Погледнете го ближниот во очи, односно Христа – Архимандрит Андреј Конанос

Ајде да си го поставиме прашањетo: „Каков Христос гледаат во мене оние, кои се покрај мене? Со името на кој Бог јас ги поучувам и вдахновувам?“ Зашто во сите нас, христијаните, луѓето гледаат еден или друг Негов одраз. Затоа ние имаме голема одговорност – секој ден, секој час. Ако имате деца, помнете: вие, родителите – сте првите кои тие ги гледаат во својот живот. Токму вас, а не Господ Бог. Новородениот младенец спие на мајчините гради, го чувствува мајчиниот здив, го лови мајчиното расположение. И ако мајката и таткото не прават ништо, за Господ да се всели во душата на детето, Црквата не може да направи ништо, колку и да вложува напори. Затоа што невозможно е да се изгради зграда без основи, темели. А кај таквите деца, токму „темелот“ и отсуствува.

Затоа, ајде секој од нас да си го постави прашањето: „Колку е силна мојата вера? Омекна ли моето срце? Какво стана со Бога – пожестоко или помеко? Каков станав јас? Добар или озлобен? Кога комуницирам со некого, пројавувам внимание или рамнодушност?“

Кога мажот гледа во очите на жената, тој гледа во очите на Христа. Истото и кога жената гледа во мажот. Се гледате ли во очите, еден со друг? Си кажувате ли еден на друг, тоа што сакате да го слушнете? Зашто сета убавина на вашите односи е токму во тоа.

Во тоа – е Господ. „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас, меѓу нив“ (Мт. 18, 20). Колку прекрасни зборови! Некои дури ги пишуваат во свадбени честитки, посакувајќи им среќа на младите.

Секој пат – е од Бога

Еднаш, една девојка ми рече:

– Отче, сакам да се омажам, но притоа, сепак сметам дека монаштвото е поголемо од бракот.

– А Господ вели, каде што се двајца или тројца собрани во Негово име, таму е и Он. И што е поголемо во тој случај – бракот или монаштвото? Колку објективно може да се разделат, на пример цвеќињата, на убави и неубави? Секој цвет е посебен и убав на свој начин.

Секој животен пат – е од Бога, независно од тоа, дали човекот прима монаштво или стапува во брак. Тука, само едно нешто е важно: какво ќе стане твоето срце, кога ќе направиш 100 години? Ќе најдеш ли дотогаш време за Бога, или годините ќе пролетаат напразно? Ете што е главно. Нашите дни да не поминат напразно. Да се приближиме до Христос, да Го засакаме и да можеме да Го видиме во нашето семејство, во нашите односи со ближните. Тоа и е Христос во нашето срце. А другите „христоси“, кои често ги проповедаат – фанатични, злобни и одмаздољубиви – немаат ништо заедничко со Господа, за Кого што читаме во Евангелието.

Еве, веќе две илјади години, луѓето зборуваат за Христос и чувствуваат какво влијание извршува Он врз нивните срца. Значи, не е мртов. Мртва е лагата, која хули и заговара против Христос.

А вистинскиот Христос е жив, и го допира самото срце, а не престојува некаде далеку, на периферијата на нашиот живот.

Исцелувајќи го срцето

Но, кога за време на молитвата, во нас влегува Господ, ние доживуваме не само прекрасно чувство, но и болка. Зашто Он се допира до нас, а кога раната ја допираат, таа боли. Сепак, Господ прави така, затоа што мораме да добиеме исцеление. Во спротивно, сите наши расудувања – ќе бидат само губење на време.

Да приведам пример? Самарјанката од Евангелието, прославена од Црквата како света Фотина. Се сеќавате на нејзиниот разговор со Исус? Он зборувал со неа за Бога, за различни духовни работи, и одненадеж рекол: „Оди, и доведи го твојот маж“. (Јн. 4, 16). Самарјанката многу се изненадила – тие толку време разговарале за духовното, зошто Исус решил да ја смени темата? „Доста е за Бога, доста е за гората Гаризим – оди и викни го мажот“.

Таа жена петпати била мажена, и ниту со еден од своите сопрузи не можела да создаде среќно семејство. Господ, на тој начин и помогнал да сфати: „Дете Мое, Јас ја исцелувам онаа рана, која навистина боли“. Ете за што станува збор. Христос во срцето го исцелува срцето, а не се занимава со празни, банални прашања. Ете што е вистински духовен живот. А формалностите брзо изморуваат. Важна е суштината.

А суштината – е во тоа, да се зборува и прави само она, што има смисла. Една парохијанка ми се јави во паника и ме праша, дали ѝ се заканува пекол, затоа што еднаш ѝ се истуриле трошки од просфора. Или што ќе се случи, ако направила помен за нејзиниот покоен татко, не на 40-от а на 41-от ден. Но, тоа не е важно. На твојот татко му е тешко на тој свет, не затоа што го спомнале на 41 ден, туку затоа што ти 41 еден не зборуваш со сопругот. Ете што го натажува него, и доколку беше жив, ќе ти речеше: „Почнете веќе еднаш да разговарате! Вљубете се еден во друг!“ Најдобар помен за нашите роднини – е мирот и љубовта во нашите семејства.

Зошто починатите ги спомнуваат толку често? Затоа што совеста нè изобличува. Затоа што, додека нашите ближни биле со нас, ние не сме ги сакале многу. Затоа сега постојано ги спомнуваме. И каде е во тој случај нашиот Бог? Во обредите? Во торжествените церемонии?

Христос е покрај (нас)

Неодамна, еден човек ми рече:

– Ти посакувам да станеш архиереј!

Јас му одговорив:

– Не, јас никогаш нема да бидам архиереј.

– Зошто? – се изненади тој.

– Затоа што нема да имам доволно сили да присуствувам на сите градски празници, постојано да бидам надвор, да разговарам со чиновници… Нема да издржам.

Господ постојано е присутен во нашиот живот. А ние се сеќаваме на Него само во неделите, кога ќе се дотераме и торжествено одиме во црква. „Благословете отец! Господи, помилуј!“ Но после храмот, задлабочувајќи се во секојдневните работи и грижи, стануваме како и претходно – до следната недела.

Излегува дека Бог присуствува во нашето срце само на празниците, за време на црковните служби? Секако, не.

Христос Го распнаа, имено затоа што Он постојано зборуваше и покажуваше со Своите постапки: Бог е со луѓето, не само во Храмот, за време на принесувањето на жртвите. Тој е тука и сега.

Се  сеќавате, каков бил земниот живот на Христос? Тој се родил во штала, а проповедајќи, преноќевал таму, каде што ќе му даделе засолниште. Да се сетиме на Неговите зборови: „Лисиците имаат легла, и птиците небесни – гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да преклони“ (Мт. 8, 20). Дури и после смртта, Исус бил погребен во туѓа пештера, затоа што Свое место Тој немал. Благообразниот Јосиф, кога го симна од Крстот Пречистото Тело Твое, со плаштаница чиста го обви и со благопријатни мириси Го помаза, во нов Гроб го положи (тропар на Велика Сабота).

Зошто ништо не се менува?

Тој вистински Бог сака, и ние да бидеме вистински, а не лажни христијани. Затоа, јас секогаш им велам на оние, кои доаѓаат да се жалат од нивните ближни:

– Сè е така, госпоѓо, Ве разбирам. Но, сепак, доведете ми го Вашиот маж, да ја слушнам и другата страна.

– Дете мое, те разбирам дека ти е тешко. Но јас не сум кај вас дома, и не можам да составам целосна слика. Со мене си ангел, а твоите родители велат нешто сосема друго. Јас не знам кому да верувам!

Навистина, да се разбере на крај, кој е во право, е многу тешко. Но, ете што ни вели Господ: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и на сите нека им биде слуга“ (Мк. 9, 35). Со други зборови, некогаш може да не ги бараме своите права, а да отстапиме, да жртвуваме нешто. Во рајот одат не оние, кои секогаш се во право, туку оние, кои можеле да принесат жртва. „Знам дека сум во право, но нема да ви пречам, правете како што сакате. Зарем Господ, не велел така? „Бидете живи, Јас ќе умрам за вас“. Он не рекол: „умрете, и тоа ќе биде правилно“.

Така и се запазуваат односите, и животот станува прекрасен. Главно е – да се промениме самите, а не да ги променуваме другите. Но, бидејќи никој така не постапува – ниту политичарите, ниту ние, свештениците – останатите исто така не знаат тоа да го прават. Затоа и животот не се менува.

Еднаш ме прашаа: зошто, и покрај тоа што Христос дошол во овој свет, сеуште како и претходно има многу зло и маки? Навистина, зошто? Затоа што, ние Му велиме: „Господи, оди си во ќошот и седи таму“.

Ете зошто. Самите не Го пуштаме Бога во нашиот живот. И што може Тој да направи? Тој сака да нè просвети, а ние Му одговараме: „Не треба!“ Тој има готови решенија за сите наши проблеми, но ние не Му даваме да направи ништо, затоа што за  нас се најважни личните интереси, своето Јас. Ако, на пример, некој ми рече да вдомам непознат човек, нема да можам лесно да го направам тоа. А ти можеш да пуштиш туѓинец во твојот дом? Малку кој од нас е способен на тоа… Такви сме ние, луѓето.

Многу црковни, и многу тврдоглави

Еден млад човек ме праша:

– Може ли да се оженам со таа девојка? Таа е многу воцрковена!

Јас му одговорив:

– Воцрковеноста  – е многу неопределен поим.

Кога ние го карактеризираме некој човек, тоа значи дека не го разбираме најважното. Јас знам ужасни случаи во многу црковни семејства, и напротив, познавам исклучително добри невоцрковени луѓе.

Многу воцрковените луѓе, како правило, се многу тврдоглави. Особено жените. Да, тие, како правило се мили, љубезни, но многу тврдоглави! Ако жената смета така, нејзе нема да ја преубеди дури ни министерот – таа ќе си остане на своето. Затоа, по нејзините зборови, таа е со Бога…

Лично мене, многу ми е пријатно да комуницирам со оние, кои сеуште не успеале многу да научат и се наоѓаат на почетокот на патот. Таквите луѓе тежнеат кон сè ново. Многу е потешко со оние, кои мислат, дека веќе сè знаат и не планираат да ја променат својата гледна точка. Тука започнуваат проблемите.

Не треба толку да се грижиме. Сè ќе помине, и после пет години ќе гледаш на тој проблем со многу поинакви очи. Денес плачеме од тага, а после сто години, на наше место ќе има други луѓе, и ништо нема да има ништо од она, што сега нè загрижува и вознемирува.

За ништо не грижете се. Зошто предвреме да остарите? Молете Му се на Бога од цело срце. А како да сфатиме дека она што го просиме се исполнува? Мајка Гаврилија, еднаш вака одговорила на едно прашање: „Ако молејќи се за нешто, чуеш во своето срце гласно „Ах!“ тоа се исполнува. Но, тоа „Ах!“ треба да излегува од срцето. За молитвата да не биде формална прозба, а топла желба“.

Ако се молите за нешто со солзи на очите, значи навистина го сакате тоа. И ако она што го барате е за добро, сигурно ќе ви се даде. А ако не е добро… Тогаш не молете се толку силно.

Се случува, девојка се моли, се моли да се омажи, а потоа вели: „И зошто се молев толку многу?“ Затоа што, твојот маж – е најдобар за тебе. Тука вие се спасувате еден со друг, а таму заедно влегувате во рајот.

 

Архимандрит Андреј Конанос

http://www.pravmir.ru/posmotrite-v-glaza-zhene-to-est-hristu/