Покајанието – пат до простувањето

 

Тајната на Крстот Христов се состои во простувањето. Оној што со надеж на учество во Христовиот крст сака да учествува и во големата тајна на Христовото воскресение, тој простува. Вистинското простување се случува кога се молиме за оној што нè повредил; кога не го озборуваме, судиме и осудуваме тој што нè повредил; и кога на дело му помагаме, му чиниме добро и на секој начин гледаме како да се простиме и смириме со оној што нè повредил. Додека Господ Исус Христос умирал на крстот, Он и во смртните маки сакал да им биде од полза на луѓето. Не размислувајќи за Себеси туку за луѓето, Он во последниот здив изрекол една од најголемите поуки која воопшто е изречена на човечкиот род. Тоа е поуката за простувањето. „Оче прости им, оти не знаат што прават!“ (Лука 23,34). Никогаш, ниту од едно губилиште, не се слушнал таков збор. А Христос, во последниот здив им простил на Своите навредувачи, мачители и убијци, Го молел Својот Отец Небесен, Он да им ги прости гревовите, дури наоѓа и оправдување за нив, па вели „не знаат што прават“.

Зошто токму оваа поука за простувањето ја повторува Господ на крстот? Несомнено, затоа што сакал особено оваа поука да се запамети и исполни. Во незаслужените маки на крстот, величествен над секое величество на светот и возвишен над царевите и судиите земни, над мудреците и учителите, над богатите и сиромашните, над општествените реформатори и бунтовници, Господ Исус Христос, со примерот на простувањето го запечатил Своето Евангелие. Да покаже со тоа дека без простувањето, ниту царевите можат да царуваат, ниту судиите да судат, ниту мудреците да мудруваат, ниту учителите да поучуваат, ниту богатите и сиромашните да живеат живот човечки, а не скотски, ниту жестоките реформатори и бунтовници да направат нешто полезно. Но, пред сè и после сè да докаже, дека Неговото Евангелие, луѓето без простување не можат ниту да го разберат, а уште помалку да го исполнат.[1]

Во создадениот свет, простувањето е димензија на животот дарувана и поврзана исклучиво за човекот. Човекот е единственото битие кое може да прости, бидејќи тој е икона Божја. Злото во нашиот свет е во непростувањето, во отсуството на љубовта, во ропството и затворањето пред слободата на простувањето. Простувањето е врвот на остварувањето на личната и човечка слобода, и никој  никаде не може на човекот да му го одземе правото и слободата да простува, освен самиот себе.

Луѓето кои простуваат, не создаваат болка на заедницата и цивилизацијата, туку создаваат царство Божјо, кога сведочат со своето простување. Не се тие толерантни, туку човекољубиви, не се добри членови на заедницата туку членови на Царството Небесно, собор на светии, во кој нема зло, грев и смрт. Животот во непрестајното простување е начин на постоење, кој ги надминува границите на создаденото, на секое познато општество и цивилизација и затоа тоа не може да се дефинира, опише и смести во било каква форма во животот. Простувањето е пријатно и величествено, тоа е од Бога дарувано само на човекот како најдрагоцен дар, плашт на боја од царскиот пурпур кој сјае во нематеријалната светлост Христова. Тоа е човек кој го победува светот и злото, победник во радоста на Воскресението и причесник на трпезата Господова.[2]

Простувањето е едно од елементарните човечки начела на животот, неопходен услов да станеме луѓе, за да се уподобиме и да Му следуваме на Божјиот закон и да се љубиме едни со други со сето свое срце, за во секој човек да Го видиме Богочовекот Христос.

Ќе споменам два примери: Првиот пример е како ѓаволот делува онаму каде што нема простување.

Биле двајца подвижници кои живееле заедно и во голема љубов. Ѓаволот гледајќи ја нивната љубов и заедништво, им завидел и сакал да ги раздели. Еден ден ѓаволот тропнал на вратата и на едниот му се претворил во гулаб, а на другиот во гавран, и меѓу себе почнале да се расправаат дали е гулаб или гавран. Не се смириле еден пред друг и не сакале меѓусебно да попуштат и да си простат, па се скарале и се разделиле.[3]

Вториот случај е со двајца подвижници, кои исто така постојано живееле заедно и престојувале во љубовта Божја и помеѓу себе. Еднаш разговарајќи за случувањата во светот, едниот од нив рекол: Ние не знаеме што е тоа кавга. Ајде да се скараме и да го почувствуваме тоа чувство да видиме што значи тоа човек да се скара. Причината за нашата кавга ќе биде оваа тула. Јас ќе речам моја е, а ти ќе речеш не е твоја туку е моја, и така ќе се скараме. Тогаш првиот рекол: – Оваа тула е моја, а другиот рекол: – Не е твоја, туку е моја и првиот, сам кој го предложил тоа, рекол: – Не е моја твоја е, земи ја; и пак не се скарале и останале заедно, и тоа во поголема меѓусебна љубов.[4]

Но, патот до простувањето е покајанието. Затоа со повикот на покајание (Матеј 4,17) Господ ја започнал Својата наука, а со поука за простувањето ја завршил (Лука 23,34). Покајанието е семе, простувањето е плод. Никакво покајание нема вредност без простување.

Што би бил светот без покајанието и простувањето? Еден ѕверјалник сред природниот ѕверјалник.

Што друго би биле сите човечки закони, освен неподносливи окови, ако не ги ублажува простувањето. Зарем без простувањето мајката би можела да се нарече мајка, братот брат, пријателот пријател, христијанинот христијанин? Не, простувањето е содржина на сите овие поими.

А што да кажеме за простувањето што го дава Бог? За тоа не е доволен човечки збор? Потребен е Божјиот збор за да се опише неизмерната длабочина на Божјото милосрдие и Божјото простување. Кој друг на небесата и на земјата, би можел да го искаже и да го опише она што е во Бога, освен Единствениот Господ Исус, предвечниот Син Божји? „Никој не го познава Отецот освен Синот… и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11,27).

Да им ги простиме гревовите и навредите на сите, та Бог и нас да ни ги прости. Да побрзаме додека смртта не зачукала на вратата и викне: доцна е! Зад вратата на смртта ниту ќе можеме да простуваме, ниту, пак ќе ни се прости.[5]

 

[1] Николај Охридски, епископ, „Евангелие за простувањето“, Воскресение, бр. 1/1998, Скопје 1998, 24-25.

[2] О праштању, http://crkvauobrenovcu.rs/, пристапно на: http://crkvauobrenovcu.rs/Misija/o-prastanju (28.05.2015).

[3] За простувањето, http://www.stprohor.org.au/, пристапно на: http://www.stprohor.org.au/за-простувањето/ (28.05.2015).

[4] Истото.

[5] Николај Охридски, епископ, Евангелие за простувањето…, 25-27.

 

Подготви: Младен Јовчески