Единствено тебе
величание се двоумам да ти вознесам,
ти кој го туркаш нашето бреме
а ме оставаш со духот мој по тебе да талкам.
Ревност може со збор човек да искаже
но на дело тешко може да ја покаже,
а ти од неа цел оган си станал
но на никој не си се наметнал.
О, голем Илија
ти доаѓаш при нас
гледајќи ја нашата немаштија
и знам дека сакаш да повикаш на цел глас,
Кон Седржителот,
кон Умудрителот,
кон вечно Постоечкиот,
кон на љубов Дарителот –
ете ти, кој си ревнителот:
“Не за три и пол
туку за триесет и три –
давање, дарување да се запри
над овој род,
кој од науката за животот отстапил
кој ближниот не го возљубил,
кој на чокотот не се накалемил,
кој вистината ја оставил,
кој страстите, гревот не го намразил,
кој со демонот тикви посадил,
кој со минливиот сметки устроил,
кој одважно себеси за бог се смислил.”
Прости, прости ревнителе,
прости, ти кој си на вистината воскреснителе,
прости, и знај те очекуваме
катадневно преку тебе да се разбудиме.
Со меч отвори ги раните загноени,
со меч исечи волји погубни,
со меч желби поништи неспасоносни,
со меч вразуми, покарај, запрети.
Еј ти, кој кон кого очи не можеме да подигнеме,
еј ти, кој на раце н# понесе
на жртвеникот на љубовта не принесе.
Здив изгубив, кога еве завршив
со зборови сиромашни да те повикам,
да ти благодарам
што и денес сум жив,
што и денес време имам да се преумам.
(Од богољубивата поезија „Манастирски води“ на Слепченскиот Претеченски манастир)