Традиционално, бакалскиот еснаф во Прилеп денеска го прослави својот патрон празник ,„Св.Три Светители“. Празникот е посветен на тројцата светители, Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст кои се сметаат за три столба на христијанската црква.
По повод големиот христијански празник “Св.Три Светители“ во црквата „Свето Благовештение“ се одржа Божествена Литургија со која чиноначалствуваше, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужнение со Архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор о. Никола Грамбозов, со свештени лица од прилепското и битолското архиерејско намесништво, на која присуствуваа прилепските бакали со нивните семејства, кои на овој ден, заедно со владиката, се помолија за здравје, бериќет, мир и благосостојба.
На Литургијата присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој им го честита патрон празникот на прилепските бакали и рече: „Традицијата на славењето на патрон празник на прилепските бакали е децениска. Чест ми е што и денес сум тука со нив, зашто овој есенф, иако, така речено, е со мали продавници низ прилепската чаршија, и тоа како, придонесува за развој на локалната економија“.
Домаќин на годинашното празнување беше сопственикот на компанијата „Шопе Комерц“, Емил Шопески, кој го истакна своето задоволство и чест, што беше домаќин, и го предаде своето кумство на бакалот, Стојан Петкоски.
Славењето на еснафскиот празник “Св. Три Светители“ за здравје, бериќет и успех, прилепските бакали го заокружија со заеднички ручек, кој се одржа во црквата „Св.Благовештение.
Инаку, христијанскиот празник “Св.Три Светители“ е патрон празник на прилепскиот бакалски еснаф уште од 1954 година, од кога и постои здружението на бакали, кое преставува еден од најголемите еснафи во Прилеп.
Преземено: http://www.prilep.gov.mk