Кога оние, кои се осмелиле да зборуваат против Пресвета Дева Марија се повлекле, направени се обиди да се уништи нејзиното почитување како Мајка Божја.
Во 5 век цариградскиот архиепископ Несториј почнал да го исповеда учењето дека Марија го родила само човекот Исус во кого се вселило Божеството и престојувало како во храм. Најпрвин му дозволил на својот презвитер Атанасиј, а потоа и сам почнал да учи во Црквата дека Марија не треба да се нарекува „Богородица“, бидејќи таа не родила Богочовек. Сметал дека било понижување да се „поклонува на дете завиено во пелени кое лежи во јасли“.
Таквите проповеди предизвикале сеопшто вознемирување и ревнување за чистотата на верата, прво во Цариград, а потоа и секаде каде што новото учење се ширело. Свети Прокло, ученик на свети Јован Златоуст, кој тогаш бил владика Кизички, а подоцна архиепископ Цариградски, во Несториева присутност одржал проповед во Црквата, во која го исповедал Синот Божји роден во тело од Дева, вистинска Богородица, бидејќи во утробата на Пречистата, за време на зачнувањето Божеството се соединило со Младенецот зачнат од Светиот Дух, иако е роден од Дева Марија по човечка природа, роден како вистински Бог и вистински човек.
Несториј категорично одбивал да го промени своето учење и велел дека мора да се прави разлика помеѓу Исус и Синот Божји, дека Марија не може да биде наречена Богородица туку Христородица на Месијата, помазаникот, сличен на раните помазаници, пророци, трансцедентирајќи ги во потполна заедница со Бога. Несториевото учење го негирало целиот домострој на спасението, бидејќи ако Марија родила само човек, тогаш Бог не страдал за нас туку само човек.
Свети Кирил, архиепископ Александриски, дознавајќи за Несториевото учење и за немирите кои ги предизвикало во Цариград, му напишал писмо на Несториј, обидувајќи се да го убеди да се држи до изворното учење на Црквата и да не воведува новини. Покрај тоа, свети Кирил го советувал и клирот и народот цврсто да се држи до верата православна и да не се плаши од прогонот на Несториј, ако не се сложуваат со него. Свети Кирил за сето ова го известил во Рим, св. Папа Целестин, кој со народот стоел цврсто во Православието. Свети Целестин му напишал на Несториј и го повикал да ја исповеда православната вера, а не својата сопствена. Но, Несториј останал глув на сите убедувања и одговорил дека она што тој го проповеда било православната вера, а дека нејзините противници, се еретици. Свети Кирил повторно му напишал на Несториј и составил дванаесет анатемизми т.е., во дванаесет точки ги изложил главните разлики помеѓу православното учење и Несториевото учење, сметајќи го одлачен од Црквата секој кој одбивал макар и една од овие точки.
Несториј целосно го отфрлил текстот и го изложил своето учење исто така во дванаесет точки, анатемисувајќи го секој кој не ги прифаќа. Опасноста дека ќе се загрози чистотата на верата била сè поголема. Свети Кирил му пишал на Теодосиј Младиот, кој тогаш владел, неговата жена Евдокија и царевата сестра Пулхерија, молејќи ги да се погрижат за црковните проблеми и да ја запрат ереста.
Одлучено било да се свика Вселенски Собор, на кој јерарсите, собрани од крајот на вселената, ќе кажат дали верата која ја проповеда Несториј е православна. За место на Соборот е избран градот Ефес, во кој Пресвета Дева Марија живеела со апостол Јован Богослов.
Свети Кирил ги собрал египетските епископи и со нив отпловил во Ефес. Од Антиохија од копно тргнал Јован, архиепископот Антиохиски, со источните епископи. Свети Целестин не можел да дојде, но го замолил св. Кирил да ја штити православната вера и испратил двајца епископи и презвитерот римски Филип, давајќи им упатства, што треба да зборуваат. Во Ефес дошол и Несториј, епископ на цариградската област, и епископи од Палестина, Мала Азија и Кипар.
Од 10 јуни до 22 јули 431., во ефеската Црква на Дева Марија, се собрале епископите предводени од епископот александриски Кирил и епископот ефески Мемнон. На средината било поставено Евангелие како знак дека самиот Христос невидливо раководи со Соборот. Најпрвин бил прочитан Символот на Верата, кој е составен на Првиот и Вториот Вселенски Собор, а потоа била прочитана грамота која царевите Теодосиј и Валентин, цареви на источниот и западниот дел на царштината, ја испратиле на Соборот. Кога грамотата ја слушнале, почнале со читање на документи и прочитана е посланицата на Кирил и Целестин, како и Несториевиот одговор. Соборот го осудил Несториевото учење како нечесно и тој бил лишен од свештеничкиот чин и му била одземена катедрата. Во врска со тоа, направен е запис кој го потпишале 160 учесници на Соборот, а бидејќи некои од нив ги претставувале епископите кои биле спречени лично да присуствуваат на Соборот, одлуката ја донеле повеќе од 200 епископи од разни краеви на тогашната Црква и докажале дека ја исповедаат верата која во нивните места се исповедала уште од старини. Така, одлуката на Соборот била гласот на Вселенската Црква, која јасно ја изразувала верата во Христа, роден од Дева, Вистински Бог, Кој станал човек; а бидејќи Марија родила совршен човек Кој во исто време е совршен Бог, Таа со право се почитува како Богородица.
На крајот од сесијата одлуката била веднаш соопштена на собраниот народ. Цел Ефес се израдувал кога слушнал дека почитувањето кон Пречистата Дева е одбрането, бидејќи во тој град, Таа многу се почитувала зашто живеела во него за време на земниот живот и станала негова заштитничка после преселувањето во вечниот живот. Огромен народ ги воскликнуваше кон Отците кога вечерта се враќале во домовите. Ги следеле со запалени свеќи и факели, а мирисот на темјанот се ширел од кадилницата. Секаде се слушала голема радост, слава на Богородица и пофалба на Отците кои го одбранија Нејзиното име од еретиците. Одлуката на Соборот била раширена низ Ефеските улици.
Соборот имал уште пет заседанија, на 10, 11 јуни, 16, 17, 22 јули и 31 август. На заседанијата се изложени, во шест канони, мерките кои ќе бидат преземени против оние кои ќе се осудат да го шират Несториевото учење и да ја менуваат одлуката на Ефескиот Собор.
На жалбата на кипарските епископи против тенденциите на епископите од Антиохија, Соборот одлучил Кипарската Црква да ја задржи својата независност во црковната власт, која ја имала од апостолските времиња, и воопшто никој од епископите да не си потчинува области кои претходно биле независни од него, „за да не се погордее земската власт поради изговорот свештенички и наскоро да не би ја изгубиле слободата која Господ Исус Христос, Ослободителот на сите луѓе, ја дарува со Својата крв“.
Соборот ја потврдил осудата на пелагијанските ереси, која учела дека човек може да се спаси со сопствени сили без помош од благодадта Божја. Исто така, решени се некои прашања за црковната власт и се испратиле посланици на епископите кои не присуствувале на Соборот, соопштувајќи им ги одлуките и повикувајќи ги да ја чуваат верата православна и мирот во Црквата.
Во исто време, Соборот потврдил дека учењето на Православната Вселенска Црква потполно и јасно е изложено во Никео-Цариградскиот символ на Верата. Поради тоа не е составен друг Символ на Вера и забранил да се составува друг символ и измена на Символот, утврден на Вториот Вселенски Собор. Оваа последна одлука била прекршена неколку векови подоцна од западните христијани, прво во некои области, а подоцна од целата Римска Црква, кога во Символот било внесено дека Светиот Дух излегува „и од Синот“, додаток кој од 11 век го одобрувале римските папи, иако Нивните претходници, почнувајќи од Св. Целестин, цврсто се држеле до одлуката на Соборот во Ефес, Третиот Вселенски Собор, и ги исполнувале.
Така, мирот нарушен од Несториј, се вратил во Црквата. Вистинската вера е заштитена, а лажното учење осудено.
Ефескиот собор со право се почитува како Вселенски, исто како и Соборот во Никеја и Цариград. Присутни биле претставници од целата Црква. Неговите одлуки биле прифатени од целата Црква „од едниот крај на вселената до другиот“. На него било исповедано учењето кое во Црквата е чувано од апостолски времиња. Соборот не создавал нови учења, туку гласно ја посведочил вистината која настојувале да ја заменат со измислици. Тој прецизно го изложил исповедањето на Божеството Христово кој е роден од Дева. Верувањето на Црквата и нејзиното расудување по тие прашања сега било јасно изложено и не можело на Црквата да ѝ се припишува своето лажно сфаќање. Подоцна ќе се појават други прашања, кои ќе бараат одлуки од целата Црква, но не прашањата: дали Исус Христос бил Бог.
Наредните собори ги засновале своите решенија врз основа на одлуките на претходните Собори. Тие не составувале нов Символ на Вера, туку само давале објаснување на постоечкиот. На Третиот Вселенски Собор непоколебливо и јасно е исповедано учењето на Црквата за Мајката Божја. Претходно, Светите Отци ги осудувале оние кои сакале да го осквернат девствениот живот на Дева Марија, а сега на оние кои се обидувале да ја намалат Нејзината чест им е речено: „Кој не исповеда дека Емануил е вистински Бог и дека заради тоа е Светата Дева Богородица, бидејќи во тело го родила Бог – Словото Кој е едносуштен со Бог Отецот и кој постанал тело – нека е анатема. (Свети Кирил Ерусалимски).
Свети Јован Шангајски
Претходно: Намерата на евреите и еретиците да ја обесчестат Приснодевственоста на Марија
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог
Извор: http://www.verujem.org