Православното богословие на Свети Јован Шангајски – отец Серафим Роуз

Пред неколку години, Ама од еден манастир на Руската Православна Црква, жена со праведен живот, одржала проповед за време на (Успенскиот) пост на Пресвета Богородица. Со солзи во очите ги преколнувала своите монахињи да го прифатат целосно и искрено она што Црквата ни го предала, правејќи напор да го сочува Светото Предание сите овие векови, избирајќи за себе она што е „важно“ од она што е „неважно“; зашто кога за себеси се мисли дека сме помудри од традицијата, тоа е крај на традицијата. Така, кога Црквата ни зборува во химните и иконите дека апостолите биле чудесно собрани од краевите на земјата за да присуствуваат на упокоението и погребот на Мајката Божја, ние како православни христијани не сме слободни тоа да го порекнуваме или преправаме, туку мораме да веруваме како што Црквата тоа ни ги предава, со чисто срце.

Некој млад западен новообратен христијанин бил присутен кога проповедта била одржана. И тој самиот размислувал за тој ист предмет, гледајќи ги иконите во традиционалниот иконографски начин, како го отсликуваат преносот на апостолите на облак за Успението на Пресвета Богородица; и тој се прашувал дали ние ја сфаќаме оваа „литералност“ како чудесен настан, или тоа е „поетски“ начин да се опише собирањето на апостолите за овој настан… или можеби сепак „имагинативен“ или „идеален“ опис на настаните кои никогаш не се ни случиле? (Тоа се, всушност, некои прашања кои „православните теолози“ денес си ги поставуваат себе си).

Затоа, зборовите на праведната игуменија длабоко продреле во неговото срце, и тој сфатил дека постои нешто подлабоко во перципирањето на Православие, од она што умот и чувствата можат да ни го кажат. Во еден момент ни беше предадена традиција, не од книга, туку  од животот на садот, кој ја содржеше; и беше примена не со умот или чувствата, туку пред сè, со срцето, кое на тој начин прима подлабоко образование во Православието. Подоцна, тој млад новообратен, сретнал, лично или со читање, многу луѓе кои биле православно образовани. Тоа биле „теолозите“ од нашите дни, оние кои биле во православните училишта и станале „теолошки“ експерти. Тие можеле со леснотија да кажат што е православно, а што е неправославно, што е важно, а што е споредно во Православието; а многумина се гордееле со себеси, како „конзервативци“ и „традиционалисти“ во верата. Но, ниеден од нив го нема чувството на авторитет на простата игуменија која зборува со срцето, ненаучена со таква „теологија“. А срцето на тој младич, правејќи уште детски чекори во Православието, чезнеело да дознае како да верува, што значи, исто така, и кому да верува. Тој бил само личност на своето време и пораснал до способноста да се одрече од сопствените размислувања и слепо да верува на сè што ќе му се каже; Очигледно е дека Православието не го бара тоа – самите дела на Светите Отци се живо сеќавање на човечкиот ум, просветлен со Благодатта Божја. Но, било јасно дека нешто им недостасува на „теолозите“ од нашите дни; бидејќи сета логика и знаење на патристичките текстови не можат да го пренесат чувството и вкусот на Православието, онака едноставно, како теолошки необразованата игуманија. Нашиот младич го видел крајот на својата потрага – потрагата по односот за вистинското и живо предание на Православието, во Архиепископот Јован Максимович. Затоа што тука пронашол некој кој бил учен теолог од „старата школа“, а истовремено бил многу свесен за сите теолошки критики на нашето време и способен да ја најде вистината таму, каде што ќе мора и ќе наиде на спор. Но тој поседувал нешто, што ниту еден од мудрите теолози на нашето време не изгледало дека поседува; истата едноставност и авторитет која побожната игуменија ја пренела во срцето на младиот богобарател. Неговото срце и дух биле поразени: не затоа што архиеп. Јован за него станал „непогрешлив експерт“ – затоа што црквата не познава такво нешто – туку заради тоа, што во Архипастирот видел модел на Православието, вистински богослов чие богословие излегува од светиот живот и целосна вкоренетост во православната традиција. Кога тој зборувал, неговите зборови биле вистински, иако тој внимателно правел разлика помеѓу црковното учење и своето сопствено мислење, кое може да биде погрешно и не ги поврзувал едно со друго. А младиот новообратеник го открил тоа, бидејќи интелектуалното богатство на Архиеп. Јован, неговите критички способности и неговите зборови повеќе се согласувале со оние на простата игуманија, отколку со оние, на учените теолози од нашето време.

Богословските дела на Архиепископот Јован не припаѓаат на некоја посебна школа и не откриваат посебно влијание на теолозите од блиското минато. Вистина е дека Архиеп. Јован бил вдахновен со богословието, затоа што станал монах и влегол во служба преку својот голем учител, Митрополитот Антониј Храповицкиј; и вистина е дека ученикот го прифатил учителското тежнеење на „враќањето кон Отците“ поврзувајќи ја теологијата повеќе со духовниот и моралниот живот, отколку со академскиот. Но, делата на Митрополитот Антониј се сосема поинакви по тонот, намерата и содржината: тој бил поврзан со богословскиот академски свет и интелегенцијата на своето време, а многу од неговите дела се расправи и апологии, посветени на оние елементи на општеството, кои тој ги познавал. Делото на Архиеп. Јован, од друга страна, потполно е ослободено од апологетскиот аспект на расправите. Тој не се расправал: тој едноставно го претставувал православното учење, и кога тоа било неопходно, се спротивставувал на лажните учења, посебно во двата долги списа за Булгаковата софиологија. Неговите зборови уверувале, не преку вредностите на логичките аргументи, туку со силата на присутноста на патристичкото учење во неговиот изворен текст. Тој не зборувал со учени зборови, туку со нерасипана православна свест. Не зборувал за „враќање кон Отците“, затоа што она што сам го пишувал едноставно било предадено од светоотечката традиција, без намера да се извинува заради тоа. Богословските извори на Архиеп. Јован се едноставни: Светото Писмо, Светите Отци (посебно великите Отци на 4 и 5 век) и богослужбите на Православната Црква. Јасно е дека тој бил целосно нурнат во црковните богослужби и дека неговото теолошко вдахновување доаѓало воглавно од првите патристички извори кои ги усвоил, не во часовите на слободно време за теологизирање, туку во секојдневната пракса –  бидејќи бил присутен на секоја богослужба, ја црпел теологијата како составен дел од животот. Тоа било несомнено повеќе од неговото формално теолошко образование, правејќи го вистински богослов.

Поради тоа, разбирливо е што не може да се најде кај Архиепископот Јован некој теолошки „систем“. Секако дека тој не протестирал против големите дела од „систематската теологија“ која во 19 век е печатена во Русија, и слободно ги користел во својата мисионерска работа во систематската катихизација од тој период; во тоа почитување, тој бил над модата и разните струи на теолози и студенти, било минати или сегашни, кои припаѓале на одредено насочување кои се претставени од страна на Православната теологија.

Тој покажувал подеднакво почитување за „антизападниот“ нагласок на митроп. Антониј Храповицкиj и за Петар Могила, кој веројатно го претпочитал „западното влијание“. Кога недостатоците на еден или друг голем ерарх и бранител на Православието биле презентирани, тој само одмавнувал со рака и велел „не е важно“ – бидејќи пред неговите очи првин ја имал патристичката традиција која теолозите успешно ја предавале, наспроти своите грешки.

На таква внимателност тој ги учел младите богослови од нашите денови, кои ја прифатиле православната теологија во духот кој често е, или теориски или полемички, пристрасен.

За Архиепископот Јован теолошките „категории“ на некои познати теолошки школи биле „неважни“ – или поточно, биле важни само до точката, во која што комуницираат со вистинското значење и немаат само вид на механичко знаење.

Еден инцидент од неговите шангајски години живописно ја открива слободата на неговиот дух: на час по катихизис за постарите години, го прекинал еден ученик во совршено точното набројување на малите пророци од Стариот Завет, изненадно и категорично: „Нема мали пророци“. Свештеникот-учител, разбирливо,  бил навреден од страна на очигледното омаложување на неговиот учителски авторитет, но учениците се сеќаваат на тој ден по пореметувањето на вообичаената катихетистичка „категорија“, а веројатно некои од нив ја сфатиле пораката која Архиепископот Јован пробувал да ја пренесе: За Бога сите пророци се големи, „славни“, и тој факт е поважен од сите категории на нашето знаење за тоа, колку и да се вредни по себе.

Во своите теолошки дела и проповеди, архиеп. Јован често прави изненадувачки пресврти во расправите кои откриваат неочекувани аспекти или подлабоко значење за предметот на расправа. За него, теологијата не е само хумана, земска наука чии богатства се исцрпени со нашето рационално толкување или од оние, од кои човек станува самозадоволен „експерт“ – туку нешто што стреми кон небото и го повлекува нашиот дух кон Бога и небесната реалност, која не е под влијание на логичкиот систем на мислата.

Рускиот црковен историчар Н. Талберг во еден цитат вели, дека архиеп. Јован е сметан како прв од сите „луди заради Христа, кој останал таков и во епископскиот чин“, и со почит го споредува со Св. Григориј Богослов; како него и Архиепископот Јован  не станал  „слика“ на владика. Тоа „лудило“ им дава карактеристичен тон на теолошките дела и св. Григориј и архиеп. Јован: одвоеност од јавното мислење, од она што „сите мислат“ и неприпаѓање на никаква „партија“ или „школа“, приоѓајќи кон теолошките прашања со восхит, и со здраво одбегнување на ситничавите расправи и зајадливости на духот; свежи, неочекувани промени на мислата кои го направиле неговото теолошко дело извор на вдахновување и вистинско длабоко познание на Откровението Божјо.

Најимпресивно во делата на Архиепископот Јован е крајната едноставност на неговите дела. Очигледно е дека ја прифаќа православната традиција исправно и целосно, без двосмисленост, како некој кој верува во традицијата, а сепак е „софистициран“ модерен човек. Бил свесен за модерниот „критицизам“ и ако било потребно можел да го подигне својот глас на разумот против. Целосно го проучил прашањето за „западното влијание“ на Православието во раните векови и имал урамнотежен погед во тоа, внимателно разликувајќи помеѓу она што ќе биде одбиено како нешто отворено против Православието, и она што ќе биде прифатено во православниот живот и побожноста. Но, и покрај тоа свое знаење и критичко истражување, едноставно продолжил да верува во православната традиција , онака како Црквата ни ја пренесува. Најправославните теолози на нашето време, дури иако можат да ги одбегнат лошите ефекти на протестантско-реформаторскиот менталитет, сè уште ја  набљудуваат православната традиција низ призмата на академското опкружување во кое тие се како дома; но архиепископот Јован бил „дома“ најпрвин во црковните служби, на кои поминувал саати и саати дневно, а со тоа, тонот на рационализмот бил отсутен од неговите мисли. Во неговите дела не постојат „проблеми“; неговата употреба на фусноти е единствено заради известување каде учењето на Црквата може да биде најдено. Со таквата почит, тој е во потполно единство со „духот на Отците“ и се појавува меѓу нас како еден од нив, а не само коментатор на богословието од минатото.

Теолошките дела на Архиепископот Јован не се собрани на едно место. Повеќе дела припаѓаат на годините, кои како еромонах ги поминал во Југославија, каде што е веќе забележан помеѓу православните теолози. Посебно значајни се два списа за софилогијата на Булгаков; една од нив, на објективен начин ја открива Булгаковата некомпетентност како патристички познавач, додека другото има голема вредност како класично излагање на патристичкото учење за Божјата мудрост. Меѓу неговите подоцнежни дела, запазени се статии за православната иконографија (во која покажува многу поголема свест „за западното влијание на иконографскиот стил од неговиот учител, митроп. Антониј), серија проповеди, во кои го открива значењето на црковните празници, и статијата: „Црквата – Тело Христово“. Неговите пократки статии и проповеди се длабоко теолошки. Една проповед почнува со „Химната за Бога“ на св. Григориј Богослов и продолжува во возвишен, патристички тон како вдахновена оптужба против безбожниците, втората изговорена на Велики Петок 1936., упатена до Христос во гробот, во тонот на Светите Отци.

Почнуваме со серија на проповеди на Архиепископот Јован со излагање на православното исповедание на Мајката Божја и главните заблуди во кои таа се напаѓа, и јасно и стрикно одбивање на латинскита догма за „Безгрешното зачнување“.

ПРОДОЛЖУВА, 2 дел

http://www.verujem.org

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог