Недела на Сите Светители – Архиерејска Литургија во Буково

На 11.06.2017 г., во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Свети Димитриј, с. Буково, Битола.

На Литургијата,  во ѓаконски чин Владиката го ракоположи дипломираниот теолог Игор Велјановски. 

Бог да му подари мудрост и ревност, добродетелно да ја исполнува неговата служба и Нему да Му принесува слава, на многаја и благаја лета.

Синаксар во недела на Сите Свети.
Стихови:

Ги воспевам пријателите на мојот Господ;
Та, ако некој сака, да се придружи на нивниот голем број.

Во тој ден, Недела по Педесетница, го славиме споменот на Сите Свети кои живееле по целиот свет, во Азија, во Африка, во Европа, на север и на југ.
Светите Отци озакониле овој Празник да го славиме по слегувањето на Светиот Дух, за да покажат, на некој начин, дека Неговото доаѓање се случило преку апостолите, осветувајќи ги и учејќи ги оние што ја носат нашата природа, за да ги усоврши оние што отпаднале од ангелскиот чин, да им го врати нивното поранешно достоинство и да ги доближи до Бога преку Христа: едните преку нивното мачеништво и крв, а другите преку добродетелен живот и поведение. И, Он го извршува она што ја надминува нашата природа. Духот слегува во вид на оган чија природна особина е да се издигнува; и нашиот прав се издигнува угоре, иако природно се стреми кон удолу. Затоа и нашиот земјен состав, нашето тело, примено и обожено од Бога Словото, Кое се вознесе и седи од десната страна на славата на Отецот, сега ги привлекува сите оние што го сакаат тоа, според ветувањето на Словото Божјо, покажувајќи ни ги плодовите на помирувањето. Која е најпосакуваната цел на Неговото доаѓање при нас во тело, и на целиот Негов план на спасението, освен ако не е тоа што некогаш изгонетите ги приведе во единство и пријателство со Бога? Тоа што од незнабошците, кои не Го познаваа вистинскиот Бог, направи избран народ кој како првини Му ги принесува на Бога оние што посебно Му благоугодиле! Тоа е една од причините поради кои го славиме овој Празник на Сите Свети.
Бтората причина е поради тоа што мнозина од оние што Му угодиле на Бога со нивните врвни добродетели, останале непознати за луѓето и покрај тоа што, можеби, тие примиле голема слава од Бога. Или поради тоа што мнозина од нив живееле според Христа, во Индија, во Египет, во Месопотамија, во Фригија, или над Евксиното Море, или по целиот Запад, дури до Британските острови, или просто речено: на Исток и на Запад, и дека не беше лесно, поради нивниот голем број, да им се оддаде почит како што доликува, како што тоа го практикува Црквата. Значи, со цел да се добие помошта на Сите Свети, било каде на земјата да му угодиле на Бога, како и заради светите што ќе дојдат во иднина, Светите Отци решиле да го слават овој Празник на Сите Свети, за да им се оддаде достојната почит, од првите до последните, познати или непознати, на сите оние во кои што се вселил Светиот Дух.
Третата причина е тоа што требаше во еден ден да се соберат Сите Свети што ги славиме поединечно секој ден во годината, за да се покаже дека сите тие се подвизавале заради единствениот Христос, дека сите тие го минале истиот подвиг на добродетелта, дека сите тие достојно се овенчани како слуги на единствениот Бог, дека ја составиле Црквата и го исполниле горниот свет; дека не повикуваат и нас да го минеме истиот подвиг, на разни начини, заради кого секој добива сили да се стреми од срце.
На Сите овие Свети од памтивек, мудриот и славен цар Лав им изградил голем и преубав храм во Цариград, близу до храмот на Светите Апостоли. Најнапред, како што се вели, тој имал намера да го изгради во чест на неговата прва жена Теофана, која Му угодила на Бога, и покрај противењето на некои луѓе во царството. Кога својата намера и ја соопштил на Црквата, тој не ја добил согласноста од неа, ниту подготвеноста да го дели мислењето со него, приговарајќи му дека онаа што до неодамна била корумпирана од царскиот луксуз и уживања, не е можно толку бргу да биде почитувана дотаму во нејзина чест да биде изграден толку велелепен и убав храм, без да се остави на самото време да покаже како и колку таа Му благоугодила на Бога. Тогаш мудриот цар, во согласност со целата Црква, храмот им го посветил на Сите Свети од целата вселена, велејќи: Ако Теофана е света, тогаш нека им се придружи на Сите Свети.
Поради тоа, јас мислам дека оттогаш почнало уште повеќе да се слави овој Празник, иако тој постоел и од порано. Од таа причина тој е ставен на крајот од Триодот, како завршен Празник од серијата празници. Иако добриот ред, со којшто Црквата е основана, започнал многу порано, тој го достигнал своето совршенство постапно. Но во сегашнава форма овој ден е оформен совршено дури во времето на овој цар. Накратко речено, Триодот го содржи во себе, грижливо изложено, се она што Бог го извршил во наша полза: Падот на ѓаволот од небото, кој е првата причина и за престапот и падот на Адама, и неговото истерување од рајот; целото спасоносно дело на Словото Божјо во наша полза; нашето враќање на небесата преку Светиот Дух, и начинот на кој што ние повторно го исполнуваме редот, од кој што бевме отпаднале, и кој се познава преку Сите Свети.
Треба да го знаеме и тоа дека сега ги празнуваме сите оние што ги осветил Светиот Дух со благодатта. Сакам, всушност, да зборувам за врвни и осветителни умови на деветте ангелски чинови, на праотците и патријарсите, пророците и светите апостолите, мачениците и свештеноначалниците, свештеномачениците и преподобномачениците, преподобните и праведните, и сите хорови од свети жени, и сите други анонимни свети, како и Сите Свети во иднина! Пред сите, во сите и со сите, Светата над светите, која несразмерно ги надминува и ангелските чинови, нашата Владичица Богородица и Приснодева Марија.
По нејзините молитви, и по молитвите на Сите Свети од памтивек, Христе Боже, помилуј не и нас и спаси не, како единствен добар и Човекољубец.

P1430456 P1430474 P1430548 P1430597

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА