„Господ на сите обрезание трпи, и човечките прегрешенија како благ ги обрезува“ – ете ја смислата на денешниот црковен празник. Обрезанието било востановено од Бога и заповедано преку Авраама на сиот избран еврејски род. Тоа било знак за стапување во Завет со Бога, печат на ветувавањето да се биде во верно послушание на Бога уште од детството, да се биде верен до крв; тоа се правело преку образот на отсекување на страстите плотски, преку обрезување на жестокосрдечноста на самото срце, која била толку погубна за Израилот и толку често го терала да отстапи од својот Бог.
И така, Господ наш, како безгрешен, Сам трпи обрезание, за да ги научи да се покоруваат на Божјата волја оние кои бараат обрезание на срцето, очистување од мноштвото гревови, „законот на Творецот, законодателот го исполнува“ , за преку Својот пример да покаже, дека никој не може да дојде кај Бога без законот Господов. Кога се јави Христос – вистината, исчезнаа сенките и симболите, исчезна и обрезанието. Но исчезнала само неговата сенка, а она што самото го претставувало, секако останало, зашто Господ не дошол да го наруши Својот закон, туку да го исполни (Мт. 5, 17). До ден-денес, преку светото Крштение, како и преку обрезанието, ние даваме завет дека „се одрекуваме од сатаната и сите дела негови“, „се соединуваме со Христа“, то ест, стапуваме со Него во тесен, вечен сојуз, кој и се претставува преку кружното заобиколување околу купелот на денот на светото Крштение. Таму се обрезувало телото, како печат на заветот, а тука треба „да се слече телото гревовно“ то ест, секој грев кој сме го носеле и на кој сме се навикнале, како стара облека…
Зарем Христовите маченици требало да го запечатат со крв заветот на својата верност кон Христа, а ние имаме право да торжествуваме за нивната победа само на пировите на телесни задоволства, ние, заради кои се пролеа Христовата крв и на Неговите свети маченици? Зарем не треба да бидеме маченици, ако не со крвта, барем со „волјата“, како свети Василиј, кој за ништо го сметал прогонството, темниците, лишувањето од имотот (ако воопшто и можел да се најде кај него), измачувањата, самата смрт? Верноста на совеста, исто така браќа, треба да ја пројавуваме до спремност да пострадаме „дури до крв“ за, како свети Василиј, „неработен душевниј соблјусти сан“, то ест, името христијанин да се запази непоробено од страстите на светот до мачеништво, а не, да отпаѓаме од Христа при секој напад на непријателските страсти на душата, како што во војната презрените предавници се предаваат на непријателот и при најмалите опасности за нивниот живот. Зашто обрезанието на срцето не се состои само во она, што било во Стариот Завет со проливањето на крв, ниту на исповед да се набројат усно, или непотполниот попис на своите гревови да се искине со раце, туку наместо ризите, да го раскинеме сопственото срце (Јоил 2. 13) со скрушеност и тага, да пролиеме барем солзи наместо крв, за своето постојано отстапување од Христа, Кој нè искупил преку Својата крв.
Да поитаме браќа, ние кои го празнуваме јавувањето на Бога во тело, да ја надмине нашата предаденост на Христа, предаденоста на еврејскиот народ, која се состоела од надворешни дела и зборови на праведност на книжниците и фарисеите (иако често, нашата праведност е далеку и од праведноста на последните), затоа што, ако не ја надминеме и ако не го обреземе од страстите сопственото срце, нема да можеме да влеземе во Царството Небесно (Мт. 5, 20).