Рождеството Христово во комунистичките затвори

Радоста од Рождеството Христово секогаш се чувствувала, независно од надворешните околности или од социјалните услови. Како во големите концертни сали, така и во малите улички на градот, во величенствените катедрали и во тесните монашки келии, во аристократските палати и во кршните малечки куќи, пред камините или во ледените темници, веста за раѓањето на Господ ги осветлува луѓето , укрепувајќи ги слабите и оживувајќи ги очајаните срца.

Rojdestvo-v-zatvora

Во денешно време, овие неколку дни ни се чини дека имаме потреба од многу повеќе работи, отколку во другиот период; тие замислени потреби, кои започнуваат уште пред постите и траат дури до Крштението Господово, честопати ни пречат вистински да се зарадуваме на големиот празник. Но како контраст на нашиот свет, некои христијани поминале години во комунистичките затвори, и сведочат, дека таму вистинската светлина на Божик ги озарувала душите на затворениците.

Затворите во времето на комунизмот беа прочуени со атеистичниот систем на „превоспитување“, но и покрај тоа, и на тие места празникот на Рождеството Христово оставаше трага. Затворениците верници, оние кои ја сакаа Црквата, беа одделени од своите семејства од политички причини и фрлени во затворите заедно со престапниците. Далеку од семејството и пријателите, многумина од нив не издржаа во темните и ледени келии, но некои оздравеа и после многу години поминати во затворите, беа ослободени, и имено тие раскажуваа…

Власта многу ја мразеше христијанската вера, што се пројавуваше најмногу за време на празниците, кога раководството на затворот и мачителите се однесуваа како бесни, зашто правеа сè, да ја убијат и најбледата трага на љубов и достоинство, која останала во душите на овие измачени од гонење луѓе. Ако до Божикните пости мачителите си поставуваа некаква мерка во идеите за измачување, со наближувањето на големиот празник тие стануваа апсолутно безмилосни, а ноќта на Бадник стануваа неподносливи, како да ги опфаќаше сатанска лудост.

Но, независно од возраста, од пресудата и од местото на кое се наоѓал затворот, политичките затвореници во времето на комунизмот секогаш, на некаков начин го одбележуваа Божик, иако и на тој ден се бореле со студ и со глад. Мачителите во комунистичките затвори така го подразбирале Рождеството Христово за своите жртви – глад, студ, нечистотија, измачувања и болести.

И покрај сите тие тешкотии и лишувања, Исус Христос, Спасителот, присуствувал меѓу нив. Додека малиот Исус се раѓал во скромни јасли во Витлеем, а луѓето спиеле во топли места, така и Спасителот се раѓал во ледените келии на комунистичките затвори, додека луѓето седеле до топлите камини и трпези со вкусни јадења.

Отец Зосим Оанчја се сеќава на еден Божик, поминат во затворот: „И покрај сè, Исус присуствуваше во келиите: во тивките Божикни напеви, во поздравите, во растреперените гласови кои го шепотеа поздравот: „Честит Божик!“ Во часот на ноќната богослужба на првиот ден Божик, кога надзорниците од новата смена малку задоцниле, почнало тивко да се разнесуваат песните за Рождеството Христово како во православна црква, прво потивко, а потоа се засилило: „Ангелите со пастирите славословат, а мудреците со ѕвездата патуваат…“

Атанасие Берзеску се сеќава на Божик, 1952 г.: „Некој даде знак да ги почнеме Божикните песни. Сите ние, бевме четворица во келијата, во тој момент имавме детски изрази на лицето, срцата ни биеја лудо, мислиш ќе ни скокнат од градите, со раце залепени за решетките, и со разискрени очи во ноќта, ја започнавме Божикната песна: „О, каква прекрасна Вест…“, после која со истата мелодија ја продолживме песната на Раду Џир – „И тука дојде Божик!“ Надзорниците брзо почнаа да удираат со пендраци и клоци по вратите, како да ни заповедаа да престанеме и нè заплашуваа со што ли не. Луѓето од Ајуд, каде се наоѓаше затворот, се собра околу оградата; зачудени и стишени ги слушаа Божикните песни, и за малку ќе запееја со нас. Оживеавме со душите во тој возвишен момент. Во тие прекрасни мигови, надзорниците можеа сите да нè убијат, но тогаш тие како да не постоеја за нас, и не чувствувавме никаков страв. Ние бевме во Господа и Господ беше во нас“.

Црковните и божикните песни биле единствениот извор на радост и утеха за затворениците во тие свети дни. И не можеле да бидат запрени од никакви заплашувања и мачења. Тоа го потврдува и Димитру Бордејану, кој раскажува: „Никогаш нема да ги заборавам тие мигови на умиление и духовно возвишување, кога од секоја женска затвореничка келија, од залезот на сонцето до вечерта, една по една од жените застануваа на прозорците на келиите и пееја. Никогаш дотогаш немав чуено точку прочувствени и нежни песни, кои се извишуваа кон небето, како на затворените зад решетки „слаткопојни птици“. Тоа, кое ги трогна до солзи сите затвореници, беа приспивните песни кои мајките ги пееја, но не на нивните деца, зашто нивните деца сигурно веќе заборавиле за нивното постоење“.

Јон Оанид се сеќава на Божик, во 1952 г., кога ги пуштиле на работа во рудникот Кавник: „Кога влеговме во рудникот, колку и да е чудно, имавме чувство, дека темните тунели нè примаат пријателски, и тогаш во целиот рудник почнаа да се слушаат коледарски песни, кои сите ги пеевме. Повеќе од половина час никој од нас не се помрдна кон работното песно, зашто пеевме не само песни, кои ги знае секој романец, но и затворенички песни“.

Продолжува да се сеќава и отец Димитрие Бежан за една Бадникова вечер, помината во логор, далеку од домот: „Во логорот во Манастарка, во сите бараки гореа самоделно направени кандила и даваа одблесоци меѓу боровите, по кои беа закачени божикни играчки, направени од картон и дрво. За кого беше сето тоа? Оние што ги украсиле боровите, го направиле тоа во чест на нивните деца. Девојчињата и момчињата, кои свиени пред иконата заедно со мајка си, го молеа Дедо Боже да го доведе татко им дома. Под светлината на кандилата ние пеевме песни и Божикни химни за раѓањето на Младенецот во Витлеем. Спонтано, како во приказна, раскажувана од дедо, се нижеа расказите за светите моменти. Последниот коледен напев нè расплака сите: „Под прозорецот на спомените се собираме, за да им оддадеме почит на сите души исполнети со дух Божикен. Снегот нè затрупува и исчезнуваме без крст, без татковина, но ние бадникуваме! Боровите горат во огништето на старата куќа, а ние го започнуваме празникот на едно ново Коледе“.

Дури и гонети, заплашувани и измачувани, затворениците не престанувале да веруваат и да се надеваат на Бога. Бидејќи речиси во секоја келија имало затворен и по еден свештеник, затворениците можеле да бидат исповедани, очекувајќи го со пречистена душа Рождеството Христово. А кај оние, кај кои немало затвореник духовно лице, според сведоштвото на Јован Јаноиде, се исповедале на чуден начин: „Во предведчерието на Бадник се исповедав по знакк, даден на цевката од парното во една од келиите, каде што имаше свештеник. Радост ми ја облеа душата и чиниш, на чудесен начин небесата се отворија за мене“.| www.crestinortodox.ro

Текстот е објавен со скратување

 

Превод: З. Д.

Извор: https://www.pravoslavie.bg