Шепот познав, а зборови не осознав. Картонска рака на милостина испружена пред моите двери. Проси. Милува. Благословува. Прибежиште на студ, на камшик и ветер. Со крилја под пазувите скриени во пластот облеки од кожени јакни, волнени елеци и свилени марами. А тие, најмалите и најмилите, трчаат околу нејзиниот изѕемнет престол, палаво отпретувајќи го светлиот ореол од нејзината глава. Бездруго, личеше на Богородица од Калишта. Измиена од езерските лачи. Непробиена од синџирот на гневот, и пак останала црна. И оти таква создадена, се спружила сред сопствената сламарка, натежнала над сопствената радост. Повторно блажена. Со петтото. Ќе се роди лубениче сред зима. Голо бостанче. Сушт дар над даровите.
Шепот познав, а зборови не осознав. А се колнам пред очиве што не гледаат и пред ушиве што не слушаат, дека кога ѝ ја спуштав железната пара во премрзнатите жили, ми светнаа мрсулавите очи на едното – четвртото. И тогаш слушнав нешто. Токму тогаш кога едното – третото се поткраднуваше зад мене со босите пластични влечки, лакомо гледајќи ме. И додека ми се насмевна една бојосана глава со портокалова боја – тоа второто, и додека ги загледав крвавите рани на тоа – првото. Тогаш слушнав нешто: како ќе ја почувствуваш топлината, ако не го почувствуваш мразот под коските? Како ќе се обогатиш ако не ги облечеш парталите на сиромасите, и уште како ќе ти се стопли душата на Божик, ако не премрзнеш во крштението на Јордан?
Клекнав во страв и трепет пред нејзиниот скутник кој криеше скапоцена бовча.
– Кога ќе се породиш мајче? – ја прашав.
– Кога ќе сака Господ – ми рече и ја одврати од мене забрадената лика, за да ги испружи своите просидби кон другите минувачи.
Не знае – помислив – можеби за Божик. Кој знае. Тогаш кога радост неизмерна ќе биде. Тогаш кога сè ќе се дознае. Тогаш кога светот ќе препознае – рождество на плачот и рождество на љубовта.
Автор: Елена Богдановска