Св. Екатерина
Tивко ветре нѝ испраќаш
очи сонливи да нѝ размрдаш,
од зачмаеност нè подигнуваш
насмевка од небо нѝ подаруваш.
Екатерино света девојко,
Екатерино чиста самовило,
Екатерино храбра девственичке,
Екатерино крепост на монахињите.
Наука од овој свет надмина
кога те осени Премудроста одозгора,
наука која цврсто стои, а корен нема
мудрост која само гробот го обликува.
Екатерино тивко светило
во свита Богомајчина пристапи,
кога за Љубовта се оневести
умот твој достигна небо.
Прстен на рака подарен
Завет со паднат обновен,
лик човечки неоставен
со рајски печат запечатен.
Не спие Оној Кој те чуваше,
не дреме Оној на Кого се заветуваше,
ангел пред тебе беше испратен
со делата свои откриен –
збор “Радувај се” од неми усти подарен.
Ние,
преку твојот прстен се потсетуваме
дека Отец Небесен даде ветување
кое премина во исчекување,
молби непрестајни – да се повратиме.
Па на трпеза да седнеме
Авраамова, Исакова, Јаковова,
со сите светии исполената
Агнец на Љубовта – жртва вечерна.
О, Екатерино света девојко,
поглед на срна, око лебедово,
осветли ми го челово избраздено
додека пред мене има светило.
(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
при Слепченскиот Претеченски манастир)