Дали Светото Писмо може да се толкува надвор од Светото Предание, што всушност претставува Преданието и кое е неговото значење во правилното разбирање на Светото Писмо, дали протестантите го почитуваат Светото Предание? За тоа ни зборува познатиот професор, д-р по богословие и философија, о. Андреј Кураев:
(Македонскиот превод може да се вклучи на CC. Во прилог, следува Транскрипт од видеото)
Ќе се осврнеме на уште една тема, по повод нашата полемика со протестантите – за тоа, дека преданието е неопходно. Ќе се обидам да објаснам, во што се состои неговата неопходност. Прво нешто за кое што треба да се заинтересираме: Кажете ми, кој е создател на Библијата? Ќе се обидам да одговорам на ова прашање, не високо богословски, ние за разлика од муслиманите, ја немаме идејата за предвечен Куран, предвечно Евангелие, вечна Библија на Небесата. Ниту еден од авторите на Библијата, не знаел дека пишува Библија. На пример, апостол Павле му пишувал послание на Тимотеј. Што, тој знаел дека пишува дел од Светото Писмо? Дека, покрај Мојсеевото Петтокнижие ќе стои и неговото писмо? Тој не го знаел тоа. Кој одлучил тие да бидат заедно?
Библијата се состои од книги. Тоа е библиотека. Десетици напишани книги, од десетици разни автори, на разни јазици, во текот на 1500 години. Кој ги собрал заедно, под една корица? Јас разбирам, богословски, тоа е Светиот Дух, јасно! Но, конкретно. Како дејствува Светиот Дух? Ако имаме Зборник на научни статии, зборник на песни, Антологија на современа поезија, таму, на насловната страница задолжително е укажано: автор-составител, редактор-составител. Прашањето е: кој е тој редактор-составител на Библијата? И треба да се натераат баптистичките мозоци да работат така, да сфатат дека Црквата го направила тоа. И пак се враќаме на прашањето за преданието. Првичноста на Преданието пред Светото Писмо. Најпрвин бил опитот од животот во Христос, а потоа фиксирањето на тој опит на страниците на Евангелијата. Историските преданија му претходат на Писмото. Најпрвин се појавиле христијаните, а потоа христијанските писатели, вклучувајќи ги и апостолите, евангелистите. Дури и евангелистите, најпрвин станале христијани, па дури потоа евангелисти.
За мене, едно од најголемите чуда од црковната историја е следното: На кој начин, во II и III век, на огромното пространство на светската Римска империја, расеаните ранохристијански општини, успеале да направат подеднаков избор на книгите? Интернет немало, факс немало, телефони немало, терминолошка и ракописна експертиза, исто така немало. Папи немало, патријарси немало – инквизиција, исто така немало. Надворешно расеаните христијански општини, како успеале да имаат подеднаков вкус?
Замислете си, ние сме христијанска општина од II век во Керчи. Што е тоа Керчи – Пицунда. Тоа е Магадан. Пицунда е Магадан за Римјаните, краен Север. Краен Север на Римската Империја. Место за прогонства и затвори. И така, ние си живееме во Пицунда, имаме малечка христијанска општина. На пристаништето стигнува брод, оддалеку, од Александрија. И оттаму излегува некој човек и нè наоѓа нас. Доаѓа на нашето тајно, полу-тајно неделно собрание. Таму кај нив, можеби сеуште има гонење на христијаните, но кај нас, во Пицунда, горе-долу мирно е. Управникот не нè чепка. И така, тој трговец, доаѓа на нашето собрание, вели дека е христијанин, го докажува тоа, се крсти на крајот крашитата, и бара да го пуштиме да присуствува на Агапи, на Вечерата на љубовта. Се согласуваме. Тој доаѓа, во тоа време сеуште немало Типикон. Постоеле традиции, еврејски традиции, секој полнолетен маж, кај нив 30 години,член на општината, имал право да ѝ предложи на општината негово толкување на Светото Писмо. Директно на собранието. И следствено, нашиот гостин од Александрија, откако го ислушал читањето на Евангелието, проповедта на нашиот локален епископ на таа тема, вели: „Простете, браќа. Вие го читавте Евангелието од Марко, а Марко беше ученик на Павле. Јас имам Евангелие од Павле. А освен тоа, донесов и Евангелие од самата Мајка Божја. Сакате да го слушнете?“ Како би изреагирале ние: „Евангелие од Мајката Божја? Што зборувате, ние мечтаевме за тоа. Секако брат, раскажи ни!“ И тој почнува да ни го чита Евангелието од Марија. Ние слушаме, и почнуваат ушите да нè чешаат. Тоа не е Тој Христос, Кого ние Го љубиме. Ние не можеме да направиме експертиза и да речеме: покажете ни образец од ракописот на апостол Павле, ние имаме фотокопија од неговото оригинално послание, а кај вас е поинаку… Ние немаме лингвистички институт на кој би го споредиле и би направиле лингвистичка, контекстуална, историска анализа. Ние не знаеме да го направиме сето тоа. Но чувството, не е тоа што треба. Навидум и благочестиво, и убаво кажано, но не е тоа-тоа. И тоа е многу важно. Тоа чувство на одбивност, алергиската реакција, се покажале општо-црковни. Во црквите во Персија, Индија, Етиопија, Британија, Ирска, тие општини кои не биле поврзани, кои немале можност да се допишуваат дали некоја книга е вистинска или не. А тие сите направиле ист избор. И тоа е едно од најинтересните чуда од црковната историја. И тоа е потврда на тоа, дека преданието е првично. Преданието како опит, како настројување на гласот, настројување на вкусот. Како што напишал о. Александар Ељчанинов: „Како што има правилно наштиман глас, така има и правилно наштимана душа“. Тоа и е задачата на преданието, правилно да ја наштима душата.
Втора историја. Кога имам таква среќа, да се сретнам лично со баптист, адвентист итн., јас го прашувам: „Кажете ми, вие се молите на Исус Христос? – Да, секако. –Тогаш, кажете ми, каде во Светото Писмо се вели дека треба да Му се молиме на Исус Христос? Покажете ми од Писмото. Значи и јас самиот сум упорен баптист, и без Светото Писмо, не верувам. Тој почнува да приведува разни места од Писмото. – Извинете, но тука пишува молете се на Господа, а под Господ може да се подразбира Бог Отецот. Од каде знаете дека се обраќа кон Исус Христос? Тоа е сериозна работа. Никаде во Новиот Завет не можеме да видиме, Апостолите да Му се обраќаат со молитва кон Христа, доколку не Го гледаат. Кога апостолите Го гледаат Христа, секако, како што вие можете мене да ме замолите, јас вас, апостолите бараат нешто од Христос. Кога Христос им се јавува, после Воскресението, во виденијата на апостол Павле, на апостол Стефан, во денот на неговата смрт, Стефан ги гледа отворени Небесата, и Христос оддесно на Отецот и Му се моли, тоа е јасно. Но никаде не гледаме, апостолите да речат молете Му се на Христос. Не го гледаме тоа. Дури и Ориген, многу добар познавач на Писмото, Ориген, во III век, сметал дека не треба да се молиме на Христос. И сепак, ние се молиме на Христос. И вие баптистите се молите на Христос. А сега кажете ми, ве молам, како се вика таквото устројство на црковниот живот, кое во црковниот живот е прифатено од сите, а во Писмото нема основа за тоа? Како се вика тоа? Предание. Така што, драги браќа баптисти, ви честитам! И вие имате предание! Минимум две. Канонот на Новиот Завет, а и општо на Библијата, и молитвата кон Христос. Каков заклучок ќе изнесеме од тоа? Не викам полиција: Тревога, нè ограбија, две наши преданија ни украдија баптистите! Не, не, не.
Во Старечникот… Не, во Духовното Поле има еден прекрасен расказ. Еден манастир, некаде во Египетската пустина, го нападнале варвари. Бандитите ограбиле една келија во манастирот, на некое старче, и си заминале. Старецот дошол, и видел дека бандитите го заборавиле расото. Гледа, бандитите заборавиле да го земат неговото расо. Зборот расо, знаете што е, или треба да го објаснам? Што е расо? Партал. Зборот расо, значи само партал. Поимот свилено расо е жежок мраз. Нешто бодликаво, неудобно, како власеница. Нешто што не му треба никому. И дури ни на бандитите не им било потребно тоа расо. Старецот го зел тоа расо, отрчал по бандитите и почнал да вика: Браќа, застанете, вие ова го заборавивте кај мене. Земете го ве молам! Со таков крик јас трчам кон баптистите и им викам: Браќа, застанете! Вие зедовте од Црквата две преданија. Немам ништо против, но ве молам, земете ги и сите други. Не само преданието за молитвата кон Христос, но и молитвата кон Мајката Божја, кон Ангелот Чувар, Светите Отци… Земете ги, украдете од нас сè и бидете како нас. Сосема православни.
Бидете како нас… Не можам да се воздржам, ќе ви раскажам уште еден од моите омилени мемоари. 1937 година, јасно дека за време на Советскиот Сојуз, а во тоа време, културното човештво во 37-та година одбележувало 100 години од смртта на Пушкин. И во Парижскиот богословски институт „Св. Сергеј“, по тој повод била организирана конференција. Меѓу учесниците на конференцијата, имало конвертити. Неколку католички свештеници кои преминале во Православие. Денес често слушаме за унијатите, тоа се луѓе кои ја чуваат православната надворешност, форма, а го исповедаат католичкото учење. А има унијати поинакви, тие се многу малку, но сепак постојат. Тоа се католици, кои преминале во Православие, и им дозволиле да го сочуваат западниот обред. Но притоа, тие исповедаат Православие и се потчинуваат на нашите канонски епископи. И така, неколку свештеници, од француските колонии на Африка, некои од Белгија, Франција, Африка имаше, присуствуваа на тоа собрание. И еден од нив, подготвил статија за Пушкин. Својот говор го започнал вака: „Знаете, мене ми е толку мило да зборувам за Пушкин, затоа што Пушкин е ист како мене – тој е и црнец, и православен“. Така и јас им велам на баптистите, украдете ни го сиот остаток, и бидете исти како нас.
И на крај, главната тема за нашето денешно предавање: секој текст има потреба од читател. Компетентен читател. Поголемите средношколци и студенти ги прашувам: Дечки, можете да ми го кажете името на соавторот на Војна и мир? Соавторот на романот на Лев Николаевич Толстој, Војна и Мир. Умните деца, ги ококоруваат очите, велат: Попе, ти да не си се напил нешто, каков соавтор на Војна и мир? А соавтор има. Како се вика вашата професорка по литература во вашето училиште? Марија Ивановна? Таа и е соавтор на Лев Николаевич Толстој. Затоа што секој читател е соавтор на писателот. А особено оној читател, кој своето разбирање на текстот го пренесува понатаму. За да се разбере текстот, треба да се биде конгинијален на текстот. Подобното се спознава од подобно. И од истата причина, текстот има потреба од традицијата на неговото читање. Тоа е една од најточните пројави и назнаки на Светото Предание.