Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 38-мо

21 април / 4 мај 1970 година

Понеделникот од Томина недела

Драг отец во Христа, Михаил Азкул

Христос воскресна! Благослови нè, оче!

Веројатно поминаа две години, ако не и повеќе, откако ни пиша и ни достави ракопис за издавање. Почетокот на долгото писмо кое што започнав да ти го пишувам, во тоа време, лежи закопано некаде, заедно со твојот ракопис меѓу нашите сè уште неотпакувани работи. Молам за прошка за ваквата небрежност. Нè има само двајца кои ја извршуваме целата работа во нашата мала “заедница”, така што, некои работи едноставно не успеваме да ги завршиме, и иако нашето ново место на живеење е надвор од метежот на градот и ни овозможува повеќе да се сосредоточиме на работите, ние сè уште во сите работи заостануваме.

Во последните неколку години, со интерес ги имаме прочитано некои од твоите статии во „Логосот“ и во други изданија. Особено бевме задоволни да видиме некој, кој не е вовлечен во ситуацијата со Руската Црква, како пишува со такво сочувство и разбирање за Руската Задгранична Црква, и се восхитувавме, исто така, на твоето јасно разбирање на принципите кои се значителни во денешната битка на Православието со отпадништвото.

Како што се сеќавам, статијата која ја доставивте до нас, ние ја сметавме за прилично општа, за наша употреба, зашто ние се обидуваме да се сосредоточиме на практичните прашања, како и на основните православни извори. Ако сè уште сакаш да соработуваш со нас, сепак, постои уште еден вид на статија која може да ја искористиме.

Со изданието на „Православно слово“ за март-април,  ние почнуваме  со повремена серија на статии за “обновеното православие”, во кои се надеваме дека ќе ги посочиме некои од водечките струи и личности кои се обидуваат да го одведат православието надвор од вистинскиот и тесен традиционален пат, во позиција во која што, иако не секогаш може да се препознае како ерес, сепак не претставува повеќе Православие. Во првата статија, напишана од  водечкиот руски теолог, отец Михаил Помазанскиј, се разобличува протестантизмот во “Литургиското богословие” од отец А. Шмеман. Ние, се надеваме подоцна да напишеме статија за деликатниот “езотеричен хилијазам” на Арх. Јован Шаховској. На една друга тема, мислевме дека ќе бидеш во можност ти да напишеш статија: богословско-философската основа, претпоставки, значења, итн., за дејствувањето и зборовите на Атинагора, Јаков, и др. Тука се крие барем една ерес која може да се препознае, која што Јаков неодамна ја изрази со зборовите: “сите христијански вероисповести го сочинуваат Телото Христово”; но се чини дека тука има замешано многу повеќе. Атинагора изгледа дека е хилијаст, зборувајќи за “Третото доба на Светиот Дух,” гледајќи визии на “заедничкиот пехар”, итн.

Нивната “реформаторска” ревност се чини дека ги води кон изобличување на сè што е православно и традиционално, додека се поклонуваат на најевтиниот вид на атеистички хуманизам. (Види кај отец Патринакос во последниот број на „Православен набљудувач“ – тој дури кажува дека ние повеќе не треба да се молиме за добро време, затоа што човекот сега го “контролира” времето! Можам да ти испратам копии доколку ги немаш) и т.н, и т.н.

Што стои зад сето ова? Каде води сето ова? Кои се  основните богословско-философски принципи? На кратко, она што би сакале да го видиме е документирано изложување на суштината на атинагорскиот-јаковизам, (од гледиште на Црквата и философијата), така што неговата болест ќе биде покажана и се надевам исфрлена од Црквата.

Ние би сакале да дознаеме што мислиш за сето ова. Благослови нè и помоли се за нас.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј Роуз.

 

Превод: Елена Богдановска