„Секој одговара за себеси. А ние уште одговараме и за тоа, името Божјо да не биде хулено помеѓу јазичниците, како што се изразува во неговото послание, светиот апостол Павле. И тоа може да биде многу сериозен проблем за современиот христијанин, вклучувајќи ги и православните. Ние сме такви, што е малку веројатно, дека луѓето полесно би се обратиле кон Бога, гледајќи на нас. Еднаш на интернет јас прочитав: „Јас не сум против христијанскиот Бог, но Неговиот фан-клуб многу ме иритира“. Средбата со отец Антониј Лакирев од серијата „Основи на христијанското учење“ се одржа во Движењето на Доброволците „Даниловци“.
Отец Антониј Лакирев е роден во 1963 година. Завршил биолошки факултет МГУ и Смоленска духовна семинарија. Работел вo Академијата на науките при СССР. Од 1990 година предава во училиштата во Москва. Служи во Тихвинскиот храм, во подмосковскиот град Троицка. Познат предавач, кој многу години држи лекции по Стар и Нов Завет.
Пространството на Царството Божјо
Денес ние ќе поразговараме за односот со неверните луѓе, вклучувајќи ги и невоцрковените роднини. Јас разбирам, зошто мене не ме замолија да поговориме за односот со филателистите, ќе кажам. Тоа не е така актуелно.
Пред да започнеме да зборуваме за конкретни прашања, јас би сакал да наведам неколку клучни прашања за односот на луѓето помеѓу себе и посебно за односот на христијаните со луѓето. За тоа, како можат да бидат организирани човечките односи, во што е нивната смисла. Бидејќи пред да си го поставам себеси прашањето за „неверните“ роднини, кои поради некоја причина не сакаат да веруваат, мислам дека е потребно да разбереме, во што е содржината и смислата не нашите заеднички односи со Бога.
Јас мислам, дека тука принципиелно важни се зборовите на Господа Исуса Христа, Кој вели: „Јас сум помеѓу вас“. „Таму, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив” (Мат. 18, 20). „Господ говори, дека Царството Божјо се наоѓа внатре во нас, помеѓу нас“.
Тоа всушност е фундаментална работа, бидејќи и современиците на Господа Исуса Христа, и луѓето од подоцнежните времиња, досега, под простор на царството Божјо подразбираат нешто, што тоа не е. Простор надвор од стратосферата, на пример. Тоа е некаде таму, каде што се космонаутите и астероидите. Не, тоа не е таму. Се обидувале современиците на Исуса да го бараат просторот на Небесното Царство во некои политички феномени. Очигледно е дека и тие на неправилно место го барале.
Всушност, просторот на Царството Божјо се меѓусебните човечки односи.
Кога Господ се обидува да ги привлече своите слушатели кон тој факт, да им одговори на прашањето, што е тоа Царство Божјо, каде е тоа и како да се влезе таму – Он цело време вели, со едни или со други зборови: љубете се едни со други.
Он зборува за тоа, како да се однесуваме едни кон други, за во тие односи да се почувствува Божјото Царство, за тие да станат израз на Божјото Царство. Мислам дека тоа е фундаментална работа. Разбирате, нашите меѓусебни односи можат да бидат просторот на Царството Божјо.
Тоа, за жал, не значи, дека секогаш е така. Всушност, како прво, ние многу често немаме личносни меѓусебни односи. Како толпа во метро: ние сме едни до други, се туркаме, а понекогаш и доста осетливо, но притоа, никаква средба не се случува. Христос ни зборува имено за тоа, што се случува, кога луѓето се среќаваат едни со други со своите срца, лице во лице, кога се случува нешто заедничко помеѓу нив. И јас би рекол, дека во целост, христијанската гледна точка се сведува на тоа, дека она заедничко, што се појавува меѓу нас, оној простор, каде што ние сме отворени едни кон други, секогаш се карактеризира со присуството на Бога, присуството на Исуса Христа.
Спомнете си, на пример, за параболата на Господа Исуса Христа за Страшниот Суд, во 25-та глава од Евангелието според Матеј – таа воопшто не зборува за Страшниот суд. Таа зборува за нашата комуникација едни со други, за тоа, кога нешто правиме едни за други, не заради било какви апстракции, туку едноставно затоа што сме луѓе – тоа секогаш е постапка, направена пред Бога. Разбирате, во сите наши односи со другругите луѓе, секогаш покрај нас, на таинствен начин присуствува Бог.
И векторот, кој излегува од нашето срце, е насочен секогаш и на човекот, и на Бога. Често, се случува тоа да биде премногу неудобно, бидејќи ние многу сакаме да му угодуваме на Бога, а кон луѓето да се однесуваме поинаку.
Тоа, главно е општочовечка особина. Но кај Господ, со такво гледиште не поминуваме. Секој однос, секоја средба со другиот човек истовремено – е средба со Бога.
И еве ние размислуваме за своите меѓусебни односи со ближните – верници или неверници, – за тие односи, кои нè рануваат или кои од нас се перцепираат како област на одговорност. Тука е важно да се запамети, дека секогаш постојат универзални признаци кои го карактеризираат Бога. Ако сакате, тоа се законите на Царството. Со други зборови, Господ ни овозможува во овој свет, без оглед на сето негово несовршенство, да живееме според законите на Царството. И еден од тие закони зборува за тоа, дека ние, на пример, треба да се грижиме за луѓето.
Да, луѓето имаат голема вредност, за нив треба да се грижиме. Иако, сите ние сме несовршени, секој според својата мерка. Но сепак, од христијанска гледна точка, пресуден фактор е тоа, дека Христос умре за сите нас, за сите луѓе. Бог својата љубов кон нас ја покажал во тоа, што Христос умре за нас, грешните. Тоа несомнено се однесува кон секого, и тоа треба да се однесува и кон самите нас, и тоа е голема радост.
Зашто, ако Он нè чекаше, да престанеме да бидеме грешници, во тој случај ние одамна би биле духовно мртви. Но Христос умре за нас, уште кога бевме грешници.
Истото важи и за сите останати, односно за оние луѓе, со кои често ни е многу, многу тешко. Апостол Павле, патем, пишува на едно место: јасно е, дека во секоја човечка личност и во секој човечки живот постои и она, што е достојно за Бога и Царството, и она, што е недостојно за Него. Според зборовите на апостолот Павле, сето тоа се изложува на проверка со оган – сè недостојно изгорува и исчезнува. И наша задача, и одговорност е – да дојдеме во тој момент такви, што од таа огромна дрвена конструкција, изградена без ниту една шајка, да можеме да најдеме барем една, која не изгорела. И можеби, таа шајка, ќе бидат тие две минути, кои бескорисно сме му ги подариле од ближниот. Ете тоа е она што ќе остане…
Бог ја почитува нашата слобода
Господ умира за нас и ни го дава Својот живот не затоа што ние тоа сме го заслужиле (ние тоа навистина не сме го заслужиле), туку затоа што Неговото срце е такво. Бог умира за секого. И, соодветно, нашиот однос, еден кон друг се определува, односно треба да се определува од тој факт. Тоа некогаш е многу тешко, бидејќи тоа е двојно прашање за верата. Гледајќи на човекот, вклучувајќи се и себеси, нам ни е тешко да поверуваме, дека тоа животно кое не заминало многу далеку од мајмунот, може да биде толку многу мило на Бога. Но сепак, тоа не е така.
И тоа е причината за вистинска радост и благодарност кон Бога. И таа благодарност за животот, која Он ни го дал на сите, за тоа, што можеме да го живееме заедно, – таа е многу исцелувачка во меѓусебните односи. Вклучувајќи ги и односите со роднините кои не веруваат. Така што, ако треба кратко да одговориме на прашањето, како да постапуваме со таквите роднини, – треба да му благодариме на Бога за нив, и на крајот на краиштата, сè ќе си дојде на свое место.
Уште еден многу важен закон на Царството Божјо се состои во тоа, дека Бог никогаш не ја загрозува слободата на човекот, и тоа за нас исто е многу неудобно.
Но Бог ја почитува нашата слобода. Никој од нас, кога би бил на Негово место не би го правел тоа.
Замислете, милијарди луѓе, кои не сакаат да веруваат во Него, не сакаат да Го видат, не сакаат да живеат според Неговата вистина – а ако Он за било што, воопшто им е потребен, тоа е само за да направат некоја магија, да им се намалат комуналните давачки… Односно дарови, бонуси некакви сакаме да имаме, а да веруваме не сакаме. Јасно е дека, било кој човек на местото на Бога (со тоа ние и се разликуваме од Него), најверојатно, би се обидел со железна рака сите да ги построи. И човечката историја секако знае, илјадници, милиони обиди тоа да се направи, кога се обидуваме да организираме нешто масовно.
Но основната разлика на Новиот Завет е во тоа, што тој не се однесува на големата маса на луѓе. Јас можеби сега една непријатна работа ќе кажам, но сепак – невозможно е да се покрсти една земја. Можно е нејзе да ја обратиш во некаков шаманизам, но да ја крстиш – е невозможно. Новиот Завет се склучува со секој човек посебно. Имено, затоа што Бог бесконечно ја почитува нашата слобода. И ние треба да се учиме токму така да се однесуваме кон слободата на другиот човек.
Тоа, секако, многу ги усложнува односите со неверните. Да, би било добро сите со тебе да се согласуваат. Вера има малку, доверба кон Христос, уште помалку, сите ние сме слаби, нели? И затоа бараме потврдување, да ни кажат, дека, нашите погледи се правилни. Тоталитарните идеологии, всушност, така и се раѓаат – од неуверените ставови на тинејџерите. Но, како прво, тоа не е патот на верата. А како второ, тука постои и длабока неправда.
Слободата – е многу важна работа, без која ние не би биле такви, како што нè замислил Бог. И, секако, најглавно во сè е – љубовта.
Новиот Завет им предлага на оние, кои во него влегуваат, да се однесуваат едни кон други, како што вели Господ, „така како што Јас ве возљубив вас“. Господ навистина нè љуби без никаква корист. Каква корист има Тој од нас? Што Он може да добие од нас? На крајот на краиштата, сè му припаѓа на Бога, и кога ние му ги принесуваме Нему свои дарови, чесно говориме: „Од Твоите дарови, Тебе Ти принесуваме“. Затоа што сето тоа Тебе Ти припаѓа, и ние исто така сме Твои. Но, сепак ние Му сме интересни на Бога. Сепак, Неговата волја е таква, ние да бидеме слободни суштества.
Слободата, меѓу другото, подразбира и задолжително сомневање. Нè можност за сомневање, но задолжителност. Бидејќи верата и љубовта се невозможни без слободата, значи дека и едното и другото не се случува без сомнеж. И тоа е исто така фундаментална работа. И затоа, луѓето кои не веруваат така, како ние, – се благослов за нас. Имено тие ни даваат можност да ги продлабочиме своите меѓусебни односи со Христос, и ни даваат можност јасно да разбереме, што е навистина важно, а што, во краен случај е второстепено.
Уште еден важен момент се состои во тоа, што Господ ги испраќа Своите ученици во овој свет, велејќи: „Бидете мој сведоци“. Обратете внимание на тоа, дека во Новиот Завет не постои зборот „мисионерство“. Господ вели: „Одете по целиот свет, бидете мој сведоци, и научете ги сите народи“. „Кој прими –ќе прими, кој не прими –нема да прими“, – им вели Он на Своите ученици.
Значи, нивното спасение – на оние, кон кои вие ќе отидете, е нивни избор. А ние, по правило, не ги дослушуваме ни до средина фразите на Господа Исуса Христа и трчаме да ги исполнуваме. А втората половина се покажува, всушност, исклучително важна. Бидејќи Он не вели: постигнете, тие, во вреќи и со пепел, да си ја посипуваат главата, да се покајат, да трчаат по вас и сл. Тој вели: „Кој прими – тој ќе прими, кој не прими –нема да прими“. „Но вашата задача е, – им вели Он на своите ученици, – да одите и да сведочите“.
Каде што нема љубов – ние да бидеме
Читав расказ од еден американски протестант, кој во Лос Анџелес или Сан Франциско, на раскрсница сопрел еден рокер на мотор, запирајќи го предното тркало со колената, го фатил за кожната јакна, и не го пуштил сè додека не се покајал – цело време му проповедал.
Мислам дека Христос ни предлага сосема друг пат. Он ни предлага нам да влегуваме во животот на луѓето таму, каде што е возможно, да го споделуваме и да бидеме сведоци на Божјата правда и на Божјата љубов. А таму каде што таа љубов ја нема, ние да станеме тоа. Таму, каде што нема од каде да се земе, ние да станеме извори на таа љубов. И во таа смисла, многу е важно ние самите да се напојуваме од Христос – затоа што од каде ќе најдеме во себе извор на љубовта? Дури и ако копаме до самиот дроб, освен жолчката, ништо друго нема најдеме. Изворот на љубовта е – во Бога. И ако ти сакаш да ја споделиш, потребно е со таа љубов да се исполниш до крај.
Додека ти не се исполниш до крај, не ќе можеш никому да сведочиш, за ништо. И пред да можеме да зборуваме со луѓето за суштински работи, кои се однесуваат на длабочините на животот, за односот со Бога, за однесувањето на луѓето едни кон други – потребно е заедно да поминеме долг пат.
Понекогаш тоа им успева на големите поети. Затоа тие се големи. Големиот поет или писател може да каже така, што срцето на човекот, според словото Божјо, „се сврти во Мене срцето Мое од жалост кон тебе, народот Мој“. Кој од нас може да ја напише, да речеме, сцената од „Војна и мир“, каде грофицата дознава за смртта на нејзиниот син, Петја? Таму всушност има само еден пасус, – а читателот навистина се допира до длабочината на животот.
Но нашата задача се состои во друго, нашата задача е – самите да влеземе во таквите реални животни односи, за да се биде возможен дијалогот, кој ќе ги отвори нашите срца за Бога.
Во таа смисла, секако, прва пречка секогаш е вообразеноста и самодоволноста на верниците, иако тоа, не е својствено за сите. Нам ни е својствена тенденцијата да живееме површно, површно да комуницираме, да размислуваме и да судиме едни за други површно.
„Не, јас не сакам да ја фалам мојата љубов, никому не ја продавам“
И така, кога зборуваме за сведоштвото воопшто или, уште повеќе, на некои наши блиски луѓе кои не веруваат, кај нас постојат два модела. Првиот, на мој поглед е помалку соодветен, а вториот може да биде, малку повеќе корисен.
Можеме да отидеме дома и да речеме: „Прочитав една книга за теоријата на еволуцијата од Жан Батиста Ламарк“, на пример. Или за квантната физика. И да се обидуваме да ги убедиме блиските во тоа, дека Ламарк или Гејзенберг се во право. А сосема поинаку се случува, кога ја водиш да ја запознаеш со домашните саканата девојка. Тука, во принцип задачата е друга. Тебе не ти е потребно, сите твои роднини и блиски пријатели да се согласат, дека таа девојка е најубава од сите на светот. Во тој случат тие самите би се ожениле за неа. „Не, јас не сакам да ја фалам мојата љубов, јас никому не ја продавам“, – рекол Шекспир.
Значи, верата, всушност, не се само нашите апстрактни поими за тоа, како е организиран невидливиот свет, туку меѓусебните односи со Оној, Кој од невидливиот свет кај нас дојде, стана видлив и Кого ние Го возљубивме.
Затоа ќе кажеме дека, нашиот живот се определува со нашите личен однос со Господа Исуса Христа. Во крајна мера, можеме да се определиме. Но не сум сигурен, дали е правилно да ги убедуваме другите, дека Исус е прекрасен.
Точната теорија или саканата девојка? Мислам дека изборот лежи во тоа пространство.
Моделот веројатно не е најсоодветен, но со негова помош, мислам дека можат да се разберат проблемите, кои обично се појавуваат кај луѓето, притоа не само кај православните христијани во взаемните односи со оние кои ги опкружуваат – со роднините, другарите, верниците или неверниците. Всушност, загатката се состои во тоа, што од една страна, ние сме повикани да бидеме сведоци, а од друга страна, нашите меѓусебни односи со Бога во Исуса Христа – се таква сокриена тајна во срцето, за која нецеломудрено (нечесно) е да се раскажува. И ние цело време се наоѓаме помеѓу тие два вектора: од една страна не можеш да не сведочиш, а од друга страна, не секогаш е можно и не секогаш е потребно веднаш да ја откриваш длабочината на своето срце.
Секој одговара за себеси
Ќе преминам, кон поконкретни прашања. Првото од нив: одговорни ли се христијаните пред Бога за тоа, дали нивните роднини ќе се обратат на Бога? Не. Секој човек за себе одговара сам пред Бога.
Зошто воопшто се претпоставува, дека ние сме одговорни пред Бога за тоа, нашите роднини да го спознаат Бога? Бог и така ги љуби. За Бога тие и така се важни, и Тој за нив умре. Но ние сме одговорни за тоа, во нивниот живот да има барем малку бескорисна љубов, од онаа бескорисна љубов, со каква нè љуби Небесниот Отец. Многу често во човечкиот живот тоа го нема. И во христијанинот постои можност, да се обиде таа љубов да ја внесе во животот со своите постапки.
И така, секој одговара за себеси. А ние уште одговараме и за тоа, името Божјо да не биде хулено помеѓу јазичниците, како што се изразува во едно послание, светиот апостол Павле. И тоа може да биде, многу сериозен проблем за современиот христијанин, вклучувајќи ги и православните. Ние сме такви, што мала е веројатноста, на луѓето да им биде полесно да се обратат кон Бога, гледајќи на нас. Еднаш на интернет прочитав: „Јас не сум против христијанскиот Бог, но Неговиот фан-клуб сериозно ме иритира“.
Да, секако. И затоа, нашата одговорност – е да не бидеме пречка, дефинитивно. Наша одговорност е – да живееме заедно, до го споделуваме животот со блиските, да се обидуваме да внесеме во него нешто осмислено, значајно и прекрасно. Но таа одговорност за себеси, најнапред, и за оние луѓе, кои ги љубиме, се појавува, затоа што ги љубиме, а не затоа, што таму ќе ни постават оценка за тоа. Како се вели? Доведи десет другари – и добиј попуст за влез во Царството Небесно? Не, ти нема да го добиеш тој попуст. А може да се случи дури и обратното. Бидејќи еднаш Гогпод им кажал на фарисеите: „Вие го обиколувате морето и земјата, за да добиете барем еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас“ (Мат. 23, 15).
Потребно ли е да им проповедаме на роднините кои не веруваат? Како прво, „нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов“ (Мат, 13, 57), – вели Господ. И Неговите сопствени браќа, далеку не веднаш и не автоматски станале Негови ученици. Мислам, дека основната вредност на христијанинот се состои во тоа, на луѓето кои живеат покрај него, да им биде полесно покрај него, и покрај него да има повеќе човечка светлина. Се сеќавате, што вели Христос за свети Јован Крстител? „Тој беше светило, што гори и свети, а вие малку време сакавте да се порадувате на неговата светлина“ (Јован 5, 35).
Светот на взаемните човечки односи е построен така, што ако во него постои светлина, бескорисно општење едни со други, ако еден човек е важен за другиот – она што е важно во неговиот живот, нема да го пропуштиш. И тоа, само по себе го внесува Божјото присуство. Ако ние се научиме да се радуваме едни на други и да се сакаме едни со други – тоа е веќе зрно на вистински живот, кое е невозможно да се избрише, освен ако ти сам од него не се откажеш.
Затоа, на мој поглед, нашата одговорност за луѓето кои не веруваат, се состои во тоа, нив да ги љубиме. А тоа значи, дека ние смееме да ги тераме да станат такви, како што сме ние.
Се разбира, да се радуваме на човек, кој не е како нас – тоа е веќе високо летање. Но ние му благодариме на Бога за тие луѓе, бидејќи Он нив ги создал, и во нив има нешто навистина убаво, дури и ако тоа е сосема невидливо.
Благодарноста, всушност – е прием, кој овозможува да се исцелат односите. Ти се принудуваш себеси во екот на конфликтот да речеш: „Ти благодарам Господи, што постои овој човек во мојот живот“, и тој постепено почнува да се менува. И важно е да успееме да го направиме тоа, додека сме живи.
Извор: http://www.pravmir.ru/neveruyushie-rodstvenniki1/
Превод: Игор Ризановски