Денеска изгреа Сонцето на правдата – и се сокри порано од тоа што излезе; ослободен сум од темнината – а не ги користам зраците; за мене повторно се роди светлина – а јас се помрачувам со страв; се радувам на раѓањето – а се збунувам пред неговиот начин; гледам дека протекува нов извор – и бега од древното нечестие; гледам, се раѓа младенец – и небото се наведнува да Му се поклони Нему;
Мајка раѓа – a утробата не се отвора; дете го запечатува сопственото зачнување; родител не е маж, и Синот е без татко; Спасителот се раѓа и Си создава ѕвезда; во пелени се обвиткува младенец, Кој земјата ја држи; јаслите претставуваат престол небесен, и животните – херувимско достоинство; мудреците богословствуваат, а јереите богоборствуваат; Ирот паѓа, и смртта се оплакува; Адам се ослободува, Ева се радува, и змијата тагува; заробените се ослободуваат, и насилниците се казнуваат; младенец се храни со млеко, и ја храни онаа што го храни; на раце е носен, а ја носи онаа што го носи; тварта го препознава, и природата се исплашува. И јас избезумен од ова чудо, треперам пред тајната.
Смело ќе му се доверам на Гаврил, и ќе го изгонам мојот страв. Зборовите кон Марија го објаснуваат чудото. Кои? И рече (Гаврил): „Радувај се, Благодатна“ (Лк. 1, 28), неизмерно поле на небесниот клас; радувај се Благодатна, вистинска девствена мајка на вистинската винова лоза; радувај се Благодатна, непоколеблива мрежо на неизмерното божество; радувај се Благодатна, опширно место на неопфатната природа; радувај се Благодатна, невеста на овдовениот свет, непорочно раѓање; радувај се Благодатна, која исткаи за созданието неракотворен венец; радувај се Благодатна, света обител на огнот; радувај се Благодатна, враќање на заскитаната вселена; радувај се Благодатна, непресушна житница на прегладнетата твар; радувај се Благодатна, бескрајна благодат на светата Дева; радувај се Благодатна, носител на светилникот, украсен со многу добродетели, (носител) на светлината неугасива и посветла од сонцето; радувај се, Благодатна, мамка на духовната јадица; радувај се Благодатна, духовен кивот на славата; радувај се Благодатна, златна стомно со небесна мана; радувај се Благодатна, која ги напои жедните со сладок напиток од вечниот извор; радувај се Благодатна, духовно море со небесниот бисер, Христос; радувај се Благодатна, сјајно небо, кое во себе го смести несместливиот во небесата Бог, неопфатниот и пространиот; радувај се Благодатна, столбовиден облак, кој го носи Бога, патеводител на Израилот во пустината. Што да кажам, и што да прозборам? Како да оддадам почит на сеопфатната слава? Освен Бога, ти си повисока од сите“.
Од тоа слово, таа се збунува, и тргајќи го погледот, стои со телото и ја претставува глетката на крсната историја; нерешително стои пред ангелот – ниту бега, ниту се осмелува, ниту стои, ниту се дрзнува. Гледајќи, дека бестелесен стои како човек, таа се срамела да остане, ценејќи го девството; не се осмелувала да го праша неподобниот на себеси. И лицето на Дева било исполнето со страв; се прашала себеси: „Каков е овој поздрав? Кој ме поздрави мене? Тој го надминува блесокот на сонцето, а разговара со кал; слезе од небото, и поздравува девојка; не е облечен со тело, и стои покрај жена, оди по земјата со крилја, како со нозе. За што ја прашува земјата? Мислам дека е ангел, но зборува како човек; до мене доаѓа глас од бестелесните светии; со лицето е украсен посветло од светилник; облечен со одежда; гледам младич необлечен со плот, кој чекори по подот и не остава трага; нема јазик, а ми воскликнува: „радувај се“; со усните не се движи, а ми прорекува радост. Не знам што да помислам за ова страшно видение? Ако не го познавам испратениот, како ќе го познаам Оној што го испратил? Ако е страшен гласникот, Оној што известил е пострашен. Ако со ваква светлина се помрачи мојот ум, со какво тело ќе го покријам Сонцето на правдата? Ако ме плаши созданието, како ќе Го носам Создателот? Ако сум восхитена од слугата, како ќе го родам Господа?“ Ѝ рече ангелот: „Не бој се, Марија“ (Лк. 1, 30); ти нема да паднеш, како Ева; од неа смрт – од тебе живот бесмртен; од неа плод на умирање – од тебе животворен плод; од неа измама – од тебе љубов; од неа, одделување на луѓето од Бога – од тебе, неискажливо соединување на Бог и телото; од неа, мрачниот сон на адот – од тебе, светол светилник на светот; од неа проклетство – од тебе благослов; од неа отфрлање – од тебе простување; од неа измачување – од тебе вера; од неа солзи – од тебе река на жива вода; од неа труд – од тебе успокојување; од неа, древното бесчестие – од тебе животот во Троица; од неа братоомраза – од тебе човекољубие; од неа потоп – од тебе бања на бесмртност; од неа убиство – од тебе преродување; од неа, погубување на живите – од тебе, воскресение на мртвите; од неа, омразен дванаесетколеник – од тебе дванаесет апостоли, соединети со љубов; од неа смрт, која се распространува во светот – од тебе, смртта отпаѓа; од неа пад – од тебе воскресение. „ Не бој се Марија, зашто си нашла благодат пред Бога; и ќе зачнеш во утробата, и ќе родиш“ (Лк. 1, 30-31) Оној, кој е во Отецот и во тело; и ќе родиш Син, постар од Адам; ќе родиш Син, постар од мене; ќе родиш Син поголем од небото; ќе родиш Син поголем од херувимите; ќе родиш Син, устроител на вековите; ќе родиш Син, собеспочетен на Отецот; ќе родиш Син, совечен на Духот; ќе родиш Син, Чија област е сè што постои; Ќе родиш Син, Кого ние не можеме да Го гледаме; ќе родиш Син, Чиј образ е од мене сокриен; ќе родиш Син, пред Кого јас стојам со трепет“.
И се исполнија дните Таа да роди, и Го роди својот Син првенец, зачнат без Маж; роди Син, Кој не бил носен од татко; родила клас, Кого не го посејало тело; го родила Создателот, кој станал човек; Го родила во пештера, а во Персија Тој се јавил. „Кога пак се роди Исус во Витлеем Јудејски, во деновите на цар Ирод, дојдоа во Ерусалим мудреци од исток и рекоа: каде е новородениот Цар Јудејски?“ („кај Христос, кој се родил во Витлеем Јудејски… ете, мудреци од исток дојдоа во Ерусалим, велејќи: каде е новородениот цар јудејски?“) (Мт. 2, 1-2). Каде е бессемено родениот, Кој ја испрати ѕвездата Своја пред Себе? Каде е Оној што со чуден зрак нè привлекуваше кон непознаатата светлина? Каде е Оној, Кој со неизмерна дланка ја оградува вселената? Каде е Оној, Кој секаде се јавува, и во плот се крие? Каде е Оној, Кој нè ослободи од заблудите и патеводителот кон благодатта? Каде е Оној, Кој се јави под дабот преку Ангелската Троица? Каде е Оној, Кој не ја изгори капината и не ја уништи мајката? Каде е родениот од Отецот, невидлив, а од мајка држен? Каде е Оној, Кој го исуши Црното море, а се храни со млеко? Каде е Оној, Кој го казни фараонот, а од Ирод се крие? Каде е Оној, Кој го потопи змејот, а во пелени лежи? Каде е Оној, Кого ангелите не Го виделе, а Го созерцаваат луѓето?“ „И ете, ѕвездата која ја видоа на исток, одеше пред нив, кога конечно пристигна и застана над местото, каде што беше Младенецот… и откако паднаа, Му се поклонија; и ги отворија своите ризници, и Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна. И, откако добија во сон откровение да не се враќаат кај Ирод, тие по друг пат се вратија во својата земја («И се звезда, юже видеша на востоце, идяше пред ними, дóндеже пришедши ста верху, идеже бе отроча… и… поклонившись, принесоша ему дары, злато, и ливан, и смирну. И весть приемше не возвратитися ко Ироду, иным путем отидоша во страну свою») (Мф.2:9, 11–12).
Онаа која Го роди, Христос, нашиот Бог, да ја воспееме и прославиме заедно со Неговиот Отец (и) со Светиот Дух, сега и секогаш, и во вечноста. Амин.