27-ми мај / 9-ти јуни, 1970г.
Св. маченик Ферапонт
Почитуван отец Никита,
Благослови нè, Оче!
Веќе два дена како сме поплавени од поројна бура, која нè отсече од светот, правејќи го патот лизгав. За нашата градина, дождот е многу добар, но за линотипот, кој седи под пластична покривка и под набрзина направен привремен покрив, се сомневам. Ни требаа четири дена за да го расклопиме, натовариме (со постојана молитва дека лифтот на нашиот изнајмен камион ќе работи за товар од 550 килограми), да го пренесеме и истовариме. За жал, ќе поминат недели пред зградата да биде завршена, линотипот да се состави, да се поврзат гас и електрична енергија, итн, што исто така го попречува нашето, за жал задоцнето издание за март-април, кое ќе почнеме конечно да го печатиме за само ден или два, надевајќи се дека ќе излезе кратко после 1-ви јули. Штом линотипот ќе проработи, ќе напредуваме брзо, но во меѓувреме… молете се за нас!
Минатата недела ја добивме официјално одобрената служба за отец Герман, ја преведовме и ја вклучиме во ова издание; единственото издание кое ќе пристигне до нашите читатели пред канонизацијата. Службата ќе зафати 24 страници во средината на списанието, а исто така ќе отпечатиме 1000 и нешто страници одделно во форма на брошура. Во преводот на англиски јазик се обидовме да го зачуваме поетското чувство, но се плашам дека не успеавме сосема. Словенскиот јазик понекогаш е инспиративен, а понекогаш е многу прост . За тропарот сме сè уште во недоумица; ние се залагаме за стариот, но може да има сосема нов … или можеби избор од два. Ова е навистина прва “американска”служба, и ние се обидовме да направиме образец, водејќи сметка дури за акростихот, што го сработивме доста успешно на двата јазика. Словенскиот комитет не се грижи многу за акростихот, но ние сметаме дека е прилично инспиративно да се работи во рамки на нормите на светата фраза од зборовите на Отецот Герман. Во Џорданвил се печати иконата од отец Кипријан за отец Герман во две големини – 4 x 5 и 6×9. Ние си имаме наша икона препечатена во помала големина – нешто како 2,5×3,5.
И да, го имаме текстот; одговорот на отецот Михаил до отец Шмеман – тоа е токму она што е потребно денес. За жал, поради службата, ќе мора да оди во следното издание. Текстот е долг, 15 страници. Синодот сега станува нешто како јадро на американските свештеници. Да даде Бог на сите да процветаат во него. Несомнено ќе потрае некое време пред руската психологија да сфати и да ја прифати суштинската улога на Синодот во светското Православие, но за среќа постојат некои, кои веќе разбираат. Дали свештеникот од Синодот кој го спомнувате во Алјаска можеби е отец Николај Харис во Енкориџ? Тој ни нарача неколку копии од нашето издание за отец Герасим и ги претплати уште тогаш. Дознавме од отецот Илија Армистед, дека ќе ја носи својата жена во Алјаска за да отвори гостилница, но сепак тој не кажува ништо за тоа што прави, иако забележува дека нашата најбогата епархија во Сан Франциско, не му дава ни цент. Но, за што? Нашите сомнежи за него само се зголемуваат.
Со интерес ги читавме вашите коментари за времињата. За жал, се плашам дека слободната, либерална, наивна Америка на нашето детство ја нема, а анархизамот кој е во пораст само ќе повикува на диктатура, десно или лево, во зависност од тоа кој може да го искористи. Што и да се случи, ние православните немаме светла иднина, во световни услови; но ќе ни се даде шанса да го исповедаме нашето православие во тешки околности. “Официјалните” јурисдикции би можеле да се помират со новите услови и да “процветаат”, како Советската црква или Црквата на Грција, а ние, кои сме помалку искусни политичари, ќе бидеме сведени на повеќе или помалку катакомбен статус дури и под десничарска диктатура, додека под левичарите можеби нема ни да дозволат да постоиме. Иако овде не дознаваме многу новости (воглавно еднонеделен застарен коментар за „САД вести“) и не сме многу свесни за “поларизацијата” на чувства што се случува, моја претпоставка е дека десницата ќе се инсталира, што ќе доведе до последен Светски пожар, од кој може да се појави… ѕверот од последните денови, кој конечно ќе ги смири сите. Но, сето тоа се само претпоставки. За нас, важно е да се држиме до нашето свето Православие, што е наша вистинска битка и секој нов ден да го почнуваме со духот на исповедта.
Хитлер, патем, беше најинтересен апокалиптичен феномен. Покрај неговата луда љубомора на Евреите, што го натера да ги уништи, така што Германците би можеле да бидат “избраната раса” и тој да биде Месијата (дури и се сеќавам, иако не можам да го најдам изворот, тој еднаш рекол дека ако тој не можеше да биде Месија, тогаш тој доброволно би бил антихрист!); Тој самиот беше во основа болшевик со идолопоклонство кон Ленинската и комунистичката програма, кои ја гледаа светската историја од 20 век како битка меѓу неговиот национален болшевизам и советскиот меѓународен болшевизам, и кој кога го виде крајот на своите надежи, го даде своето политичко наследство на Советите со зборовите: “Иднината припаѓа на посилната источна моќ [нација].” Во последните денови од војната, нацистите организираа “врколаци” кои се инспирираа од позитивно “мистичните” емисии на Геббелс со тоа што кога веќе е изгубена војната, Германија и Европа мора да бидат позитивно уништени, така што новиот поредок на иднината би можел да се изгради на целокупната рушевина и пепел на сè што дотогаш човекот го вреднуваше и градеше.
Хитлеризмот, накратко, е само слугинка на комунизмот, што, пак, укажува на “мистичниот” врв на модерното време: Антихристот. Така Хитлер бивајќи антимонархист ја задржа круната и жезолот на светите римски императори “за секој случај”, да не се променат времињата и да не е потребен “монарх”; тој еднаш рекол: “Ако монасите од Света Гора некогаш потпишат документ што ми дава наследство на Источната Империја, со сигурност ќе ги поштедам”, имајќи ја на ум промената на духот на времето. Токму истите карактеристики се видливи и кај Наполеон, кој сепак ја одбрал страната на Евреите и го повикал својот Синедрион за прв пат во 1800 години, за да се прогласи за император. Наполеон исто така (заборавам дали само во руската кампања или воопшто) имаше војници и следбеници истетовирани од десната страна, без што немаа право да земаат храна. Можеби овие се “мали детали”, но јас на некој начин мислам дека ќе ги занишаат големите, кога модерната безбожност ќе дојде да го бара своето симболично крунисување. Но, повторно, таквите шпекулации имаат претежно тенденција да го одвлечат нашето внимание од една важна работа: Православието. Светската и националната политика ќе се движат со нас или без нас, но навистина малкумина се тие што се грижат да застанат за православието. Ние самите, уште повеќе ја чувствуваме потребата да отпечатиме сè што можеме за вистинското Православие додека има уште време. Нека Бог ни е на помош на сите, да работиме додека сѐ уште има светлина! Ти благодариме што ни дозволи да ги видиме писмата до Џон Харвуд, кои ги враќаме во ова писмо.
Молете се за нас во овие клучни денови.
Со љубов во Христа, нашиот Спасител,
Превод: Елена Богдановска