… Драги браќа и сестри, освен усвојувањето на оваа Божествена вистина, овој празник нè учи многу полезни и добри работи и во однос на нашиот личен живот. Праведниот Симеон, кој по преданието живеел триста и шеесет години (зашто му било претскажано, дека нема да види смрт, додека не Го види Христос Спасителот), кога Го зел во рацете свои Младенецот Христос, се зарадувал со духот и ја испеал прекрасната песна: Сега го отпушташ Својот слуга со мир Владико, според зборовите Твои, зашто го видоа очите мои спасението Твое (Лк. 2, 29, 30). Неговите очи го виделе спасението на светот, и затоа тој е спокоен и радосен, и мирно, спокојно ќе умре. Но, за да може и секој од нас пред смртта да испее ваква песна, најпрвин треба да станеме Богопримци и Богоносци.
Праведниот Симеон се удостоил за тоа, не само затоа што го зел Младенецот Христос на своите раце, но најмногу за тоа, што во срцето свое го носел Христос заедно со Отецот и Светиот Дух. Затоа, не само на старец Симеон му било дадено големото достоинство да го носи на рацете Христос и да биде Богопримец, но и многу други можат да го имаат тоа достоинство. Ако некој Ме љуби, – рекол Господ – ќе го пази Словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и дом ќе направиме. (Јн. 14, 23). И на друго место: Ете, стојам пред вратите и тропам: ако некој го слушне Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене (Откр. 3, 20).
Значи, за да го примиме и ние ова високо достоинство, од нас се бара само едно – да Го љубиме Христос и да ги пазиме Неговите свети заповеди и да не го затвораме своето срце, кога Он ќе тропа кај нас или преку Своето слово испратено за наше вразумување, или преку маките.
Што го удостоило праведниот Симеон да стане Богопримец и Богоносец? Тоа, што тој бил човек праведен, кој ја чекал утехата Израилева (Лк. 2, 25), тоа што живеел според законот Божји и очекуваниот Месија го носел во срцето, уште пред да Го прими во своите треперливи старечки раце. Ако тоа не било во праведниот Симеон, не би се удостоил да го прими Христос во своите раце, или дури и кога би го примил, не би ја испеал радосната песна: Сега го отпушташ Својот слуга, со мир Владико… Зашто, надворешното допирање до Христа без внатрешната вера и љубов е бесполезно. Многу јудеи се допреле до Него, но тоа не им донело никаква полза. Оттука јасно се гледа, дека Богоносец може да се нарече само оној, кој ги пази заповедите Христови, кој Го љуби Бога.
Да се стремиме и ние, драги браќа и сестри, кон ова високо достоинство. Да ја покажуваме својата љубов кон Господа преку пазењето на Неговите свети заповеди, за и нашите срца да Господ да ги направи Свој светол дом, за и ние да можеме во својот живот да станеме богоносци. А при нашето заминување од овој привремен живот кон нетлениот, вечен живот, од сета душа да можеме да запееме, како праведниот Симеон: Сега го отпушташ Твојот слуга со мир, Владико… Амин.
Старец Кирил Павлов