тоа чудо се случи на личност која мене ми е блиска.

 

Господ никогаш нема да ве остави

Отец Гавриил ни раскажуваше како станал познат во Грузија кога во 1965 година во времето на гонењето од страна на комунистите, го запалил Лениновиот портрет. Го запалил, изговорувајќи: „Господе Исусе Христе, доаѓам кај Тебе!“

Ме одведоа во полиција, ми ги зедоа иконите. Сакав да се помолам и гледам метла во аголот. Ја извадив рачката од метлата, направив крст, го ставив во аголот и почнав да се молам. Кога чуварот го виде тоа влезе и ми го зеде крстот. Се налутив, ги раширив рацете и реков – јас сум крст! Ми рече дека сум луд.

Ме пратија во психијатриска болница. Дојдоа да ме истрижат и избричат. Им реков дека сум монах. „Ти си народен непријател“, ми рече еден од нив и тргна на кај мене. Во тој миг се помолив: „Мајчице Богородице, каква е волјата Твоја така нека биде!“ Одеднаш на човекот му се вкочани раката. Другиот ја зеде машинката и рече дека тој ќе ме истрижи. Тргна на кај мене и се вкочани, остана така во истата положба .Така јас останав неизбричен и неистрижен!“

Интересно е тоа што на старчевиот картон бил напишан бројот 666 (го видов со свои очи). Наскоро го пуштија, како што и сам предвиде, говорејќи: „После седум денови и седум часови ќе дојдат архангелите Михаил и Гавриил и ќе ме ослободат.“ Старецот често велел: „Господ никогаш нема да ве остави. Можат да ве гонат, но Бог секогаш ќе биде со вас!“

 

Какви птици сме – таков ни е и кафезот

Еднаш го прашав отец Гавриил: „Оче, ете, Вие се молите за оние на власт. Но ако јас не го сакам претседателот, мојата молитва ќе биде неискрена?“

Се насмеа: „Кој во твојата куќа е најмал и најсакан? Реков дека тоа е мојот син Николај. „Се молиш ли за него?“ , ме праша. Реков дека се молам. Ме праша дали се молам за родителите, за соседите, за сите луѓе. Одговорив потврдно. „Како не ти е срам! За сите се молиш, а не сакаш за претседателот! Секогаш ќе биде искрена молитвата ако гласи: Боже исполни го неговото срце со добрина, а умот со мудрост! Моли се со оваа молитва и ќе имате добар претседател. Сите вие сакате ваша застапничка да биде светата царица Тамара, а заштитник свети Николај. Не може тоа така – какви птици сме, таков ни е и кафезот. Искрено молете се на Бога и Он  ќе ви го даде само најдоброто!

Таков беше нашиот свет старец.

 

За старец Гавриил

Митрополит Сергеј (Грузија): Сите тие неброени чуда после неговото упокојување говорат за неговата голема светост.

Архиепископ Тадеј (Грузија): Отец Гаврил е чудотворец, од Бога пратен во овој ужасен свет, лишен од љубовта.

Архимадрит Тимотеј, игумен на манастирот на Светиот Дух, Оропос, (Грција): Среќни сме дека и во овие последни времиња, постојат свети отци кои се подготвени непоколебливо да му служат на народот. Канонизација на стартец Гавриил е голема работа.

Игумен Елисеј (Грузија):  Дваесетиот век не дал поголем старец од архимандрит Гавриил.

Архимандрит Ефрем (Русија): Отец Гавриил за својата нација беше пророк со посебна мисија дадена од Бога. Преку него, духовните мистерии на последните времиња му се откриени на народот во Грузија.