Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 45-то

10/23 мај, 1970г.

Свети апостол Симон Зилот.

Драг отец Михаил [Азкоул]

Навистина Христос Воскресна! Благослови нè, оче!

Голема благодарност за твоето писмо. Најпрво да кажам – да, ние навистина сакаме да го видиме твојот одговор до отец Шмеман, колку побрзо, толку подобро. Би можеле дури и да го замениме со нашата веќе подготвена статија “Литургиското богословие,” од отец Шмеман, која што ќе ја испечатиме навремено, со оглед на должината.

Ние самите размислувавме да напишеме нешто како одговор на тоа, како и кон нападот на отец Маендорф во „Православна Црква“, но немавме време и услови, и тогаш излезе одговорот на отец Георгиј Грабе. Одговорите на отец Грабе, секогаш се трезвени и вистински, и се однесуваат на Русите кои не се грижат премногу за луѓе како отец Шмеман и Маендорф, бидејќи тие долго време ги признаваат како отпадници и едноставно не ги слушаат повеќе. Но, заради луѓето од англиското говорно подрачје треба да има поборбен пристап: за нив, овие луѓе се “авторитети во богословието” и од нас зависи да докажеме дека тоа не е така. Дури вчера дознавме од отец Никита дека си напишал таква статија, која тој планира да ја испечати заедно со оригиналот од отец Шмеман и да даде целосна слика, со што ќе се избегне било какво обвинение за неправедност. Но, нашиот тираж е веројатно, најмалку двојно поголем од неговиот, иако сигурен сум дека ниту една од нашите продажби не може да се доближи до „Православна Црква“, која, според мое мислење, сигурно достигнува до 5-10,000 илјади. „Дјаконија“ прави обид да го прикаже целосниот впечаток на нештата, прикажувајќи ги спротивставените ставови, иако јас мислам дека тие одбираат и преземаат православни публикации, наместо да работат со ракописи. Наша среќа било да сме блажено несвесни веќе неколку години за она што беше отпечатено во „Православна Црква“, но со скандалот од Митрополијата одлучивме подобро да видиме што пишуваат.

Сега ги видовме последните шест изданија – и ваков весник, со второстепено новинарство уште немало во православниот печат. Настрана од нивниот напад на Синодот, дури и на кутриот Атинагора не му покажуваат чест да го претстават, а потоа неговото писмо, конечно е претставено во фуснота како некој вид на “мистерија”, е далеку од автентично. Отец Маендорф очигледно е свесен дека се обраќа на многу ограничена публика, која не може да направи разлика меѓу “правилната” гледна точка (очигледно од партиска линија) од сите други. Ние сè уште се надеваме дека ќе најдеме време за да му напишеме отворено писмо на оваа тема, со забелешка за неговите последици во “американското православие”.

Ти веќе го потврди нашиот општ впечаток за митрополитот Филип како добронамерен човек, кој за жал сака да биде во мир со сите. Така, многу од нашите млади американски свештеници од речиси сите јурисдикции доаѓаат преку неопределено и во најголем дел, површно православно образование, а потоа добиваат парохиско искуство најмногу за тоа, како да се сложуваат со луѓето, и едноставно не се подготвени да застанат и да се борат за Православието. Но, сега е (1970 година е можеби токму годината на одлуки) нашата американска “пресвртница” за Православието – оние кои нема да застанат да се борат, знаејќи зошто се борат и против кого, вооружени со дела, едноставно престануваат да бидат православни. Се радуваме на твоето доаѓање во Синодот.

Во „Православно Слово“ не сакавме да ја истакнеме значајната улога на Синодот, туку самата логика на историјата на црквата која ја истакнува улогата на Синодот како “чувар на православието”. „Дјаконија“ веќе зборува за создавање на  “ултра-конзервативна алијанса” на Синодот со приврзаниците на старо-календарците против остатокот на Православието, за зачувување на она што останало вредно во Православието. Веројатно не познаваш многу од нашите Руси во Синодот; моето запознавање со нив, од мирјани до епископи, ме убеди – како што и му напишав на д-р Џонстон, дека тие се таков калибар на луѓе какви што денес, едноставно не среќаваш во светот, или во други православни цркви. Тие го носат печатот на верност кон Христа и Неговата Црква, и верата во нив. Искуството со Советите им даде таква свесност, што не може да се најде на друго место. За Атинагора-Јакововците, немаме ништо друго освен нивните повремени проповеди и посланија во „Православен Набљудувач“. Отец Пантелејмон е несомнено најдобриот извор на материјали за нив. Да, можеби “теолошка” анализа е премногу за нив, но, секако, имаме право да го анализираме значењето на овие изјави и дела со кои тие го менуваат Православието, и  покажуваат што тие значат и каде ги водат. Можеби со ова целиме повисоко, но ќе биде убаво да се има некој вид на збирна проценка за нив.

Во рок од една недела или две, со Божја помош, ќе имаме линотип, и се надевам дека нашите маки со рачното поставување ќе завршат, и ќе можеме да печатиме повеќе. Спомнувајте нè во вашите молитви.

Со почит и љубов во Христа, нашиот Спасител, Евгениј Роуз.

 

Превод: Елена Богдановска