Среда од Томината недела
23-ти април / 6-ти мај, 1970 година
Свети Великомаченик Георгиј
Драг отец Давид [Блек],
навистина Христос Воскресе!
Ти благодарам за твоето писмо и можноста да ја продолжиме нашата дискусија за некои од поважните актуелни црковни прашања. Јас ќе одговорам просто на некои од твоите доста сложени прашања, зашто мислам дека основните акутелни прашања се едноставни, иако многумина се принудени по заобиколен пат да дојдат до ваквиот заклучок.
За жал, широко распространета е една заблуда за Синодската Црква, која, верувам, и тебе ти предизвикува непотребни “проблеми”, а тоа е дека: Синодот, во голема мера, ја заснова својата дејност врз големи и мали канонски прашања. Иако работите стојат сосема спротивно од тоа: нашите хиерарси, знаејќи ги неправилностите на нашето време, не пречат на Синодот, за да не предизвикаат канонски указ или да осудат некој само на оваа основа. Дури и кон Митрополијата, својата слободна сестра, веќе 25 години се исклучително благи, па дури и сега не брзаат да ги применуваат каноните и казните што таа ги заслужува. Најверојатно Москва, по наредба на своите комунистички господари, се обидува да ги користи каноните за да го осуди Синодот, за да ги уништи оние неколкумина кои протестираат во СССР, и т.н. – ако има фарисеи во Православието денес, тоа се сигурно лидерите на Москва и никој друг, кои свесно ја уништуваат Црквата истовремено користејќи ги црковните закони за да го направат тоа.
Не, дејноста на Синодот се заснова врз една работа: верноста кон Православието, најпрво во духот, а потоа во секој можен канон. Спротивно на една широко распространета заблуда, Синодот никогаш не ја клеветел или осудил Советската Црква и не ја лишил од благодатта. Синодот многу пати истакна (главно на руски јазик, за да биде разбрано) дека пресудата на оваа црква и нејзините архиереи треба да се остави на идниот Серуски Собор во слободна Русија, и додека не дојде до таквов Собор, не може да се решаваат прашањата кои влијаат на цело руско Православие, како и било какви сеправославни прашања. И до тогаш, слободната Руска Црква не може и нема да биде вмешана во никакви контакти, преговори, дијалози, ниту ќе седне на иста маса со претставниците на Москва – не затоа што тие се неканонски (иако има многу неканонско во нивното однесување), но бидејќи тие соработуваат и им служат на најтврдокорните непријатели на Црквата Христова, кои се уште се борат против неа. Ако секој православен христијанин се управува според каноните да отстапи од епископ- еретик, уште пред тој официјално да биде осуден или обвинет за ерес, тогаш колку повеќе ние мора да отстапиме од оние кои се полоши (и понесреќни) од еретиците, затоа што тие отворено му служат на антихристот?
Но тука, веројатно, е суштината на прашањето и коренот на нашите разлики: нема сомнение дека Синодот, како една од Црквите, го гледа нашето време како апокалиптично (како што и Свети Павле и апостолите правеа во своето време), исто и Комунизмот го гледа, не само како уште една тиранија слична на муслиманскиот јарем, туку како радикално зло во директна служба на сатаната за уништување на Христовата црква и поробување на човештвото (сето ова може да се прочита во записите од комунистите и да се види во делата на комунизмот). Неколкумина од нив, кои се надвор од нашата црква, го делат ова мислење, но очигледно е “православното мислење“ денес (не на советската Црква – кое понекогаш е изразено само од неколкумина), во најмала рака меѓу светските православни водачи, кое гласи дека ова е само уште една од многуте слични кризи во историјата на Црквата. Но, навистина, може ли ограничувањата на муслиманскиот јарем (иако, тоа е точно, слободните делови од двете, и Српската и Грчката црква, едно време беа принудени да прекинат со црковните власти од внатрешноста на муслиманската територија и да формираат црковни организации, слични на денешната Руска Задгранична црква), или што некој руски епископ недолично извршил притисок на надворешната политика на Петар I и Катерина II, сериозно да се спореди со однесувањето на сосема очигледните и свесни непријатели на Христовата црква, кои ја држат нивната функција за волја на атеистите, со цел да ја дискредитираат и уништат Црквата? Дали си прочитатал некои од последните изјави на Борис Талантов, кој во рамките на СССР дојде до истиот заклучок во врска со Советската Црквата, кој го има и нашата Црква? – дека коренот на болеста е “сергијанството” (односно, конкордатот на Патријаршијата со советската влада) и дека нејзините лидери (никој не би помислил на осудување на обичното свештенство и верниците, ниту пак на храбрите епископи како Гермоген) свесно ја уништуваат Црквата? Митрополијата не може да застане на страната на Талантов, кога тој отворено вели дека Никодим ја предава Задграничната црква, зашто таа ја има добиено својата автокефалност токму како резултат на еден од овие акти на предавство! Митрополијата може да продолжи да зборува за “прогон” во СССР, но сега нејзините раце се врзани и не се осмелува да погледне со апсолутна отвореност кон ситуација на црквата во СССР, поради страв да се компромитира самата себе, така што би се изразил и надвладеал радикално негативвниот став за Патријаршијата. И што ќе се случи, ако во иднина (како што некои официјални лица на комунизмот изјавија дека конечно ќе се случи) советската влада одлучи конечно да ја ликвидира Патријаршија, велејќи дека таа не е дури ни валидна црковна организација, но постои само за да се исполни волјата на атеизмот, и дека дури некои епископи (сосема можно!) беа непосветени?! Сепак, овој вториот момент е шпекулација, но мислам дека Митрополија има доволна причина да биде загрижена околу ситуацијата на Црквата во Русија, и дека автокефалноста нема да им ја смири совеста на сите.
Ако сакаат, светските православни “лидери” може да јa осудат Синодската Црква (како што прави отец Шмеман) за “апокалиптична неплодност”, но духовните плодови и примери кои Бог им ги даде на Задгранична Црква, признати од страна на многумина кои се надвор од нашата Црква, се чини дека се силни сведоштва против таквата површна осуда.
Но, разговорот за “духовноста”, нè враќа кон отец Флоровскиј и “Катарството”. Се разбира, овие очигледни духовни плодови не се критериум или доказ за исправноста на Синодот, туку резултат на тоа. Но, кога отец Флоровскиј се повикува на “духовноста” од православниот човек се распливнува: за каква “духовност” може да се зборува и да се применува од тие фанатички и повеќето анти-христијански секташи? Навистина, постои хинду “духовност” – и знам луѓе кои ја доживеале од прва рака, и која ја нарекоа несомнено сатанска, и постои еден вид на “духовност”, каква што имаат страсните секташи во многу видови – но тие немаат никаква врска со православието и никоја од нив не може да се нарече “христијанска” во никаква смисла, ниту во излишна смисла. Со оглед на тоа, духовните плодови на нашите православни столбови на Задграничната Црква се несомнено православни духовни плодови и сведочат за здрава православна основа и опкружување. И патем, Православната Црква се уште го смета Свети Исаак Сирин за православен светител, без оглед на тоа што Католичката школа (и оние православни академици, кои ги следат нив) го имаат присвоено за себе. (Јас сум сигурен дека дури и отец Флоровскиј се сомнева во тоа.)
Но, сето ова, сè уште не води до заклучокот, кој ти го изрази за нас (верувал или не, размислувавме за тоа) дека „Црквата во прогонство е единствената вистинска Православна Црква”. Не, нашата црква не го тврди ова, и најмногу што може да се каже, според мене, е дека Синодот речиси сам ја продолжува битката за Православието денес на главните фронтови (против екуменизмот-комунизмот-обновленството и т.н.). Јас повеќе би ја нарекол Синодската Црква, гласот на денешната православна совест; колку и да е отец Шмеман незадоволен од тоа и не го разбира фактот, сепак Митрополитот Филарет во неговото “Тажно Послание”, се обрати на светскиот епископат со молба, да не се приклучат кон Синодот, туку да се вратат во Православието. Синодот не ги “осуди” Атинагорците и Јакововците, туку само ги предупреди православните верници против нивната ерес и не-православие, а некои меѓу Грците ги послушаа каноните и заминаа од еретичките епископи пред да бидат осудени, за да се слободат од нивната ерес. Нашите синодски верници не се православни супермени; тие подлежат на истите влијанија кои на големо го уништуваат Православието денес, и всушност во моето набљудување на дел од нашите парохии, се разбира, зачувувањето на Православието во нив се должи повеќе на нивната неодамнешна имиграција, но следните генерации по нив ќе бидат исто така во неволја. Сепак, нивните архиереи се борат за нив, и нема да ги водат кон отпадништво.
Во целост, крајно, Синодот не се спротивставува против православниот свет, тој ја води борбата за нив, и е должен да осудува ерес и отпадништво, каде што тие ќе се појават. Од практична гледна точка, јас сесрдно се согласувам со оние како отец Пантелејмон и отец Никита (и моментално, сè повеќе и повеќе луѓе во Грција) кои ги благословуваат нивните луѓе во Америка да одат во црквите под Синодот и никаде на други места, зашто Синодот во пракса го зачувал Православието, и надворешно и внатрешно, подобро отколку другите јурисдикции, кои пред да се свестат, ќе станат унијати. Одговорот сега зависи од останатите Цркви и надлежните во нив. Ако тие ја следат Москва и го отсечат Синодот целосно од “светот на православието”, како неканонски, расколнички, секташки, и т.н, тогаш јас не знам што воопшто мислат со тоа, бидејќи Синодот остана верен на Православието и принесува духовни плодови кои го докажуваат тоа, додека другите се менуваат и се откажуваат – од тој момент, оние кои го следат Синодот остануваат како Православна Црква, а другите се надвор од Црквата. Имало времиња во историјата на Црквата кога неколку архиереи или монаси ја претставувале целата Црква; тоа е разбирливо и во наше време, при што еден дел од локалната црква би можела да ја претставува целата Црква. Нивното Православие, навистина, го оправдува интегритетот на целата Црква, но, сепак, во таква ситуација, оние кои не се во сојуз со нив, се надвор и од Црквата. Овој резултат нема да биде наше дело, туку ќе биде дело на оние кои ќе нè отфрлат, а со тоа и Православието ќе го оддалечат од себе. Јас се уште не ја гледам ситуацијата толку радикално, но се чини дека оди во оваа насока. Митрополитот Иринеј ги повикува на мир оние кои не сакаат да се приклучат на Митрополија сега, туку сакаат да останат во нивната матична црква. Што да биде тогаш со нас, кои не сме со Мајката Црква? Мислам дека, за жал, уште една од непишаните придобивки кои Москва ги добива од автокефалноста е дека Митрополијата, како што укажуваат извесни статии на отците Шмеман и Маендорф, ќе биде принудена да започне војна против Синодот, иако немаат причина, само за да ја задушат својата совест.
Неколку мали поенти: “автокефалност”, како “независност” е, мислам, соодветно критикувано во нашето издание на „Православно Слово“ од јануари-февруари: ако средствата се сомнителни, крајот може да биде само илузорен. И ако Москва доби некаков престиж, и т.н, тогаш, во најмала рака може да се каже, дека Митрополија има гнила “независност”. И ако сега епископот Теодосиј оди во Москва, тоа ќе биде тежок удар за верниците во Русија, кои ќе откријат дека сопствените предавници ја измамија дури и Америка. Дали Митрополијата навистина сака да ги доведе руските верници во апсолутна безнадежност?
Што се однесува до српската црква: ако Синодските архиереи навистина беа фарисеи или барем “канонски”, тие не ќе сослужуваа со српските владици, кои за возврат сослужуваат со Советските; но всушност, состојбата на секоја Црква со железна завеса се гледа одделно, и Српската црква е единствената која Синодот не ја смета за доминирана од комунистите и со која може да има сослужување. Верувам дека Српската црква беше и единствената што ја прифати нашата канонизација на Свети Јован Кронштадски. Можеби ситуацијата беше абнормална, но јас не би ја нарекол недоследна.
Другата “недоследност” за која отец Маендорф нè обвинува нас, ја објаснува отец Георгиј Граббе во својот одговор на нападот на отец Маендорф, каде што објаснува и други главни неточности и грешки. Отец Никита веројатно ќе го испечати ова наскоро. Сè уште се надеваме да дадеме свој одговор, покренувајќи различни прашања.
Последна забелешка: напиша дека “автокефалноста е прифатена од рацете на некои, кои можеби веќе го компромитирале епископатот, но сепак, канонски земено, ниеден Собор не го потврди тој компромис, што е неопходно, пред да се прифати како дефинитивен факт.” Но, ако мора да чекате толку долго, вие никогаш нема да постапите во православен дух! И што ако Соборот излезе да биде “Разбојнички Собор” – тогаш ќе мора да чекате уште педесет или сто години за да дознаете кој Собор е признаен за правилен од Црквата? Не, Светиот Дух ја води моментално Црквата и сечија совест мора да се устрои така, за да го прими Неговото раководство. Руската Задгранична Црква, јас би рекол, доби пророчки повик за Православието во денешно време; само нека слуша Црквата, и нека дејствува соодветно!
Нека отец Герман се моли за сите нас и за наше просветление!
Со љубов во Христа, нашиот Спасител.
Превод: Елена Богдановска