Кога оние кои го осудувале неизвалканиот живот на Богородица биле укорени, како и оние кои го порекнувале нејзиното Приснодевство, кои го презирале достоинството на Мајката Божја и кои ги презирале Нејзините икони – кога славата на Мајката Божја ја просветлила целата вселена, тогаш се појавило учење кое наизглед ја возвишува Дева, но всушност ги порекнува сите Нејзини добродетели. Тоа учење е наречено „безгрешно зачнување на Дева Марија“ и било прифатено од папскиот трон во Рим. Тоа се состои во следното: дека себлажената Дева Марија уште во првиот момент од своето зачнување со посебна благодат од Семоќниот Бог и посебна привилегија, заради идната важност на Исус Христос – Спасителот на човечкиот род, била првенствено ослободена од сите дамки на прародителскиот грев“(була на Папата Пиј IX, за новата догма). Со други зборови, дека Мајката Божја во своето вистинско зачнување била заштитена од првородниот грев и, по благодадта Божја, била ставена во состојба каде било невозможно за неа да има личен грев.
Христијаните не слушнале за тоа пред 9 в., кога најпрвин Пасахиус Радбертус изразил мислење дека Светата Дева била зачната надвор од првородниот грев. Почнувајќи од 12 в., таа идеја почнала да се шири помеѓу клирот и народот на Западната црква и поради тоа ја изгубила благодадта од Светиот Дух. Всушност, со тоа ново учење не се согласувале сите членови на Римската црква. Постојат различни мислења дури и помеѓу славните теолози на Западот, столбовите, такаречено, на Латинската црква. Тома Аквински и Бернард Клаирво одлучно го критикувале, додека Дунс Скот го бранел. Од учителите, таа разлика се пренесувала на учениците: латинските доминикански монаси, по нивниот учител Тома Аквински, проповедале против учењето за безгрешното зачнување, додека следбениците на Дунс Скот, францисканците, тежнееле да го вклучат насекаде. Борбата помеѓу тие две струи продолжува неколку векови. И на едната и на другата страна биле оние кои важеле како големи авторитети меѓу католиците. Не било од помош, во сериозното прашање, фактот што некои луѓе изјавиле дека имале откровение во врска со тоа. Монахиња Бригита (Шведска) славна во 14 век меѓу католиците, зборува во своите дела за јавувањето на Мајката Божја, која за себе кажува дека била зачната безгрешно надвор од првородниот грев. Но нејзината современичка, уште пославната Катарина Сиенска, тврдела дека во зачнувањето на Пресвета Богородица учествувал првородниот грев, за што таа добила потврда од самиот Христос (в. кн. Лебедева, Разлики во учењето за Пресветата Мајка Божја во Источната и Западната Црква).
Така, ниту на темелите на теолошките дела, ниту на темелите на чудотворните дела не можел латинскиот народ да разликува каде е вистината. Римските папи до Сиктус IV (крајот на 15 в.) остануваат одвоени од тие расправи, и самиот папа во 1475 г. дозволил служба во која учењето за безгрешното зачнување било јасно изложено, а неколку години подоцна, тој забранува осуда на оние кои веруваат во безгрешното зачнување. Всушност, дури ни Сиктус IV одлучно не го потврдил како непоколебливо учењето на Црквата; и поради тоа, забранувајќи осуда на оние кои верувале во безгрешното зачнување, тој исто така не ги осудувал оние кои верувале поинаку. Меѓутоа, учењето за безгрешното зачнување добива сè повеќе и повеќе поддржувачи помеѓу членовите на Римската црква. Причина за тоа бил фактот, што тоа изгледало побожно и подраго на Мајката Божја, нејзе да ѝ се укаже слава колку тоа е можно. Тежнеењето на луѓето да ја глорифицираат Небесната Посредничка од една страна, а од друга страна отстапувањето на Западните теолози во апстракната шпекулација која води само наизглед до вистината (схоластика), и на крајот, застапништвото на римските папи после Сикстус IV, сето тоа води до фактот дека мислењето за безгрешното зачнување кое го изразил П. Радбертус било сеопшта вера на Латинската црква во 19 век. Останало само тоа да се прокламира дефинитивно како црковно учење, што е направено од римскиот папа Пиј IX на свечената служба на 8 декември 1854., кога тој се изјаснил дека безгрешното зачнување на Пресвета Дева е догма на Римската црква.
Со тоа, Римската црква ја додала следната отстапка на учењето кое го исповедала додека била дел од Православната Апостолска Црква, чија вера непроменливо и неизменливо се одржала во Православната Црква. Прокламирањето на новата догма ги задоволила широките маси на луѓе кои припаѓаат на Римската црква, кои во простодушноста на срцето мислеле дека новото учење во Црквата ќе служи за вечна слава на Мајката Божја, на која тие, такаречено, ѝ направиле чест. Тоа, исто така, ја задоволувало суетата на западните теолози кои ја дефенирале и изразиле. Но најголема корист новата догма донела на самата Римска црква, бидејќи, прокламирајќи ја новата догма со својот авторитет, дури иако не го слушала мислењето на бискупот на Католичката црква, римскиот папа отворено си го присвојувал себе си мислењето да го менува учењето на Римската црква и да го поставува својот глас над сведочењето на Светото Писмо и Преданието. Директната дедукција од тоа станувал фактот дека Римските папи се непогрешливи во работите на верата, што истиот папа Пиј IX ја прокламирал како догма во Католичката црква во 1870. Така, учењето на Западната црква се менувало после нејзиното отпаѓање од Вистинската црква. Тоа било вовед во нови и нови учења. Мислејќи дека ја прославуваат Вистината уште повеќе, всушност, само ја разорувале. Додека Православната Црква скромно го исповедала она што го примила од Христа и Апостолите, Римската Црква тежнеела да додава нешто од „ревност“, но не по разумот (Рим. 10,2), а понекогаш низ искривување влегува во празноверие на лажното наречено знаење (1.Тим. 6,20). Дека вратата на пеколот нема да ја надвладее (Матеј 16,18) ветено е само на Вистинската, Вселенска Црква; на оние кои отпаднале се исполнуваат зборовите: Како што прачката не може да роди плод сама од себе ако не остане на лозата, така и вие ако не бидете во Мене (Јован 15,4).
Вистина е дека во самото дефинирање на новата догма таа не била потврдена, туку само била прокламирана како црковна, која отсекогаш постоела во Црквата, и која се одржала од светите Отци, од чии дела цитатите биле цитирани. Всушност, сите тие цитати зборуваат само за возвишената светост на Дева Марија, Нејзината безгешност и ѝ даваат различни имиња кои ја дефинираат Нејзината чистота и духовна сила; но никаде ниеден збор нема за безгрешноста на Нејзиното зачнување. Тие исти свети Отци на друго место зборуваат дека само Господ Исус Христос е потполно чист од секој грев, додека секој човек, во иднина роден од Адам, е роден од тело и потпаѓа под законот на гревот.
Никој од раните Свети Отци не зборува дека Бог на чудесен начин ја очистува Дева Марија уште во утробата; а помал директен показател дека Дева Марија, баш како секој човек, не трпела борба со страстите, но била победничка над искушенијата и била спасена од својот Божествен Син. Коментаторите на латинската исповед исто така кажуваат дека Дева Марија е спасена од Христа. Но тие тоа го разбираат во смисла дека Марија била заштитена од првородниот грев во поглед на идната важност на Христа. Покрај тоа, зборувајќи за маките на Мајката Божја кои таа ги претрпела стоејќи под крстот на својот сакан Син, и воопшто тагата со која животот на Марија бил исполнет со Бога, тие ги сметаат за надградба за страдањата Христови и ја сметаат Марија за наша Со-Спасителка. Според коментарите на Латинските теолози „Марија е сојузник на нашиот Искупител како Со-искупител“ (В. Лебедев). Во делот на искупувањето, Таа, на одреден начин, Му помага на Христа. „Мајката Божја“, пишува др. Ленц, „носи тежина на Своето мачеништво не само смело, туку исто така радосно, иако срцето ѝ е скршено“ (Мариологија, др. Ленц). Од таа причина Таа е „комплементна со Света Троица“ и „исто како Нејзиниот Син, избрана од Својот Бог. Главниот посредник поставен помеѓу Неговиот Син и нас е блажената Дева“. Во три односи – како ќерка, како мајка и како сопруга Божја – Светата Дева е подигната до одредена еднаквост со Отецот, до одредена супериорност над Синот, до блискоста со Светиот Дух“ (Безгрешно зачнување, бискуп Малоу). Така, според учењето на претставниците на латинската теологија, Дева Марија во делот на искупувањето е сместена до самиот Христос и подигната е до еднаквост со Бога. Не може да се замине подалеку од тоа. Ако сето ова не било дефинитивно формулирано како догма на Римската црква, сепак уште римскиот папа Пиј IX го направил првиот чекор во тој правец, покажувајќи ја насоката на понатамошниот развој на општото признавање на учењето на Црквата, и непосредната потврда на горенаведеното учење за Дева Марија.
Така, Римската црква во своето тежнеење да ја возвиши Пресвета Дева, отишла по патот на Нејзиното потполно обожување. И ако сега тие писатели ја нарекуваат Дева комплементна на Света Троица, може да се очекува дека таа ќе биде почитувана како Бог.
По истиот пат оди група на мислители кои засега припаѓаат на Православната Црква, но кои изградиле нов теолошки систем темелејќи го на философското учење за Софија, Мудроста, како посебна сила која Божеството го спојува со созданието. Исто така, развивајќи го учењето за достоинството на Мајката Божја, тие сакале да видат во Неа суштина која е некој вид на средиште помеѓу Бог и човекот. По некои прашања тие се поумерени од латинските теолози, но во други, може да се каже дека ги оставиле назад. Додека го порекнувале учењето за безгрешното зачнување и ослободувањето од првородниот грев, тие уште и учеле за нејзината ослободеност од личните гревови, гледајќи во неа посредничка помеѓу човекот и Бог, слично на Христа: во Христовата личност се појавува на земјата второто Лице од Света Троица, Превечното Слово, Синот Божји, додека Светиот Дух се манифестира преку Дева Марија. Има иста тежина во двета ереси, било тоа кога се понижува Дева и кога, напротив, Таа се глорифицира над она што е одредено (Панарион против Колирдијан). Светите Отци ги обвинуваат оние кои ѝ даваат речиси божествена слава: „нека Марија биде во чест, но богопочитувањето да биде дадено на Господа“. Иако Марија е избран сад, Таа е жена по природа, воопшто не разликувајќи се од другите. Иако историјата на Марија и Преданието се сложуваат дека на Нејзиниот татко Јоаким во пустината му било речено: „Твојата жена ќе зачне“, тоа не е направено без борба и не без семе човечко. „Никој нема да ги почитува светите повеќе од она што е правилно, туку ќе го почитуваат Нивниот Господар. Марија не е Бог и таа не примила тело од Небото, туку од слој на човек и жена; и по ветувањето, слично на Исак, Таа е подготвувана да земе учество во Божествената икономија. Но, од друга страна, никој во лудило да не се огреши против Светата Дева“ (Св. Епифаниј).
Православната Црква најмногу ја возвишува Мајката Божја во своите славопои, не осудувајќи се да опишува за Неа тоа што не е во врска со Светото Писмо и Преданието. „На вистината е непознато секое претерување како и недореченост. Таа им дава на сите соодветна мерка и соодветно место“ (Еп. Игнатиј Брјанчанинов). Фалејќи го зачнувањето на Дева Марија и Нејзиното мажествено поднесување на тагата во земскиот живот, Отците на Црквата, од една страна, ја одбиваат идејата дека Таа била посредничка помеѓу Бог и човекот во смисла на Искупувањето на човечкиот род преку Неа. Зборувајќи за подготовката за делото заедно со Нејзиниот Син и за сострадувањето за спасението на сите, познатиот Отец на Западната црква, Св. Амвросиј еп. Милански, додава: „Но страдајќи, на Христос не му била потребна никаква помош, како што Самиот Господ прорекол претходно: Погледна, но никого немаше да помогне и поткрепи, но десницата моја ме избави“ (Исаија 63,5). Истиот свет Отец учи за универзалноста на првородниот грев, од кој единствено само Христос бил ослободен. „Од сите родени од жена, нема никој кој е совршено свет освен Господ Исус Христос, кој на посебен начин е безгрешно зачнат, не искусувајќи го земскиот грев“ (Св. Амвросиј, Коментар на Евангелието според Лука, глава 2). „Само Бог е без грев. Секој кој е роден на вообичаен начин од жена и човек со телесно спојување станал виновен за гревот. Исто така, оној кој не е роден на вообичаен начин нема грев“ (св. Амвросиј, За бракот и похотливоста). „Само еден човек, Посредник помеѓу Бог и човекот, ослободен е од врската на грешното раѓање, бидејќи Он бил роден од Дева, а бидејќи е така роден, не го почувствувал допирот на гревот“ (св. Амвросиј, кн. 2 Против Јулијан).
Друг знаменит учител на Црквата посебно почитуван на Запад, бл. Августин пишува: „Што се однесува до другите луѓе, вклучувајќи го Него како камен аголен, не гледам за нив друг начин да станат храм Божји освен преку духовно раѓање, на кое апсолутно мора да претходи телесно раѓање. Така, не е важно колку можеме да знаеме за децата кои се во утробата на мајката, бидејќи св. евангелист Јован вели за св. Јован Крстител дека се зарадувал во утробата на мајката (што се случило не поразлично, туку со делото на Светиот Дух), или зборот на Самиот Господ за кој зборува Еремија: И пред да излезеш од утробата на својата мајка, те посветив (Еремија 1,5) – не е важно колку ова може или не може да ни даде основа за мислење дека детето во тие услови е способно за осветување, додека во некои случаи не може да има сомневање дека осветувањето, преку кое секој од нас заедно и секој посебно станува храм Божји, тоа е можно само за оние кои се препородени, а препораѓањето секогаш претпоставува раѓање. Само оние кои се родени можат да бидат соединети со Христос и да бидат во единство со Божественото Тело, кое ја прави Неговата Црква жив храм Божји (бл. Августин, писмо 187).
Горенаведените зборови на старите учители на Црквата сведочат дека на самиот Запад, учењето кое сега е раширено било претходно побивано. Дури и по отпаѓањето на Западната црква, Бернард, кој е познат како голем авторитет, пишува: „Сега се плашам, гледајќи дека некои од нас сакаат да ја променат состојбата на некои важни работи вклучувајќи нови прослави непознати на Црквата, непотврдени со разумот, неоправдани со традицијата. Дали сте вие поучени и повеќе побожни од нашите Отци? Ќе речете: Човекот мора да ја слави Мајката Божја колку што е можно повеќе. Тоа е вистина; но прославувањето на Царицата Небесна бара разумност. Таа царска Дева нема потреба од лажна слава, поседувајќи како што Таа поседува вистинска круна на славата и знак на достоинство. Слава на чистотата на Нејзиното тело и светоста на Нејзиниот живот. Чудесното изобилство дарови на Дева, почитувајќи го Нејзиниот божествен Син, ја возвишуваме како Онаа која зачнала без страсти и родила без болка. Но што уште човек има да додаде на тоа достоинство? Луѓето кажуват дека мора да се почитува зачнувањето кое претходи на славата на раѓањето; зашто ако зачнувањето не претходи, раѓањето исто така нема да биде славно. Може исто да се бара за нејзините прародители и прапрародители, до крајот. Покрај тоа, како да нема грев на местото каде што постои страст? Никој нека не кажува дека Света Дева е зачната од Светиот Дух, а не од човек. Кажувам одлучно дека Светиот Дух се спуштил на Неа, а не дека дошол со Неа“.
„Кажувам дека Дева Марија не може да биде осветена пред Нејзиното зачнување, со оглед на тоа дека не постоела. Но, таа не може да биде осветена во моментот на своето зачнување поради гревот кој е неодвоив од зачнувањето, тогаш останува да се верува дека била осветена откако била зачната во утробата на Својата Мајка. Тоа осветување, ако го уништува гревот, го прави свето нејзиното раѓање, но не Нејзиното зачнување. Никому не му е дадено правото да биде зачнат во светост; единствено Господ Христос бил зачнат од Светиот Дух, и само Он е свет преку своето вистинско зачнување. Исклучувајќи Го Него, целото поколение Адамово укажува на она што еден од нив рекол за себе, од чувство на понизност и познавање на вистината; (Пс. 50,7), бидејќи, ете, во беззаконие сум зачнат. Како човек може да очекува тоа зачнување да биде свето, кога тоа не е дело на Светиот Дух. Светата Дева, секако, ја одбива славата која очигледно го возвишува гревот. Таа не може на никој начин да ги оправда новите пронајдоци покрај учењето на Црквата, новина како мајка на бесрамноста, ќерка на лудоста “ (Бернард, Посл. 174). Горе цитираните зборови го откриваат и новото учење и апсурдноста на новата догма на Римската црква.
- Учењето за потполната безгрешност на Мајката Божја не одговара на Светото Писмо, каде е повторено тврдењето дека е безгрешен само Посредникот помеѓу Бог и луѓето, Богочовекот Исус Христос (1.Тим. 2,5); и во Него нема грев (1.Јез. 3,5), Он грев не направи, ниту измама се најде во устата Негова (1.Петр. 2,22); Оној Кој во сè е искушуван, како и ние, но без грев (Ев. 4,15); Оној, Кој не знаеше грев, Он место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја (2 Кор. 5,21). Но во врска со другите луѓе кажано е, кој е чист од извалканите? Никој кој живеел еден единствен ден на земјата (Јов. 14,4). Но Бог ја покажува Својата љубов кон нас, додека уште бевме грешници, Христос умре за нас… зашто кога како непријатели сме се помириле со Бога преку смртта на Неговиот Син, многу повеќе, како помирени, ќе се спасиме преку Неговиот живот (Рим. 5,8-10).
- Тоа учење исто така противречи на Светото Предание, кое е содржано во бројни патристички дела каде се споменува возвишената светост на Дева Марија од самото Нејзино раѓање, исто како и Нејзиното очистување од Светиот Дух, со зачнувањето на Христа, но не Нејзиното зачнување преку Ана. „Нема никој без дамка пред Тебе, дури и да живеел само еден ден, освен Тебе, Исусе Христе Боже наш, кој Си слегол на земјата без грев, и на кого сите ние ја поверивме врската на милоста и простувањето на гревовите“ (Св. Василиј Велики 3. Молитва на Вечерната на Педесетница). „Но кога Христос дојде преку чистата девствена, безбрачна, богобојазлива, непорочна Мајка без лозница и без татко, како и што Нему Му приличи да се роди, Он ја очистува женската природа, го одбива залакот на Ева и го руши законот на плотта“ (Св. Григориј Богослов, „Во слава на девственоста“). Всушност, дури и тогаш, како што Св. Василиј Велики и Јован Златоуст зборуваат за тоа, таа не е сместена во состојба на невозможност за грев, туку продолжува да се грижи за своето спасение и го надминува секое искушение.
- Учењето дека Мајката Божја била очистена пред своето раѓање, така да од Неа можел да биде роден чист Христос, е бесмислено; зашто ако чистиот Христос можел да биде роден само ако Дева морала да биде чиста, неопходно е Нејзините родители да бидат чисти од прародителскиот грев, и тие повторно да бидат родени од очистени родители. Така, ќе се дојде до заклучок дека Христос нема да биде овоплотен ако сите Негови претци по тело, прво од Адам, не се однапред очистени од првородниот грев. Но тогаш нема потреба за вистинско Овоплотување на Христос, иако Христос доаѓа на земјата да го уништи гревот.
- Учењето дека Мајката Божја е заштитена од првородниот грев, исто како и учењето дека Таа е заштитена со благодадта Божја од личниот грев, го прави Бога немилосрден и неправеден, зошто ако Бог ја заштитил Марија од гревот и ја очистил пред раѓањето, зошто тогаш не ги очисти другите луѓе пред нивното раѓање, туку ги остава во грев? Следува дека Бог спасува некој одвоено од неговата волја, предодредувајќи го уште пред раѓањето за спасение.
- Тоа учење, кое навидум има цел да ја возвиши Мајката Божја, всушност потполно ги побива сите нејзини добродетели. Пред сè, ако Марија веќе во утробата на Својата мајка, кога не сакала ни добро ни зло била заштитена со благодадта Божја од гревот пред Своето раѓање, во што се состои Нејзината важност? Ако била сместена во состојба неспособна да греши и прави грев, тогаш што прави Бог славејќи ја? Ако таа без напор и без никаков импулс кон гревот останува чиста, поради што е овенчана повеќе од другите? Не постои победа без противник.
Праведноста и светоста на Дева Марија се покажува во фактот дека Таа, која е „човек со страсти слични на нашите“ така го сака Бог и Му се предава, за преку Нејзината чистота да биде издигната над целиот човечки род. Бивајќи предодредена и избрана, таа е удостоена и очистена од Светиот Дух кој слегува врз Неа, и го зачнува вистинскиот Спасител на светот. Учењето за благодадта на Дева Марија, ослободена од гревот, ја порекнува Нејзината победа која како да не е вредна да биде овенчана со слава, ја прави слеп инструмент на Божјата промисла.
Ова не е егзалтација и проширување на славата, туку омаловажување, „дар“ кој ѝ е даден од папата Пиј IX и сите останати кои што мислеле дека можат да ја прослават Мајката Божја, барајќи нова вистина. Пресвета Дева Марија била толку славена од Самиот Бог, возвишен Нејзиниот живот на земјата и Нејзината слава на небото, што човечките изуми не можат да додадат ништо на Нејзината слава и чест. Она што луѓето го пронаоѓаат само го заматува Нејзиното лице од нивните очи. „Пазете некој да не ве заведе со философија човечка, по науката на светот, а не по Христа“, пишува ап. Павле од Духот Свет (Кол 2,8).
Таква „суетна превара“ е учењето за безгрешното зачнување на Дева Марија преку Ана, која на прв поглед ја возвишува, но всушност ја омаловажува. Како и секоја лага, оваа е посеана од „таткото на лагите“, кој успеал да измами многумина кои не разбрале дека хулат на Дева. Заедно со ова ќе биде одбиено секое друго учење сродно на тоа.
Со тежнеењето да се возвиши Пресвета Дева до еднаквоста со Христа, на Нејзините маки кај крстот им се припишува исто значење со страдањата Христови, така што Искупителот и Со-искупителот страдаат исто, според учењето на папистите, или „дека човечката природа на Мајката Божја на небото заедно со Богочовекот Христос споена го открива целосниот лик на човекот“ (Протоереј С. Булгаков – „Несогорливата капина“, ст. 141 – исто така е суетна измама и заведеност со философија). Во Христа Исуса нема ни машко ни женско (Гал. 3,28), Христос го искупува целиот човечки род; затоа на Неговото воскресение е еднакво „Адам игра од радост и се весели Ева“ (кондак 1 и 3гл.), а со своето Успение Господ ја вознел целата човечка природа. Исто така, дека Мајката Божја е „Комплементарна на Света Троица“, или „четврта ипостас“, дека „Синот и Мајката го откриваат Отецот преку втората и третата „Ипостас“, дека Дева Марија е „создание, но не вишо создание“ – сето тоа е плод на суета, лажна мудрост која не се задоволува со она што Црквата држи од времето на Апостолите, туку тежнее да ја прослави повеќе отколку што Бог ја прославува. Така, зборовите на Св. Епифаниј Кипарски се исполнети: „Некои безумници во своето мислење за Светата Приснодева тежнееле и тежнеат да ја постават на местото од Бога“ (против антидикомирионити). Но, оние кои ја прикажуваат така бесмислено Дева, наместо да ја величаат, се завртуваат на хула; Сечистата ја презира лагата, бидејќи е Мајка на Вистината (Јован 14,16).
Свети Јован Шангајски
ПРОДОЛЖУВА
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог
Претходно: Обидот на иконоборците да ја намалат славата на Небесната Царица
Извор: http://www.verujem.org/savremeni_podviznici/jovan_sanfajski_postovanje_brm.htm