Има конфликтни сфаќања за среќата, некои мислат дека таа е збир од земни добра, односно, некаков социјален пакет кој го прави човечкиот живот удобен и безгрижен. Така што, за тие луѓе или имаш среќа или си оставен во очајание и бедна положба, без среќа. Ваквото сфаќање за среќата е примитивно.
Среќата не е од материјална природа – таа е состојба на душата. Се разбира, луѓето ја сфаќаат среќата на различни начини. Некои ја наоѓаат во семејството, некои одат во манастир за да се посветат целосно на Бога. За монасите тоа е среќа. Некои луѓе немаат семејство, па среќата ја наоѓаат правејќи добри дела на другите луѓе. Некои немаат апсолутно ништо, но сепак се радосни, односно среќни. Таквите луѓе се задоволни што во тој момент не се болни и што надвор времето е топло. А, од друга страна, некој може да има сè овоземно, и здравје, и богатство, и добро семејство… Таквиот човек ги има сите услови да биде среќен, но тој е тажен и незадоволен и покрај сето тоа.
Значи, среќата не зависи од материјалните добра или услови за живот – таа е внатре во човекот, во душата, бидејќи е запишано во Светото Писмо, дека Царството Небесно е во вас. Значи, тоа е состојба на душата, односно способност да бидеме благодарни на Бога за сѐ.
Секој ден може да ни донесе среќа, само треба да бидеме способни тоа да го сфатиме.
Еден свештеник ги советувал своите духовни деца, на крајот од денот да запишат педесет работи за кои треба да Му заблагодарат на Бога, бидејќи ако нема нешто радосно во еден ден, тогаш не можеме ни да водиме нормален живот. Александар Солженицин пишуваше за животот на човек во суров концентрационен логор. Но не за стравотијата во тој логор, туку за човекот кој успевал секој ден во логорот да најде нешто позитивно и добро.
Тој добивал дополнително парче леб како храна, успева да си најде работа и да заработи малку пари, успева да ја избегне самотијата. Така што, во сето тоа наоѓа радост, односно среќа внатре во себе, во толку тешки и темни услови. Бидејќи, тој човек и порано живеел во село, навикнал многу да работи, така што времето му поминувало многу брзо додека работел во логорот, а ниту зимата не влијаела премногу лошо на него, бидејќи работата го греела. Тој успевал да ја види добрината во сите луѓе околу себе, така што деновите му поминувале во радост.
Еднаш, еден свештеник отишол да го посети сега упокоениот Старец Николај Гурјанов и му раскажал за проблемите и грижите кои ги имал. Отец Николај го сослушал и му рекол да се радува. А, свештеникот помислил за што да се радува. Но, старецот продолжил и рекол дека треба да се радува што е роден, што е крстен, што е во Православната Вера, и што сѐ уште е жив! Зборовите на Светиот Апостол се формула за постојана среќа, бидејќи тој вели дека треба постојано да се молиме и за сè да Му заблагодаруваме на Бога. На тој начин, постојано сме со Бога и имаме радост во животот, па можеме да му благодариме за сѐ.
Свети Јован Златоуст вели дека ако нешто добро ни се случи, треба да Му благодариме на Бога, за тоа добро засекогаш да остане со нас, а ако нешто лошо ни се случи, треба повторно да Го фалиме Бога и тоа лошо ќе исчезне. Поради тоа, слава Му на Бога за сѐ!
Не само што треба да имаме радост во себе, туку, треба да бидеме внимателни да не ја изгубиме. Има една стара ориентална приказна која може ова да го долови:
Едно момче го прашало својот татко што е тоа радост. Така, татко му го испратил кај познат мудар човек, тој да му го објасни тоа. Момчето очекувало дека мудрецот ќе биде аскет, но тој бил богаташ кој живеел во палата. Кога момчето го прашало што е радост, односно среќа, мудрецот му дал лажица полна маслиново масло и му рекол да ја носи со себе додека ја обиколува палатата и градината околу нејзе, но да внимава да не го истури маслото. Момчето заминало во обиколка на палатата и градината, но додека го гледал целиот тој луксуз и убавина, маслото од лажицата му се истурило. Кога се вратил кај мудрецот, тој му ја наполнил лажицата со масло уште еднаш и му рекол да биде повнимателен. Момчето повторно заминало во обиколка и овој пат маслото не се истурило, но му рекол на мудрецот дека не успеал од богатството ништо да види, бидејќи внимавал да не го истури маслото. Мудрецот му рекол дека во тоа е среќата, во чување на она што го имаме. Во тоа, да не го изгубиме дарот кој го имаме, гледајќи на богатства и убавини кои не се наши.
Некои луѓе (а ги има многу), целиот свој живот трчаат по птичја среќа, по некој недостижен идеал, барајќи среќа во прв, втор, или трет брак. Тогаш се разочаруваат и повторно се заљубуваат, а животот така им поминува и никогаш не наоѓаат среќа. Тие луѓе се длабоко несреќни. Еден Англиски писател убаво напишал за ова. Верноста на една жена е мала цена која треба да се плати. Само будала би се жалел што не може да влезе во Рај на пет различни врати, туку само на една.
Зборувајќи за среќата воопшто и за семејната среќа, не е можно, а да не се допреме до љубовта, бидејќи љубовта и радоста се две сестри и тесно се поврзани. Еден мудар човек, рекол дека не треба само самиот да бидеш среќен, туку треба да ги правиш среќни и своите ближни. Ова може да се преформулира и со други зборови, оној кој ги прави другите среќни и самиот е среќен. Покрај сè, способноста да сакаме и да ги правиме другите среќни е манифестација на Божјиот лик во нас. На овој начин ние стануваме слични на Бога. Господ го создаде човекот и овој свет од својата љубов. Бог не може ништо друго да направи, освен да се грижи за луѓето и да ја излие својата љубов на луѓето, бидејќи Бог е Љубов.
И нормално, само оној човек е навистина среќен кој знае да сака и да ги прави другите среќни.
Исто така, има изрека дека човекот е градител на својата среќа. Ова не е спротивно на Православното Христијанство, бидејќи среќата, односно радоста зависи од тоа како живее човекот и како се однесува спрема другите луѓе и спрема Бога.
Свештеник Павел Гумеров
31.08.2016
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог
Извор: http://manastir-lepavina.org/vijest.php?id=8621