1. Христијанската вера од Русија
Денес, во Јапонија има околу еден милион христијани, од кои православни се само 3% – 26 илјади луѓе. Сепак, треба да се каже, дека во 1907 г., протестанти имало 73 илјади, католици – 61 илјада, православни – 30 илјади, а во 1885 г., православни имало повеќе од протестанти (12 илјади со 10 илјади). Во овој период, населението на Токио го сочинувале 1 милион луѓе (1884 г). Така што, позициите на православната црква во Јапонија тогаш биле доста силни.
Како симбол на таа сила е изградениот храм Николај-до во 1891 г., (официјално – соборен храм на Воскресението Христово) во Tокискиот реон Суругудај. Сега, тој речиси е незабележлив меѓу високите згради кои го опкружуваат, но тогаш бил величествена градба, која се издигнувала на високиот рид и доминирала над останатите домови во императорската престолнина. И така, во центарот бил подигнат Николај-до, но и по цела Јапонија се граделе православни храмови – особено многу во регионот Тохоку, на Хоккаидо, во Канто, во регионот Токај, па дури и во Канзај, Сетооти и на Кјушу.
Тие храмови, секако, се украсувале со икони, кои грижливо се чуваат до сега, и се распространети по цела Јапонија.
Проповедничката дејност на рускиот мисионер Николај Касаткин (1836-1912) била насочена на јапонизација на христијанското учење, па затоа тој бргу почнал да размислува на воспитување на јапонски иконописци. На почетокот, иконите ги увезувале од Русија. За да прават печатени икони, донеле и машини за печатење литографии. Тоа напомнувало на мисионерската дејност на првите језуити во Јапонија. Во 1880 г., Николај за првпат испратил во Русија уметник, да го изучува православниот иконопис – тоа била Рин Јамашита (1857-1939).
Сепак, стапувајќи на патот на модернизацијата, Јапонија не ја зела за свој образец Русија. Освен тоа, односите меѓу двете земји се влошиле поради руско-јапонската војна во 1904-1905 г., и влијанието на руската православна црква почнало слабо да се распространува. После Рин Јамашита, речиси немало иконописци. Иконите, кои денес може да се видат во Јапонија, речиси сите се ограничуваат во два вида: некогаш донесени од русите и нацртани од Рин Јамашита.
Иконите, насликани од Јамашита Рин – се веродостојни копии на руски икони. Во нив нема ништо особено јапонско. Понекогаш, рамките се насликани во техниката „макие“ (традиционално цртање на лак). И со тоа, може да се каже, се ограничува јапонската особеност. Во тоа време, руската икона имала силно влијание од европскиот католички живопис, и главна насока биле иконите, насликани со масло на платно. Јамашита ги следела овие нови тенденции на сликање на руските икони.
Ќе го проследиме животот на јапонскиот иконописец Рин Јамашита, која, изучувајќи ја иконата, се стекнала со невообичаен уметнички опит, кој се протега до византиската уметност, и истовремено ќе се запознаеме со јапонската икона.
Православната црква во Јапонија дошла од Русија. Почнувајќи од XVI век, Русија, конкретно Москва, тврдејќи дека таа, после Константинопол, е третиот Рим, почнала да назначува поглавари на православни цркви. Во врска со руската експанзија на Сибир, православната црква исто така го проширила своето влијание и почнала да се протега од Камчатка до Ситка на Алјаска.
Во Јапонија, откако во 1856 г., се случила размената на ратификациони грамоти според Симодскиот договор, била отворена руска амбасада во Хакодате, а во 1858 г., дошол првиот конзул И. А. Гошкевич (1814-1857). Како свештеник во амбасадата, пристигнал Василиј Махов. Православниот храм во Хакодате бил осветен во 1859 г. Дотогаш биле готови речиси сите икони, започнувајќи од иконостасот. Имало и „Распетие“, насликано со масло, за кое се зачувани само сеќавања. Таа црква изгорела за време на големиот пожар во Хакодате, во 1907 г. На истото место, денес стои храм, осветен во 1916 г. (сега тоа е споменик на архиектурата).
После Махов, во 1861 г., во Хакодате бил назначен Николај Касаткин, кој подоцна станал архиепископ Јапонски, и во 1970 г., е вброен во хорот на светителите на Руската црква. Пројавувајќи интерес кон европската цивилизација, Нииѕима Ѕјо (1843-90г.), млад човек од епохата Бакумацу, подоцна основач на Дошиша Универзитетот, се вселил кај Николај, а Екојама Мацусабуро (1838-84), еден од првите јапонци кој работел масло на платно и се занимавал со фотографија, го посетувал рускиот свештеник. Првиот обред на крштение на јапонци, Николај го извршил во 1868 г. Тој ги крстил самураите – Савабе Такума, Сакаи Ацунори и Урано Таизо. Николај му ја доверил црквата во Хакодате на својот помошник, свештеникот Анатолиј, кој дошол во Јапонија, а самиот, преку Јокохама заминал во Токио и се вселил во Суругадај, на територијата, која му припаѓала на руските пратеници. Штабот на мисионерската дејност исто така се преместил во Токио. Во Суругадај започнала градбата на Крсната црква – лична црква на Николај, и била испланирана градбата на соборниот храм на Воскресението Христово (наречен „храм Николај-до“ во чест на Николај Касаткин).
Есента, 1879 г., Николај привремено се вратил во Русија – да побара донации за Јапонската црква и негово ракополагање во епископ. Фјодор Михајлович Достоевски, кој сметал дека мисијата на Русија се состои во проповед на православието, го посетил Николај на 2 јуни, 1880 г. Следниот ден, во писмото на жената Ана ѝ напишал: „Многу ми е мило што се запознав со него“.
За време на неговиот краток престој во Русија, Николај размислувал за воспитување на јапонски иконописци. Тој го посетил Новодевичкиот Воскресенски женски манастир во Петербург, сметајќи дека тука ќе примат јапонци. Николај сакал да ја испрати во Русија Масако Јамамуро (1858-1936), студентка на првото државно училиште по уметност во нашата земја, при министерството за технологија (повеќе познато како Техолошка школа на уметностите). Сепак, кога после една година, на 17 октомври, 1880 г., Николај се вратил во Јапонија, Јамамуро Масако веќе се омажила за Такеширо Окамура и заедно со него го основала издаваштвото „Синјодо“, каде што почнале да печатат литографии. Така, станало невозможно таа да се испрати во манастир. Тогаш изборот паднал на Рин Јамашита, која под влијание на Масако Јамамура исто така станала православна и примила крштение со името Ирина.
Рин Јамашита се родила во 1857 г., во градчето Касама, провинција Хитати (сега префектура Ибараки). Како што се гледа од нејзината автобиографија, најпрвин таа се образовала кај Такинобу Хасимото (1838-1912), уметник од школата „укијое“, а потоа – кај Кинитика Тојохара (1835-1900). Потоа, нејзин наставник бил Рансецу Цукиока, кој припаѓал на школата „Марујама“, а подоцна, изучувала европско сликарство кај Накамура Сеиѕуро (1840-1895).
Во 1876 г., во Јапонија пристигнал италјанскиот уметник Антонио Фонтанези (1818-1882), за работа во Технолошката школа на уметностите, каде за првпат во нашата земја темелно почнала да се изучува техниката масло на платно. Кога следната година им било дозволено на девојките да се запишуваат во таа школа, Јамашита исто така била примена, поддржана од Садајасу Макино. Сочувани се извештаи од Технолошкиот факултет на уметностите, од кои гледаме дека Јамашита имала одличен успех и била меѓу најдобрите студентки.
Сепак, на Фонтанези не му годела јапонската клима, и откако две години престојувал во Јапонија, бил принуден да се врати во татковината. Преемникот на Фонтанези, исто така италјанец, Ферети, ниту како уметник, ниту како професор не ја заслужил довербата, и учениците, еден по еден почнале да ја напуштаат школата. Јамашита не си заминала, но во автобиографијата забележала, имајќи ја во предвид тешката ситуација која настанала во школото: „Со зборови не може да се искаже, колку е лошо“. Како што пишува во својата биографија, дознавајќи од Николај, дека ќе ја испратат во женски манастир во Русија, каде што има уметничка школа, во која обучуваат во сликарство добри учители, Јамашита „се израдувала и охрабрила“.
Бргу, на 12 декември, 1880 г., било отпловувањето од Јокохама за Русија, и подготовките за патувањето требало да се направат во еден здив. Во очи на тој ден, Јамашита ги направила и своите први записи во дневникот. За време на првата година на престојот во Русија, таа цело време водела дневник. Во него се содржат скапоцени сведоштва, не само за Јамашита, но и за тоа, како сликале икони во рускиот манастир во тоа време. Главно, потпирајќи се на податоците во дневникот на Јамашита, ќе видиме како се одвивало нејзиното образование во Русија.
2. Рин Јамашита во Петербург
Патувањето на Јамашита во Русија траело малку помалку од три месеци, и нејзиниот пат се протегал преку Индискиот океан, Суецкиот канал, Средоземното море, Црното море. Во Александрија, таа за првпат облекла европски фустан, а во заснежениот Константинопол го посетила „турскиот храм, некогаш – храмот Софија“ – Аја-Софија.
Можеби, таа била првата Јапонка која дошла во Константинопол. Кога сме кај тоа, Токутоми Рока (1868-1927 г.) го посетил тој град во 1906 г., по пат од Ерусалим, за што напишал во своето „Патување на поклоникот“ („Зунреј кико“). Од Константинопол, патот на Рока продолжил кај Толстој, во Јасна Полјана.
Во Петербург, Јамашита пристигнала на 10 март, 1881 г., а после три дена слушнала истрели од својата гостилница – на 13 март, бил извршен обид за убиство на Александар Втори.
Новодевичкиот женски манастир на Св. Воскресение, каде што ја примиле, сега затворен, на Московски (во тоа време – Забалкански) проспект, е на југ од центарот на градот. Зградата и гробиштата кои се наоѓаат зад неа се сочувале. Централната црква на Казанската Мајка Божја во византиски стил се градела од 1908 до 1915 г., така што за време на престојот на Рин Јамашита во манастирот, таа сеуште не постоела. Во 1987 г., главната зграда на црквата била претворена во магацин и била доста запуштена, а во подземниот параклис, во последно време беше возобновена службата од руска емигрантска црква, чие главно седиште се наоѓа во САД.
Точно се знае дека во манастирот имало иконописна работилница. Со неа раководела монахиња Теофанија, помладата сестра на Аполонија. Освен тоа, тука доаѓал и учител по живопис – ректорот на Академијата на уметностите, Фјодор Иванович Јордан (1800-1883), познат гравер, кој за време на стажирањето во Рим, станал доста близок со Гогољ, а во 1850 г., добил титула професор за својата гравура од Рафаеловското „Преображение“ на кое потрошил 12 години.
После три месеци во манастирот, на 18 јуни Јамашита ја посетила Петербургската Академија на уметностите, „Околу 9 часот наутро, влеговме во една зграда, слична на музеј на прекрасни уметнички дела, и го гледавме до 1 часот. Ме поразија навистина високите и огромни слики“. Веднаш покрај зборот „музеј“ е напишано: „Во септември, конечно сфатив дека тој дом – е универзитетот (даигако) за живопис. „Даигако“, на јазикот во почетокот на епохата Меиџи, значи „Академија“. Во музејот при Академијата на уметностите биле изложени слики и скулптури од XVIII и XIX век. Можеме да го замислиме изненадувањето и восхитот на Јамашита, која не знаела ништо, освен пејсажите на Фонтанези, насликани во стилот на барбиеонската школа.
Во 80-те години, многу меиџиски уметници заминувале во Европа на стажирање. Тоа било време, кога тие за првпат дошле во допир со академизмот – традицијата на европскиот живопис. Хосуј Јамамото (1850-1906) и Јошимацу Госеда (1855-1915) заминале во Париз, Наоѕиро Харада (1863-1899) – во Минхен, а Рин Јамашита – во Петербург. Пристигнувајќи во Париз, во 1880 г., Јошимацу Госеда веднаш го посетил Лувр и Луксембургскиот дворец, после што напишал: „За првпат во мојот живот јас видов толку големи дела на уметноста и почувствував како перде да ми падна од очите“.
Јамашита во манастирот постепено ги совладувала степените на академската уметност. Веднаш по пристигнувањето, таа почнала да се занимава со цртање (како што пишува во дневникот – „ирисабати-е“). Во мај и јуни Јамашита цртала со туш, или со други зборови, копирала гравури, тренирајќи да пренесува ефекти на светлина и сенка. Во последната декада од јули, таа почнала да копира работи со масло. Разгледувањето на академичкиот музеј на уметности бил еден вид подготовка кон копирањето на маслена живопис. Сето тоа се случувало, секако, под раководство на Јордан.
Копиите на гравурите на Јамашита се сочувани во голем број, на пример, копијата на сликата „Крунисувањето на Богородица“, една од раните работи на Рафаело, кој се смета за идеален мајстор на академскиот стил. Меѓу копираните работи постои и слика на масло, од уметникот-класицист од почетокот на XIX в., Алексеј Егорович Егоров (1776-1851) „Измачување на Спасителот“ (1814). Несомнено, Јамашита ја копирала оваа работа од гравираниот отпечаток, направен од Јордан. Како материјал за копирање, последниот ѝ ги давал своите работи на Јамашита.
Еднаш, во тоа време, свештеникот Анатолиј кој се враќал во Русија на истиот брод, како и Јамашита, напишал едно писмо до Јапонија: „Ректорот на училиштето за уметности Јордан, гледајќи ги способностите на Ирина, се восхити. Освен тоа, тој рече дека откако ќе завршат часовите по цртање и живопис во манастирот, таа треба да продолжи во школата за уметности“. Јордан сметал, дека Јамашита треба да се запише во Академијата на уметностите.
Од 25 август, Јамашита почнала да оди во Ермитаж, за да копира слики, насликани со масло. Во нејзиниот дневник е запишано, дека направила копии на три слики „Апостолот“, „Мадона“ и „Господ, како носи Крст“. Сепак, само една од нив е идентификувана во собранието на Ермитаж. Таа копија Јамашита во последните години од животот ја обесила во својата соба во Касама. Оригиналот е пронајден во Ермитаж, во 1987 г. Тоа е сликата „Свети Јероним“, која се припишува на четката на уметникот на италјанскиот барок Гвидо Рени (1575-1642). Што се однесува на работата „Господ, како носи Крст“, тогаш можно е, тоа да било копија на познатата слика на великиот мастер од венецијанската школа од епохата на Преродбата, Тицијан „Носење на Крстот“. Во 50-те години од минатиот век, таа била широко позната во Русија. Сепак, копијата на Јамашита не е сочувана. Во наследството на Јамашита Рин има исто така Богородица со Христос и младенецот Јован, но сепак не е точно определено, до кој степен таа работа му припаѓа на Ермитаж.
Сепак, после два месеци и нешто, посетите на Ермитаж се прекратиле. Зошто на Јамашита ѝ забраниле да оди во Ермитаж? Широко прифатената верзија е следната: забраната за посета на музејот дошла, затоа што Јамашита го сакала западниот религиозен живопис, почнувајќи од епохата на Возобновувањето, додека во манастирот имало обичај да се цртаат традиционални икони. Но всушност, ситуацијата била многу посложена.
Манастирскиот учител по живопис Јордан, тогаш ректор на Академијата на уметностите, и самиот бил насочен кон западната уметност. Освен тоа, и во самиот манастир се предавала маслена живопис. На пример, по фотографиите, од почетокот на XX век, се гледа дека монахињите во Новодевичкиот манастир ја копирале сликата „Ангелот на молитвата“, од познатиот германски уметник од Дрезден, тогаш професор во Петербургската Академија на уметностите, Тимотеј Андреевич фон Неффа ((Timoteon KarlvonNeff 1804/5-76). Затоа, тешко е да се замисли, дека во манастирот ги забранувале иконите, насликани со масло под влијание на западно-европскиот католички живопис.
Отпорот меѓу традиционалниот иконопис и западно-европскиот католички начин навистина постоел во светот на руската икона на Новото време. Сепак, тој сеуште бил во зародиш и тоа не можело да стане причина за забраната Рин Јамашита да го посетува Ермитаж. Причина за тоа биле меѓусебните односи со жителите на манастирот, кои почнале да се влошуваат од август, 1881 г. Подоцна, таа ќе напише во својот дневник: „Тие воопшто не ги поднесуваат моите посети на Ермитаж. Мислам дека е поради тоа што не ги почитувам како учители“ (запис од 13 декември, 1881 г.). На 16 февруари, 1882 г., Јамашита го прави во дневникот следниот запис: нивниот гнев произлегува исклучиво од завист, што јас се поучувам од други, а не од старата игуманија и од учиелот Јордан, кој доаѓа тука“.
Но, веќе во дневникот, на 7 август, 1881 г., Јамашита напишала: „Денес кажав излишни работи, односите со луѓето се променија и станаа многу лоши“. Јамашита била свесна за тоа, дека паѓајќи, на еден начин, во културен шок, лошо познавајќи го рускиот јазик, ненавикната на туѓ живот, станала премногу навредлива. Претходно таа пишува: „Сите многу се налутија, што одев заедно со Јаков, но јас не обрнувам внимание“ (запис од 14 јули, 1881 г.) Од ова изгледа, дека таа престанала сето тоа да го зема премногу при срце. Во декември Теофанија се жалела на Јордан за лошите односи, кои се воспоставиле меѓу Јамашита и жителите на манастирот. Од јануари, 1882 г., Јордан исто така почнува построго да се однесува со неа. Во истото време, (5 јануари) на Јамашита „ѝ стигнала дозвола од министерството да ја посетува високата школа (даигако)“, т. е., Академијата. Но, очигледно, во манастирот не ѝ го дозволиле тоа.
Освен тоа, се гледа дека Јамашита имала високо мислење за својот талант. Нејзините исклучителни способности за цртање биле забележани од сите во иконописната работилница на манастирот и тоа станало уште една причина за кавги. На 28 февруари, 1882 г., пишува во својот дневник: „Повторно многу се искарав со Теофанија, и расположението сосема ми се расипа, затоа што ми рекоа дека јас треба да ги учам монахињите да сликаат слики“. На 5 март, во дневникот се појавува ваков запис: „Сликав со темпера. Прашав, зошто само јас го правам тоа, и ми одговорија, затоа што јас имам такви способности“:
Како што веќе спомнавме, во втората половина на XIX век, традиционалниот иконопис на даски се одржувал во борбата со распространетиот начин на сликање со масло, дојден од западно-европскиот живопис. Руско-турската војна во 1877 г., станала импулс за растот на националната свест во Русија. Започнуваат истражувања на византиската култура – прародителката на руската. Никодим Кондаков (1844-1925), пионерот во изучувањето на византиската уметност во Русија, објавил во 1876 г., истражување на илустрациите од византиски ракописни книги. Во 1882 г., по указ на Александар Трети, народни уметници од Палеха, таткото и синот Белоусови, почнале да ги обновуваат ѕидните цртежи во Грановитата палата во Кремљ. Палехските мајстори цртале свои икони и орнаменти за фрески за староверците – порано се сметало, дека тоа се ниско-пробни работи, вулгарни и архаични. Сега пак, тој живопис го поддржувал и царот, кој го возглавувал движењето за модернизација и вестернизација на Русија.
Во манастирот, исто така се случувале промени. На 2 ноември, 1881 г., кога Јамашита се вратила од Ермитаж, Аполонија ѝ наредила „од сега да биде во келија и да црта икона на Св. Никола“. Јамашита се нашла „во многу тешка состојба“. Од тогаш, нејзиниот дневник спомнува само непријатности. „Навечер сум тажна, затоа што ме тераат да цртам слики, кои не можам да ги поднесам“ (5 декември). „Тие не го сакаат италјанскиот живопис“ (20 декември). Западниот католички живопис тука се нарекува „италјански“, а руската традиционална икона – „грчки живопис“, кого Јамашита го карактеризирала како „застрашувачки“. Термините „италјански живопис“ и „грчки живопис“, безусловно, не се измислени од Јамашита. Тој отпор, зад кого стоеле идеите на руското национално и историско осознавање, станало важен пресвртен пункт во историјата на руската уметност. Како резултат на тоа, во втората половина на 80-те години, В. Васнецов (1848-1926) и М. Врубељ (1856-1910) почнале да создаваат свои храмови фрески и икони, оддалечувајќи се од пан-европската академска школа.
Од 9 декември, 1881 г., Јамашита повторно почнала да црта со туш, усвојувајќи ги сенките-светлината, а на 13 декември почнала да црта со масло, поврзувајќи го тоа со часовите по „грчки живопис“. Од 19 декември, таа почнала да пренесува на даска икони од литографија. Целиот јануари бил посветен на икони на даски. Во манастирот, веројатно, сè уште се колебале, не знаејќи кој начин на живопис да го одберат. На 4 февруари, 1882 г., Јамашита пишува во дневникот: „Со зборови, ми велат да пишувам такви икони, а во душата не сметаат така. Расположението е навистина, навистина лошо“. Во манастирската иконописна работилница барале, Јамашита да црта во „грчки стил“. Сепак, судејќи по нејзините забелешки, жителите на манастирот и самите тежнееле кон „италјанскиот“ живопис.
Среде таквите манастирски непријатности, на 5 април, 1882 г., Јамашита го прави последниот запис во својот дневник. Иако успеала да проживее во Русија уште цела година, дневникови записи за тој период не се пронајдени. Или се изгубени, или после една година во Петербург, Јамашита, се навикнала на животот во туѓина, и успокојувајќи се, престанала да води дневник. На денот на заминувањето од Петербург во татковината, 7 март 1883 г., Јамашита ги обновува своите записи.
Во дневникот нема ни збор за околностите од животот на Јамашита за време на втората година во Русија. Се сочувало само писмото до неа од токискиот епископ Николај, од 20 октомври, 1882 г., во кое тој ѝ пишува, дека е подобро за неа да се врати во татковината, во спротивно може сосема да го наруши своето здравје во Русија. Можеби, следејќи го тој совет, пролетта 1883 г., Јамашита се вратила во Јапонија.
Таа се враќала во татковината преку Европа. Тргнала од Петербург со воз, и преку Берлин и Келн, стигнала во Париз, на 11 март, 1883 г. Во Париз, не отишла по музеите, ја разгледала само Триумфалната арка и гробот на Наполеон во Домот на инвалиди. На 15 март, заминала од Париз, а на 18 март тргнала со брод од Марсел и на 29 април стигнала во Јокохама.
Весникот „Секјо симпо“ („Православни новости“) №60 (од 1 јуни, 1883 г.) соопштувајќи за враќањето на Јамашита во татковината, пишувал: „Во последно време таа страдала од болест на џигерот, и нејзината работа не одела толку успешно, колку што сакала. Освен тоа, тамошната клима се покажала непогодна, па затоа, со голема жал, таа го оставила своето дело половично и решила да се врати дома. Во последната декада од минатиот месец, таа се врати во татковината“. Можеби, тоа е официјална верзија. Сепак, таа ни дава некоја претстава за причините кои ја поттикнале Јамашита да се врати, после две години обука.
После враќањето во Јапонија, Јамашита се вселила во женската семинарија во Суругадај. За престој, ѝ била дадена посебна соба во европски стил. Сочувани се копии од писмата, кои Јамашита ги напишала на руски и ги испратила во Петербург. Во едно од своите писма, пишува (се пренесува буквално): „Јас сега живеам дом, одлична горна во место, форма Европска, 2 спрат, јужно во келија, со голема глетка, многу добро“. („Сега живеам во дом, кој се наоѓа на прекрасно високо место. Домот е во европски стил, мојата келија се наоѓа на вториот спрат, завртена на југ, со прекрасна гледка пред неа“). Понатаму, таа пишува: „сега многу ми недостигате за Вас и сите пријатели сакам да ги видам, залудно рано дојдоа, ќе започнам руски да учам и тогаш често ќе пишувам. Ги помнам Вашите подароци, часовникот, фустанот и сите, секогаш ги облекувам и со носталгија плачам по Русија“. (сега многу ми недостигате, и штета што требаше да се вратам предвреме. Повторно ќе започнам да учам руски, и тогаш ќе ви пишувам почесто. Ми значат Вашите проштални подароци – часовникот, фустанот – и често ги облекувам и едното и другото. Плачам од тага по Русија“). Не знаеме кои биле околностите од втората година од животот на Јамашита во Петербург, но кога по враќањето во татковината се сеќавала на нејзиниот не лесен престој во Русија, тие сеќавања биле доста светли. Можеме да се зарадуваме за неа.
3. Творештвото на Рин Јамашита и нејзиното значење.
После враќањето во татковината, Јамашита почнала да црта икони за православните цркви, кои се граделе по цела Јапонија. Во истиот број на весникот „Сеикјо симпо“, каде што се соопштува за доаѓањето на зографисата во Јапонија, се соопштува: „Сега таа планира да живее тука и зема на себе обврска да црта икони за јапонските цркви, и попатно да ги обучува на живопис оние, кои решиле да ѝ служат на црквата, создавајќи икони“. Сведоштва за иконописната работилница која ја раководела Јамашита, речиси не се сочувани, освен тоа дека постоела, и нејзиното официјално име било „Сејкјокај сејзобјосјакан“. („Иконописна работилница на православната црква“). Освен Јамашита, тука, во 1893 г., работела само уште една жена – Масуко Такахаши (возраст непозната). Веројатно, тие две го сочинувале целиот тим во работилницата. Но, наскоро тука останува само Јамашита. Подоцна дошла уште Хидеко Шибијама (1890-1973) – сопружничко презиме Ои, во крштение Марија – која од 1909 до 1913 стажирала во Петербург кај Андреј Петрович Розанов. За жал, таа оставила малку свои дела.
Јамашита работела во работилницата 30 години, до 1918 г., кога се преселила во своето родно гратче Касама.
Среде мноштвото икони, кои се наоѓаат во православните цркви по цела Јапонија, околу 250 се напишани од Јамашита. Сепак, вкупниот број на нејзини дела е непознат, бидејќи таа не ставала ниту потпис, ниту датум. Само на 12 икони е укажана датата на нивното испраќање од епископатот во Суругудај. Тие дати може да се сметаат за ориентири за приближно датирање на работите на Јамашита. Освен тоа, епархиското списание „Сеикјо симпо“, кое излегувало двапати месечно, понекогаш соопштувало во кои храмови се испраќаат иконите на Јамашита. Исто така, постојат регистри и во различни цркви. И тоа исто така дозволува да се определи времето на создавањето на иконите, иако тука може да се зборува само за периодичните граници на возможното датирање.
Сочувана е само една икона, на која има потпис и дата. Тоа е, насликаната со масло на малечка даска „Владимирската икона на Мајката Божја“, на која одназад е напишано: „Нацртана во првата декада од декември, 1901 г., Рин Јамашита“. Постои дата и на иконата „Воскресение“, која јапонската православна црква му ја подарила на рускиот принц Николај (идниот цар Николај II), кога ја посетил Јапонија во 1891 г. Во 1987 г., таа била пронајдена во архивите на Ермитаж. Таа е најраната од датираните работи на Јамашита, и многу добро сочувана. Несомнено, таа била со големо внимание цртана од самата Јамашита.
Значајна збирка од икони на Јамашита поседува православната црква Суга во градчето Јокаитиба, од префектурата тиба. Од црковните регистри се знае, дека иконите на Јамашита пристигнале тука од Токио во 1899 г.
Меѓу иконите на Јамашита, забележани во документите, најраните, назначени за православната црква во Оказаки, изгореле за време на Втората светска војна. Порани записи засега не се пронајдени.
После враќањето од Русија, Јамашита покрај со икони, се занимавала и со други видови на живопис. Правела книжни литографии, се обидувала да создаде гравури. Тоа е – илустрацијата за „Реинеке-лису“ (првиот превод на Гете на јапонски јазик), објавена во 1884 г. Потоа, Јамашита направила ескизи на литографии, користејќи ги за тоа ксилографиите на Јулиус Шнор фон Карољсфелд (1794-1872), во чија основа лежеле цртежите на познатиот германски уметник Вилхелм фон Кауљбах (1804-1874). Подоцна, Јамашита направила неколку примери за литографија на темата: „Пресвртот Тајка“. Освен тоа, Јамашита се пробува во гравура и создава „Женски портрет“. Најдолу, на него е допишано: „1885 година, 13 февруари, гравирала R. Yamashita“. Како што се знае, на уметноста гравура нејзе ја обучувал професионалниот гравер Јордан.
Меѓу другите световни работи – скици, направени за време на патувањето во Хаконе, на кое заминала Јамашита во 1888 г., заедно со школска пријателка од Технолошката школа за уметности, Итоко Ѕинака (1860-1943), се ескизи, во жанр на традиционалниот јапонски живопис „нихонга“, под раководство на Коу Кимура (1842-1912), многубројни литографии, неколку прекрасни портрети на масло, обид да се создаде слика со масло на платно со митолошка содржина. Сето тоа творештво чека дополнителни истражувања.
Создавајќи икони, Јамашита во сè ги следела руските обрасци. Претпоставуваме, дека нацртаниот иконостас во 1892 г., за православната црква во Магата, префектура Акита, целосно се совпаѓа со иконостасот од храмот во руската амбасада во Токио (сега во таа зграда е министерството за финансии). Иконостасот во црквата во Суга, исто така претставува копија на црквата при амбасадата, сепак, неговиот централен дел – „Благовештението“ и „Четворицата Евангелисти“, се копии на иконите на Василиј Макарович Пешехонов, наменети за изградениот во 1891 г., храм Николај-до.
Јамашита усрдно ги копирала руските икони, кои биле увезени во Јапонија. Веднаш откако во црквата во Кјото, во 1903 г., бил поставен иконостас, изработен во работилницата на Ј. Е. Епанчиков, Јамашита дошла во Кјото и почнала да го копира. Кога иконостасот донесен од Русија во црквата Мацујама, насликан во 1907 г., во работилницата на Василиј Павлович Гурјанов (1866-1920), бил привремено испратен во Токио, Јамашита почнала да ја копира „Тајната вечера“. Таа руска икона претставува копија од фреската од познатиот уметник-академист, со полско потекло, Хенрих Семирадски (1843-1902), направена за московскиот храм на Христос Спасителот. Освен тоа, во 1902 г., Јамашита ја копирала во руската амбасада во Токио иконата „Воскресение“ – копија на иконата од Исакиевскиот собор во Петербург, која во 1840 г., ја нацртал Шарл де Штејбен (1788-1856), германец по потекло, кој се образувал во Париз кај Робер Лефевр (1755-1830) и Франсоа Жерар (1770-1837).
Во Јапонија биле донесени неколку копии од познатата слика на познатиот уметник-академист, ректор на Петербургската Академија на уметностите, Фјодор Антонович Бруни (1799-1815) – „Молитва за Чашата (на страданијата)“ (таа слика ја нарачал Николај Први), Јамашита копирала една од тие копии во 1904 г., и таа работа денес се наоѓа во православната црква во Кобе.
Меѓу делата, копирани од неа во црквата при амбасадата – се и руски икони, направени според широко познатите Библиски илустрации во Европа, во втората половина на XIX век, од двајцата уметници – Јулиус Шнор фон Карољсфелд (1794-1872) и Густав Доре (1832-1883). Така, Јамашита прецизно го копирала европскиот религиозен живопис – од барокот до академизмот на XIX век, користејќи ги за тоа копиите од руските уметници.
Јамашита, не ги копирала само иконите, туку нацртала и икона, имајќи ја за основа ксилографијата на В. Крјуков (истата икона „Воскресение“, која му била подарена на принцот Николај), подготвена околу 1876 г. и објавена во 1889, во издание на М.П. Сидорскиј. Сочувани се ескизи, направени од неа за иконата „Воскресение“, кои го фиксираат процесот на создавање на иконата. Јамашита ја променила позадината на иконата и напишала на јапонски: „Харисутосу фуккатсу“ (Воскресение Христово)“. Овие православни икони, насликани од Јамашита, ни по стилот, ни по композицијата не се разликуваат од западно-европскиот неокласичен и романтичарски религиозен живопис. Единствената разлика е натписот.
Во Ситка на Алјаска, во домот на епископот Инокентиј се чувал оригиналот од таа ксилографија (55х39см). Можно е, В. Крјуков – да е истиот Василиј Крјуков, кој станал прв иконописец на Алјаска. Мисионерот Инокентиј Венјаминов (1797-1879) го сретнал него на островот Уналашка, еден од островите на Алеутскиот гребен, и го забележал неговиот талант. Се претпоставува, дека Василиј Крјуков ги нацртал иконите за црквата на Вознесението, на островот Уналашка, осветена во 1826 г. Потполковникот А. П. Лазарев пишува за него како за слушател во Петербургската академија на уметностите, кој пучинал до 1830 г., но за него има и подоцнежни сведоштва, така што неговата биографија бара уште уточнувања.
Рин Јамашита за Николај Касаткин била речиси истото, што и Василиј Крјуков за Инокентиј Венјаминов. Не случајно, Николај Касаткин по патот за Јапонија во 1860 г., се сретнал со Инокентиј во Некилаевско-на-Амур, и се посоветувал со него за својата идна мисија.
Во Русија, во XIX век, за најголемо постигнување во живописот се сметала „Сикстинската мадона“. Позната е историјата за тоа, дека Достоевски долги години барал репродукција од таа слика. Конечно, на залезот на неговиот живот таа му ја подарил Владимир Соловјов. Рафаелското „Преображение“ се користело во руската црква како икона или фреска. Имало време, кога Богомајката насликана од Рафаело се почитувала од руската црква како икона. Некои икони, копии на сликите на Рафаело, биле увезени во Јапонија. Во православната црква Такасимидзу (префектура Мијаги) како икона се користи „Мадона на трон“ на Рафаело. Во црквата Ханда (префектура Ајти) како икона е изобразена горната половина од рафаеловото „Преображение“. Тоа се тие икони во стил на „италјанскиот живопис“, за кого пишувала во својот дневник Јамашита.
Има ли меѓу делата на Јамашита икони „во грчки стил“? Јамашита нацртала уште една „Тајна вечера“. Такви одликувачки црти на сликата, како отсуството на длабочина, нејасен извор на светлина, еднообразно и шематски нацртани облеки, внимателно претставени детали, исто така еднообразни, но со акцентирање на одделни делови од лицата, всушност ја претставуваат особеноста на белоусовската школа, која ги возродувала старите руски традиции. Со други зборови, таа икона – не е ништо друго, освен „грчкото писмо“ или „страшниот живопис“, за кого претходно спомнувала во својот дневник Јамашита, а Н. С. Лесков, таквите икони ги нарекувал „адописни“.
Иконите на Пешехонов, донесени во храмот Николај-до, исто така биле „застрашувачки“. Во работилницата на Пешехонов во Петербург, каде, како што се знае, бил насобран опит на востановување на древни фрески, работале многу палехски иконописци. Тие биле поврзани со староверците, кои цврсто се држеле до традициите. Сепак, не секогаш меѓу иконописот во западноевропскиот, католички стил и иконата на старообредците имало јасно означени разлики. На пример, палехскиот иконописец Дмитриј Николаевич Корин (?-1897) оставил во своето наследство и копија на рафаеловската „Адам и Ева“ од Луџио Ватикан, направена од него во 1874 г. Постојат сведоштва, дека мајсторите Палеха користеле ескизи од уметникот на францускиот барок Шарл Лебрен (1619-1690), а меѓу иконите на Пешехенов, довезени во токискиот собор Николај-до, имало и копија од сликата на Бруни „Молитвата за Чашата“, за која се говореше претходно.
Иконите, донесени во Јапонија, и иконите, нацртани од Јамашита се одраз на рускиот иконопис во тоа време. Како ја усвоила Јамашита руската икона во манастирот, почнувајќи од 80-те години на XIX век, не е само сликањето со масло под влијание на западноевропскиот религиозен живопис, но и потрагата во насока на првичниот – византиски – иконопис. Јамашита живеела во Русија имено во епохата на тие промени. Мачните колебања меѓу „грчкото“ и „италјанското“ писмо, биле одраз на масштабниот историски процес, а не само на индивидуалната особеност на творечкиот пат на Јамашита. Измачувањата на Рин Јамашита – се доказ на тоа, дека јапонската уметност од новото време се вкрстила не само со западноевропскиот академизам, но и со руската средновековна икона.
Професор-емеритус Сузуки (Сава) Мичитака