Петровденски (апостолски) пост – протоереј Антониј Владимиров

За целта, смислата и суштината на Петровиот пост, за тоа како да го усогласиме апостолското служење и својот живот, за апостолскиот дар за говор и за нашите способности, за потребата за словесно смирување на самиот себеси и за продухoвување на сѐ што изговараме, зборува протојерејот Артемиј Владимиров.

Колку се сите луѓе различни, зарем не? Дури и православниот народ размислува и чувствува различно. Настапило ведро и топло лето. Зад нас, драги пријатели, останал светоносниот празник Велигден. На Духовден (Пресвета Троица), педесет дена подоцна, се собравме во храмовите, на колена го молевме Отецот и Синот и Светиот Дух да ни ја испрати Божјата благодат, која нѐ обновува. А ете го и Петровденскиот (апостолски) пост.

Пријатели, да не мрмориме поради она што го озаконила мајката – Црква. Овогодишниот пост воопшто не е долг, трае само до 12 јули. Но, за да го носиме бремето на Апостолскиот пост, за да се радуваме со сите богољупци на можност,а барем малку да се воздржиме од мрсна храна, да видиме кои се целта, смислата и суштината на оваа црковна – а тоа значи Божествена установа. Да, во право се оние што велат дека целата соборна апостолска Црква го вовела овој пост нешто подоцна во однос на Великиот (Велигденскиот) пост. Но, по сведоштвото на преподобниот Серафим, сѐ што прифатила и што целивала нашата мајка – Црква, треба да му биде драго на секое нејзино чедо.

Во книгата Делата на светите апостолите читаме дека христијаните кои избрале дванаесетмина ученици за благовест на Евангелието, постеле и се молеле, а откако апостолите положиле раце на нив, се разотишле по сите краеви на светот за да им ја донесат и на ближните радосната вест за воскреснатиот Христос. Петровиот или апостолски пост е најблиску поврзан со дарот за говор, кој секој од нас од раѓање го добил одозгора како драгоцена црта на Божјиот образ. Особено, зашто мнозинството од нас се словесни: ние сме Словени – племе и народ за кој зборот е средство за прославување на Творецот.

Апостолскиот пост ни е потребен за да ја ограничиме во некоја мера својата утроба  („а ситиот стомак е“ – како што сведочи рускиот народ, – „глув за учење“), за да го поттикнеме  словесниот дар, за нашите мисли – внатрешниот говор, кој живее во длабочината на бесмртниот човечки дух… значи со цел нашите мисли малку по малку да станат посветли, и од испрекинати и извиени, несиметрични, како светли нишки да бидат насочени кон изворот на битието – кон Бога и за да се претворат во тајна и во срдечна молитва.

Оној што оди пред лицето на Небескиот Отец, што во тајната на својата душа беседи со Овоплотеното Слово, како што тоа им било својствено на големите и духоносни луѓе – на апостолите и на нивните наследници, добива посебна благодат – сведоштво за Воскреснатиот Христос. Секако, не самоволно, не по сопствена иницијатива, туку по послушание на свештеноначалниците. Впрочем, секој христијанин, како што тврди апостол Петар, треба ги знае одговорите за својата надеж (спореди: 1. Петр. 3, 15).

Во текот на овој пост, мислам дека треба да обрнеме посебно внимание на тоа дека сѐ што правиме, дури и малите постапки, секој чекор, секое словесно дело треба да бидат усогласени со Божјата волја, со доброто, угодното и совршеното. Подобри се делата без зборови отколку зборовите без дела, зарем не? Усогласеноста на делата и на зборовите, потврдата на основите на нашата вера и на заповедите за кои сме повикани да ги исполниме кон Творецот и ближните претставуваат најслаткоречиво сведоштво за Воскреснатиот Христос.

Но, да размислиме: колку приближно зборови трошиме дневно на меѓусебно општење? Нема да згрешиме ако кажеме: милион. Можеби и повеќе. Меѓутоа, Спасителот нѐ предупредува и вели дека секој празен збор, без содржина, збор на кој му е туѓа моралната смисла, лишен од духот на вистината и љубовта, извалкан со лукавство, вулгарност, лутина, нечистотија, гордост и надуеност (надмоќност) е за осуда на носителот на зборот. За секој празен збор луѓето ќе дадат одговор на Судниот ден.

Апостолскиот пост ни е даруван како вежба…

Значи, Апостолскиот пост ни е даруван како вежба. Како прво, за света исихија. Дали сте го слушнале тој извонреден грчки збор? Исихија е свето тихување. Пост со внатрешна насоченост кон Бога. Апостолскиот пост правилно го пости оној што се труди од рано утро, како што е речено: „Човекот излегува по своја работа и работи до вечерта“ (Пс. 103,23) – до изгрејсонце,  да разговара со Овополотеното Слово, да му се обраќа на сезнајниот и семилостивиот Спасител во тајната на срцето. „Господи Исусе Христе, благослови, прости, помилиј, научи, укрепи. Господи Исусе Христе, Сине Божји, смилувај се над мене грешниот“.

„За твоето име се радуваат“ (Пс. 88,16) – така цар Давид, уште 1000 години пред Христовото Рождество говорел за тоа дека молитвата на човекот што не брза во молењето, што ја кажува со внимание, со смисла, со пауза, а што е главно – со длабока вера и надеж во милоста Божја… ваквата молитва станува многу лесно, радосно, инспиративно дело што донесува внатрешно задоволство и што го исполнува битието.

Колку е за нас природно и радосно во текот на летниот пост, одејќи во природа, шетајќи покрај Пахра и Десна, гледајќи ја тивката вода на реките во Подмосковје, ослушнувајќи го шумолењето на лијсето и гледајќи го небесното пространство, да го славиме Господ, Кој ни дал да се насладуваме, имајќи четири годишни времиња: лето, есен, зима и пролет. Кај Бога, во природата, нема лошо време. Преку молитвена врска со Творецот накратко се ослободуваме од здодевноста, од тагата, од душевната рамнодушност, па дури и од депресијата, својствени на градските жители. Напротив, ја чувствуваме плимата на животните, витални сили, така што повторно сакаме да живееме, и да се милиме, и да се трудиме во слава на Господа и за доброто на ближните.

Тихувањето – исихија, соединето со молитвата, навистина ги обновува духовните и телесните човечки сили, го избавува човекот од стресот…

Тихувањето – исихија, соединето со молитвата, навистина ги обновува духовните и телесните човечки сили, го избавува човекот од стресот, од некои лажни грешки и воедно му дава драгоцена резерва на животни сили, неопходни за меѓусебно општење. Во текот на Апостолскиот пост повикани сме да бидеме благовесници што шират радост и мотивација, да имаме активен животен став, да бидеме подготвени да правиме добро според кое христијанинот се разликува, пред сѐ од човекот на кој му е туѓа надежта во семожниот и седобар Бог.

Треба да се сетиме дека дарот за говор е свет дар и затоа да бидеме трпеливи кон нашите сродници и домашни. А ние, за жал, честопати не водиме грижа да изгледаме како што треба, не се срамиме да исполнуваме некои најлоши, многу незавидни својства од нашата природа. Погледнете ги лицата на московјаните. Како не се срамат наутро да им забележуваат на своите најдраги и најсакани луѓе. Колку често мувата се претвора во слон и ситниците што воопшто не го привлекуваат вниманието на мудриот, интелигентен човек со животно искуство, стануваат една ѓаволска искра која се претвора во пламен на раздорот, на меѓусебни прекори, караници, тешки навреди, а понекогаш дури и на дела што се неспоиви со звањето човек, на грубости и сѐ што следува по неа. Апостолскиот пост ни е неопходен како воздух. И ајде на самите себе тајно да си дадеме задача никого да не навредуваме, никого да не лутиме, да умееме да се насмевнеме во потребниот момент, да ги ублажиме туѓите напади и злобниот и ироничен збор со мудра шега, да го поведеме разговорот во нормален тек, да го утешиме оној што на светот не гледа повеќе со детски очи, туку се затворил во сопствениот оклоп и се наоѓа речиси во очај. Мислам дека без оглед на тоа колку е скромна оваа животна постапка, човекот што доследно ја остврува, преку мало ќе дојде до големо.

Што е тоа големо? Тоа може, на пример, да се слушне во прекрасните библиски зборови што излегле од устата на пророкот, а преку старозаветните Божји луѓе говорел Самиот Бог: Ако го одделиш чесното од недостојното, ќе бидеш како устата Моја (спореди: Еремија 15,19). Тоа е прекрасно Божјо ветување. Ако во нашето присуство човек пцуе или дете во пубертет отворено лаже, со цел да ги сокрие своите непристојни дела, вие како мудар родител, свештеник, воспитувач, учител, просто како морален човек, треба да го советувате таквиот распашан млад човек, да разговарате со него на чист литературен јазик, со избегнување вулгарна интонација, компјутерски изрази, сленг и други заемки што денес се откинуваат во јазикот на секој втор човек… и самите, без да бидете свесни, ќе послужите за просветување на умот, за ублажување на срцето, за смирување на душата на неколку десетици луѓе. Такво е значењето на зборовите што се збогатени со Божјата благодат.

Да  се потсетиме во текот на овој пост на заповедите што ни ги упатува апостол Павле, а што се поврзани за човечкиот збор.

„Браќа“, – вели апостол Павле, – „не лажете се едни со други“ (Кол. 3,9; Ефес. 4,25). Навистина, лагата е од ѓаволот. Човекот што лаже по малку, бргу останува без почит и стекнува реноме (лоша слава) на дрдорко, на кој ништо не може да му се довери, кој не ги почитува своите обврски.

„Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша“ (Ефес. 4, 29). Гнасен збор е оној што мириса на гнилеж, што смрди. Очигледно, тоа е вулгарен, низок збор, пцовка. Не треба да ви зборувам како пцујат во брачните врски само затоа што мажите исполнуваат таква грубост, не се плашат на својата животна партнерка или на децата да им кажат нешто од што на луѓето што се малку пристојни и воспитани ќе им отпаднат ушите.

„Зборот ваш“, – моли апостолот, – „секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Кол. 4, 6; Ефес. 4, 29). Благодатта е љубов, желба да му се послужи на човекот, да му се направи нешто навистина добро. Колку денес, во време на рамнодушност, егоизам и закоравеност на срцето, за жал, е ретко да се слушне збор што е упатен токму кон нас, промислен и добронамерен збор. Збор што е исполнет со енергијата на љубовта. Ќе истакнеме дека таквиот збор не се врзува. Невозможно е да се врзе. Тој поминува низ сите пречки. Зборот што се произнесува од длабочината на срцето што сака, што е милостиво и што се моли, навистина е крилест. Проникнувајќи во скриените ќошиња на човечките срца, тој збор има неочекуван одек. Кај луѓето се појавува сочувство и доверба. Нивните срца се отвораат како цвеќе, во пресрет на зборот во кој нема користољубивост, туку за цел има ублажување на човечките срца.

 

превод: Петар Петковски, дипломиран теолог