Пред нас е гробот Господов. Во тој гроб лежи многустрадалниот, растргнатиот, измачениот Син на Дева. Тој умре; умре, не само затоа што некои луѓе, исполнети со злоба Го погубија. Тој умре за секого од нас, заради секого од нас. Секој од нас носи врз себе дел од одговорноста за тоа што се случило, за тоа, што Бог, не трпејќи го отпаѓањето, осиротувањето, страдањето на човекот, исто станал Човек, влегол во областа на смртта и страдањето, за тоа, што Тој не ја нашол таа љубов која би го спасила светото и се подложил на таа трагедија, која ние ја нарекуваме Страсни денови (денови на страдањата) и смртта Христова на Голгота.
Ќе речете: Како ние сме одговорни за тоа – та ние не сме живееле тогаш? Да! Не сме живееле! А ако сега се јави Господ на земјата – зарем некој од нас може да помисли, дека ќе се покаже подобар од оние кои тогаш Го познавале, не Го засакале, Го отфрлиле, и за да се спасат од осудувањето на совеста, Го погубиле со крсна смрт? Често ни се чини, дека тие луѓе, кои го извршиле тоа биле толку страшни, а ако се загледаме во нивниот образ – што ќе видиме?
Ќе видиме, дека тие се исти, како нас: нивниот живот бил премногу тесен, за да се всели во него Бог; животот им бил премногу мал и ништожен, за да може да таа љубов ,за која говорел Господ, да најде во него простор и творечка сила. Требало или тој живот да се распара по краевите и да израсне во степенот на човечкиот призив, или Бог совршено да биде исклучен од тој живот. И тие луѓе, слично на нас, тоа и го направиле.
Слично на нас, зашто колку пати во нашиот живот постапуваме како некој од оние, кои учествувале во распнувањето на Христос. Да го погледнеме Пилат: со што тој се разликува од другите служители на државата, на општеството, кои пред сè се плашат од човечкиот суд и одговорност, и кои, за да се заштитат, се спремни да го погубат човекот? Пилат се трудел да си го запази местото, се трудел да не падне под осудата на своите началници, се трудел да не стане омразен од своите потчинети, да го избегне метежот. И макар што признал, дека Исус не е виновен за ништо, Го предал да биде погубен.
На луѓето околу него – воините, им било сèедно кого распнуваат, тие не биле „одговорни“, тие ги исполнувале заповедите… А колку пати со нас се случило истото? Добиваме наредба, која има одреден морален степен, наредба, за која ќе носиме одговорност пред Бога и одговараме: Не е наша одговорност… Пилат си ги измил рацете и им рекол на јудеите, дека тие ќе одговараат. А војниците само ја исполниле заповедта и го погубиле човекот, дури и без да си го постават прашањето кој е Тој: само еден осуденик…
Но, тие не Го погубиле едноставно, не го исполниле само својот долг. Пилат им го предал Исуса да биде исмеан; колку пати, секој од нас би можел да забележи во себе злорадство, готовност да се исмее над човек, да се потсмее на неговата несреќа, да додаде кон неговата болка излишен удар, излишен шамар, излишно понижување! А кога тоа ќе се случи со нас, и одеднаш нашиот поглед се сретне со погледот на човекот, кого сме го понижиле, кога тој е веќе избиен и осуден, тогаш и ние, и незнаејќи, веројатно сме го направиле истото, кое го направиле воините, кои ги испратиле слугите на Кајафа: тие ги заврзале очите на Страдалникот и Го биеле. А ние? Колку често со нашиот живот, со нашите постапки како да ги затвораме очите на Бога, за да го удриме спокојно и да поминеме неказнето – човекот или Самиот Христос – во лицето!
А кој Го предал Христос на распнување? Некакви надзлосторници? Не – луѓе, кои се плашеле за политичката независност на својата земја, луѓе кои не сакале да ризикуваат со ништо, за кои земното устројство се покажало поважно од совеста, вистината, од сè – само и само да не се разниша кревката рамнотежа на нивната робска благосостојба. А кој од нас не го знае тоа од својот живот?
Тие не гледаат, дека луѓето кои го убиле Христа, биле такви какви што сме и ние? Дека тие биле движени од истите стравови, од истите желби, на кои сме потчинети и ние? И ете, ние стоиме пред тој гроб, и секој од нас би требало да знае, дека ние сме блажени што не сме биле подложени на тоа страшно искушение – на тогашната средба со Христос – тогаш, кога би можеле да згрешиме и да Го замразиме, и да застанеме во толпата на оние што викале: „Распни Го, распни!“
Да застанеме пред судот на нашата совест и со покајно расположение, со страв и трепет да се приближиме до свештената Плаштаница. Секој од нас нека разбере, дека Спасителот умрел за секого од нас, и да Му благодариме на Бога за спасението, кое ни се предлага и покрај кое ние толку рамнодушно поминуваме, а кое е платено со толку голема цена од Бога, Мајката Божја и апостолите. Амин.
(Митрополит Антониј Сурожскиј, Слово на Велики Петок)