По повод патрониот празник на Македонската православна црква и Македонската православна богословија Свети Климент Охридски – Скопје, како нејзина воспитно-образовна институција, како и одбележувањето на 50 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква, и промоцијата Монографијата 50 години Македонска православна богословија Св. Климент Охридски, на 06.12.2017 г, започнаа одбележувањета и прославите во Македонската православна богословија.
Торжеството започна со свечена Вечерна богослужба во храмот на Вознесението Господово „Св. Спас“ во Драчево, на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кически г. Тимотеј, во сослужение на Архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Глигор Дамјановски, протоереј-ставрофор Трајче Петковски, протоереј-ставрофор Сашко Николовски, протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоереј Томе Велјанов, јереј Александар Димовски и протоѓаконите Антонио Дујовски и Николче Ѓурчиноски.
После Вечерната богослужба архиереите и гостите се упатија во домашниот храм на Богословијата, каде празничниот колач го благослови Митрополитот г. Петар, заедно со протоереј-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Антонио Дујовски.
Веднаш потоа, во придружба на хорот на Богословијата, се одржа и промоцијата на Монографијата 50 години МПБ „Св. Климент Охридски“ чии промотори беа Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и протоереј-ставрофор Јован Таковски.
Според традицијата, беа доделени и наградите на најдобрите ученици и победниците на литературните конкурси по повод патрониот празник.
За крај, поздравен говор одржа и ректорот на Македонската православна богословија, Митрополитот Повардарски г. Агатангел.