На 24 септември 2017, кога Црквата ги прославува преподобната Теодора Александриска и преподобниот Силуан Атонски, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со Митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар, митрополитот дебарско-кичевски и администратор австралиско-сиднејски г. Тимотеј, митрополитот повардарски г. Агатангел, Митрополитот американско-канадски г. Методиј, митрополитот европски г. Пимен, митрополитот брегалнички г. Иларион, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф и епископот хераклејски г. Климент на МПЦ-ОА, чиноначалствуваше на божествена литурургија во соборната црква во Скопје, на која во списокот на светиите беше впишан преподобниот Јоаникиј Ракотински.
На архиереите им сослужуваа голем број на свештенослужетели, а присуствуваше многуилјаден народ Божји, кој пристигна од сите краишта на нашата држава, но и од соседните земји, со цел да учествува во радоста на објавувањето на светоста на преподобниот наш отец Јоаникиј, да се поклони пред неговиот кивот, и да ги целива неговите свети мошти.
Светиот Јоаникиј ќе биде литургиски прославуван на 24 јануари, денот на неговото упокојување, а во наредниов период неговите свети мошти ќе бидат изложени во соборната црква „Свети Климент Охридски“, во Скопје, така што верните ќе можат да му оддадат почит, и да попросот молитвено застапништво од него.
Свети Јоаникие, моли Го Бога за нас!