Впрочем, оние кои претходно не верувале, потоа станале достојни за чудење и славни.
Така, кога Павле пристигнал во Ерусалим за расудување за верата, веднаш се јавил кај Јаков, кој бил толку почитуван, што него прв го поставиле за епископ. Раскажуваат исто така, дека тој водел толку строг подвижнички живот, што сите негови членови се умртвиле, што од непрестајна молитва и непрестајни земни поклони, неговото чело отврднело до тој степен, што по својата жестокост не се разликувало од коленото на камилата. Тој и Павле, кој потоа повторно се враќал во Ерусалим, го вразумувал, велејќи: гледаш ли брате, колку илјади Јудејци се собраа и сите се ревносни по Законот (Дела 21, 20)? Толку голема била неговата благоразумност и ревност, а подобро речено: толку голема била силата Христова! Всушност, оние кои го гонеле Христа за време на Неговиот земен живот, по смртта негова толку ревнувале за Него, што биле готови дури и да умрат за него – што и ја покажува големата сила на Воскресението. Затоа и пославното било зачувано за крај, за докажувањето и сведоштвото да биде несомнено. Ако оние, на кои им се восхитуваме при животот, ги забораваме по смртта, тогаш како оние кои Го хулеле Христа при животот, после Го признале за Бог, доколку Тој бил обичен човек? Како би се решиле да одат за Него во смрт, ако немале јасни докази за воскресението?
- Ви зборувам за тоа, за не само да слушате, но и да ја подражавате храброста, смелоста и секоја добродетел; никој да не очајува за себеси, иако претходно бил мрзелив, и после милосрдието Божјо, на ништо друго да не се надева, освен на своите добродетели. Ако сонародниците Христови, кои живееле со Христос во еден дом и татковина, не добиле од тоа никаква полза, додека не јавиле во себе добродетели, тогаш како можеме да добиеме прошка ние, ако претставувајќи си ги за застапници своите праведни роднини и браќа, самите не станеме добронаравни и утврдени во добродетелите? На тоа укажува пророкот, кога вели: брат нема да те избави, ќе те избави ли човек? (Пс. 48, 7), па дури и да е тоа Мојсеј, или Самуил или Еремија? Слушни што му вели Бог на Јеремија: не моли се за овие луѓе, зашто нема да те послушам (Јер. 11, 14). И што се чудиш, ако не те слушам? Дури и да застанеа самите Мојсеј и Самоил, Јас не би ги примил ни нивните молитви за тие луѓе. Иако Језекије ќе почне да се моли: па, ако се најдеа во неа тројца мажи: Ное, Данаиил и Јов, тие со својата праведност ќе можеа да ги спасат само своите души, вели Господ Бог (Јез. 14, 14, 18). Иако патријархот Авраам ќе биде застапник за неизлечливо болните и нераскаените, – Оставајќи го, Господ се оддалечи, за да не ги слуша молбите за нив (Бит. 18, 33). И Самуил исто така ќе се застапува – Господ ќе му рече: не плачи за Саул (1 Цар. 16, 1). Па дури и за сестрата своја некој да се моли предвремено – ќе го чуе истото, што и Мојсеј: “Ако татко и ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена! (Броеви, 12, 14). Да не се надеваме премногу на другите. Молитвите на светителите имаат голема сила, но само кога ние самите се каеме (во гревовите) и се исправуваме. И Мојсеј, кој некогаш го избавил братот свој и шеесет илјади од гневот Божји кој им се заканувал, не можел да ја избави сестрата, иако и гревот не бил еднаков. Маријам го навредила Мојсеја, а Арон пак со народот направиле јавен срам. Но за тоа ќе ви оставам да размислите самите, а јас ќе се обидам да решам уште потешко прашање. Всушност, дали вреди да се зборува за тоа, дека Мојсеј не можел да испроси милост за сестра си, кога истиот застапник за многубројниот народ не можел да се застапи за себеси? После безбројните трудови и маки, после четириесетгодишнната грижа за народот, нему му бил забранет влезот во земјата, за која имало толку претскажувања и ветувања. Која била причината за тоа? Причината би била таа, што допуштањето на Мојсеј во ветената земја, не само што не би донело полза, но би направило голема штета, и за многу јудејци, би станало соблазна. Ако тие само за избавувањето од Египет, го оставиле Бога и почнале да бараат во Мојсеја сè, и нему да му припишуваат сè, тогаш до какво бесчестие би дошле тие, кога би виделе дека тој ги вовел во ветената земја? Затоа и местото на неговото погребение останало непознато. И Самуил не можел да го избави Саул од гневот Божји, иако често ги спасувал израилците. И Јеремија не им помогнал на јудеите (2 Мак. 15, 16), иако другпат поткрепил друг јудеец со пророштво. Даниил ги избавил варварите од пораз, но не ги спасил јудејците од ропство (Дан. 2). И во евангелието гледаме, дека не со различни луѓе, но со едни и исти се случувало и едното и другото: еден и ист некогаш можел да се спаси, а некогаш не. Оној кој должел илјада таланти, на пример, еднаш со усилена прозба се избавил од опасност, а друг пат не можел. Друг пак напротив, најпрвин се подложил на опасност, а потоа нашол сигурно средство да си помогне. Кој е тоа? Оној што го потрошил татковиот имот. И така, ако ние самите не работиме на себеси, преку другите нема да се спасиме. Ако пак не си даваме сон, и самите ќе достигнеме спасение: то ест, повеќе ќе се спасиме самите, отколку преку другите. Навистина, на Бога му е попријатно да ни ја дава благодатта директно нам, а не преку други, за самите трудејќи се да го отстраниме Неговиот гнев, да стануваме похрабри и подобродетелни. Така Он ја помилувал хананејката, така ја спасил блудницата, така го спасил разбојникот, иако за нив немало никаков застапник и претставник.
- Впрочем, не го велам тоа за да не ги призиваме светителите во молитвите, но затоа, да не бидеме мрзеливи, и предавајќи се на безгрижност и сон, да не го полагаме на другите она, што треба да го направиме сами. И Христос, велејќи: И јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта (Лк. 16, 9) – бидејќи тука Он не подразбира нешто друго, освен милостињата. И што е чудесно, Он веќе ништо друго не бара од нас, само да отстапиме од неправдата, затоа што Неговите зборови имаат таква смисла: си стекнал лошо – потроши го добро. Си собрал неправедно – раздај праведно. Каква добродетел би било– да се раздава од имот, неправедно стекнат? И сепак, Бог по Своето човекољубие, снисходи до тоа, што ни ветува многу добра дури и за таквите дела.
Но ние доаѓаме до таква бесчувствителност, што ништо не одделуваме ни од тоа што сме го стекнале неправедно; напротив, грабајќи со илјадници, мислиме дека сме направиле сè, давајќи мал дел. Зарем не си слушнал, вели Павле: кој сее со скржавост, скржаво и ќе пожнее (2 Кор. 9, 6)? И така, зошто си скржав? Зарем сеењето е трошење, загуба? Не! Тоа е приход и придобива. Каде што има сеење, има и жетва; каде што има сеење, таму има и прираст. Обработувајќи ровка и мека земја, која може да прими во себе многу семиња, ја засејуваш со сите свои семиња, и уште позајмуваш од други, затоа што скржавоста во тој случај ја сметаш за загуба. А кога треба да се обработува небото, кое не подлежи на никакви воздушни промени и сето што му е доверено, несомнено ќе израсне со голем прираст, ти си мрзелив, спор, и не размислуваш на тоа, дека чувајќи губиш, а трошејќи добиваш. И така, сеј, за да не изгубиш; не чувај, за да сочуваш; истурај, за да собереш; троши, за да придобиеш. Дури и да требало нешто да сочуваш, не чувај, затоа што токму тоа ќе го загубиш, а довери го на Бога, од Кого никој не може да го украде. Сам не тргувај, затоа што не умееш да извлечеш придобивка; по поголемиот дел од капиталот дај го на заем на Оној, Кој задолжува, дај заем таму, каде што нема ни завист, ни клевета, ни измама, ни страв. Дај заем на Оној, Кој сам во ништо нема потреба, но кој претрпува заради тебе; Кој сите ги храни, но гладува за ти да не си гладен, осиромашил, за ти да се збогатиш. Дај заем таму, од каде што ќе добиеш не смрт, но живот наместо смрт. Само за таков заем, можеш да добиеш царство, а за секаков друг ќе добиеш геена, зашто тој заем покажува среброљубие, а овој -љубомудрие; тој – дело на жестокост, а овој – човекољубие. И со што ќе се оправдаме, кога имајќи можност да добиеме повеќе, и притоа со цврста увереност да го добиеме во сегашно време, со полна слобода, беспрекорно, без страв, без опасности, ги пренебрегнуваме тие богатства, а трчаме по она што е срамно, ништожно, лажно, распадливо и ни ја подготвува огнената печка?
Ништо нема посрамно и пожестокосрдечно, од тоа да земеме заем на земјата. Всушност, лихварот се збогатува на сметка на туѓата мака, несреќата на другиот ја претвора во своја добивка, бара плата за своето човекољубие, и наводно се плаши да биде немилосрден, под видот на човекољубието ја копа јамата уште подлабоко; помагајќи, го угнетува сиромавиот; подавајќи рака, го турка; навидум го приведува во пристаниште, а истовремено го подложува на рушење, насочувајќи го на карпи, теснеци и подводни камења. Но, што бараш ти, ќе речат? Тоа, собраните од мене, и на самиот себеси, потребните пари да ги раздадам на друг и да не барам за тоа никаква плата? Не, не велам тоа; напротив, многу сакам да добиеш плата, – само не мала, и не ништожна, но многу поголема; посакувам, во залог на златото да добиеш небо. И така, зошто самиот се фрлаш во сиромаштија, прилепувајќи се за земјата, и наместо поголемото, го бараш помалото? Тоа докажува, дека не умееш да се збогатиш. Кога Бог за малиот имот ти ветува небесни блага, ти велиш: не давај ми небо, а наместо небо, дај ми злато, кое брзо пропаѓа. Тоа значи, дека ти произволно сакаш да останеш во сиромаштија. Кој ревнува за вистинското богатство и изобилие, тој наместо она што брзо пропаѓа, го избира непропадливото, наместо потрошливото, непотрошливото, наместо малку-то – многу, наместо тленото – нетленото, и по таквите богатства ќе дојдат и првите. Кој наместо небото бара земја, тој и нејзе ќе ја изгуби; а кој го претпочита небесното пред земното, тој и со едното и со другото ќе се насладува во големо изобилие. За и ние да го достигнеме тоа, презирајќи го сето овдешно, да ги избереме идните блага, и на тој начин ќе го добиеме и едното и другото, по благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому е слава и власт во вечни векови, Амин.
(Толкување на Евангелието по Матеј, 1 глава – Свети Јован Златоуст)
Претходно: „Жено, еве ти Син!“ (Јн. 19, 26) – За приснодевственоста на Богородица
Превод: Златко Дивјаковски