Православното почитување на Мајката Божја – Свети Јован Шангајски

1. Исповедање на Мајката Божја за време на нејзиниот овоземен живот

Од апостолските времиња па сè до денес, сите кои вистински Го сакаат Христа, ја почитуваат Онаа која Го родила, пораснала и заштитувала додека бил дете. Ако нејзе Бог Отецот ја избрал, Бог Духот Свет осенил, и ако Бог Синот се вселил во Неа и послушен ѝ бил во деновите на својата младост, се грижел за неа висејќи на Крстот – не е ли должен, секој кој ја исповеда Света Троица да ја почитува?

Уште во деновите на Нејзиниот овоземен живот, Христовите придружници покажувале големо внимание и посветеност кон Мајката Божја, особено евангелистот Јован Богослов, кој, извршувајќи ја волјата на Нејзиниот Божествен Син, ја зел кај себе и се грижел за Неа, откако Господ од крстот му ги упатил зборовите: „Еве ти мајка“.

Евангелистот Лука нацртал неколку Нејзини икони, некои заедно со Превечниот Младенец, други без Него. Кога ги донесол, и ѝ ги покажал на Пресвета Дева, Таа со одобрување рекла: „Благословот на мојот Син да биде на нив“ и ги повторила зборовите испеани во домот на Елисавета: „Мојата душа го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога Спасителот мој“.

Дева Марија во текот на својот земен живот се отстранувала од славата, која како Мајка Божја ѝ припаѓала. Повеќе сакала да живее во тишина и се подготвувала себе си за премин во вечниот живот. До последните денови од својот земен живот, Tаа се трудела да се покаже достојна за Царството на Нејзиниот Син, а пред смртта се молела да ја избави Нејзината душа од духовите на злото кои ја пресретнуваат човечката душа на патот кон небото, обидувајќи да ja грабнат и одвлечат со себе во адот. Господ ја услишал нејзината молитва и во часот на Нејзината смрт, самиот Он слезе од небото со мноштво ангели, да ја земе нејзината душа.

Бидејќи Мајката Божја се молела и за тоа да може да се прости со апостолите, Господ за времето на Нејзината смрт ги собрал сите апостоли, освен Тома, и тие биле донесени со невидлива сила во Ерусалим од различните краеви на светот каде што проповедале, за да присуствуваат на Нејзиното блажено преминување во вечниот живот. Апостолите дадоа нејзиното тело да се погреба со погребни песни, а после три дни, го отвориле гробот уште еднаш да се поклонат на остатоците од Мајката Божја, заедно со апостол Тома, кој што стигнал во Ерусалим. Но, тие не го нашле телото во гробот, па во недоумица се вратиле во куќата; а потоа, за време на трпезата, им се јавила Мајката Божја во воздухот, блескајќи со светлина од небото, и им рекла дека Нејзиниот Син го прославил и Нејзиното тело, и Таа, воскресната, стои пред Неговиот престол, и им даде ветување дека секогаш ќе биде со нив.

Апостолите со голема радост ја прославија Неа, не само како Мајка на саканиот Учител и Господ, туку и како небесен помошник, како заштитничка на христијаните и застапничка за целиот човечки род пред Праведниот Судија. И секаде каде што е проповедано Христовото Евангелие, се прославува и Неговата Пречиста Мајка.

ПРОДОЛЖУВА

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог.

Претходно: Православното богословие на Свети Јован Шангајски – отец Серафим Роуз