„Не можам да постам!“ – А си пробал?

Протоиереj Олег Стенjaев

Постот, пред сè,– е тоа, без кое што ние не можеме да ги совладаме силите на злото, за кои, како што е кажано „се изгонуваат само со молитва и пост“ (Мат. 17, 21). Постот ја зајакнува нашата молитва, и самиот по себе, како дејство, поврзано со нашето тело, ги ослабнува гревовните желби на телото. Затоа што на човекот му е тешко да води молитвен живот, и во исто време да не обраќа внимание на желбите на телото. Признавам, се случува следново: читаме молитва, а нашиот ум отишол на друго место, размислуваме за нешто друго, понекогаш дури и за нешто неприлично. И ние ја прекинуваме својата мисла, за да си спомниме, каква молитва читаме – кон Божјата Мајка или кон Христос?.. Го превртуваме и листот, за да погледнеме. Излегува, дека ние сме престанале да се молиме во одреден момент: грешните мечти преку раслабленото тело имале влијание врз нас. Постот ни помага да се справиме со тоа.

Постот – е најблагопријатното време за молитва. Душата е директно поврзана со телото, и ако телото не се контролира со постот, тогаш тоа е удар и по нашата душа. На душата и е потребен тренинг, зацврстување. Дури и телото физички ослабнува, ако не прави никакви вежби. Многу луѓе се занимаваат со спорт, одат во теретани, со цел да си ја одржуваат физичката сила на телото. Зошто така сериозно ние не се однесуваме кон својата душа?

Кога ние не вкусуваме мрсна храна, како да се враќаме во рајската состојба. Нашите прародители во рајот вкусувале само растителна храна.

Ограничувањата во храната се многу важни. Повторувам: важни, затоа што телото, кое е смирено со постот, не ни пречи да се посветиме на молитвата.

Постот – е благопријатен и за други тренинзи на телото: кога сопрузите заради поголемо посветување во молитвата се договараат, дека ќе се воздржуваат еден од друг. Невкусувањето на мрсна храна во постот многу помага во тоа.

reading

Читање на Светото Писмо – важна духовна подршка во постот

Многу важно за духовна подршка во постот е да се чита Светото Писмо. Јас се трудам за време на Божикниот пост целосно да го прочитам, а во Великиот пост – двапати: и Стариот и Новиот Завет. Разбирам, дека за луѓето кои работат, да ја прочитаат Библијата во текот на постот е многу сложно и тешко. Изберете некој дел од неа, например само Евангелијата, и читајте ги внимателно, а би било уште подобро доколку ги земете да ги читате и коментарите од светите отци на библиските книги. А следниот пат – за време на друг поголем пост – прочитајте ги и другите книги од Библијата, внимателно и со размислување. Постите ќе бидат за вас не само духовна вежба, но и време за духовна надобразба.

Исто така, треба да знаеме дека за секој ден Црквата има пропишано да се чита дневно Евангелие и дневен Апостол: во календарот е означено, за секој ден, кој дел од Новиот Завет ќе се чита. Тие укажувања не се само за свештенослужителите, туку и за мирјаните. Се препорачува, после утринските молитви да се чита дневното Евангелие и дневниот Апостол. Тоа се кратки извадоци, и е многу добро ако тие станат тема за размислување на верниците.

Зошто е важно со молитвата да се соедини и читањето на Божјото слово? Ако јас само се молам, тогаш таа молитва може да биде само  монолог и нема да биде високо издигната, но ако јас со молитвата го соединам и читањето на Божјото слово, тогаш излегува дека, преку молитвата јас го молам Господа, а преку словото Божјо добивам одговор.

За ублажувањето во постот                  

На кого му се ублажува постот? Од постот се ослободени бремените жени, доилките, затворениците и војниците. Исто така, постот се ублажува и на болните луѓе: за своето мени тие разговараат со својот доктор, а потоа од свештеникот земаат благослов.

Малите деца имаат голем број на олеснувања во постот – за тоа се говори и кај светите отци. Но важно е да се запомни: дека ублажувањето се однесува само на храната. Ако, на пример, некој – бремена жена, или војник – не го запазува телесниот пост, тогаш тој за себе треба да си избере друга форма на пост. На пример, да се откаже од посета на кино, од посета на спортски натпревари …

Што се однесува до децата… Ќе ви приложам еден пример од своето искуство. Еднаш, кај мене дојде едно дете од 6-7 години и ми рече: „Мене не ми дозволуваат да постам. Вие ми рековте, дека потребно е да најдам некоја своја форма на пост. Што ќе ме посоветувате?“ Јас му реков: „Откажи се од мастиките“. Го имавме забележано, дека тој цело време џвака мастика, и кога во храмот го опоменувавме, тој од устата ја вадеше мастиката и ја залепуваше зад увото, а потоа по некое време повторно почнуваше да ја џвака. Јас му предложив да се откажи од мастиките, и тој се откажа. За него тоа беше голема борба – да не џвака; беше очигледно, колку е тешко тоа за него. Јас дури ги замолив парохијаните да се молат за него. Детето се справи со тоа, тој всушност имаше вистински пост. Ние за него многу се израдувавме. Го прашуваа: „Тешко ли беше?“„Да, особено на почетокот, но потоа стана полесно, јас пиев вода“.

Ако некој не може да го пости постот според неговата строгост, тоа не значи, дека тој воопшто не треба да пости. Сегогаш постои нешто, во што можеме да се ограничиме себеси за духовно возрастување.

Имено постот секогаш ни навестува радост во храната: ако човекот цело време јаде месни и млечни продукти, тој целосно го губи вкусот за тие продукти, а ако за време на постот се откажува од тоа, а потоа, после завршетокот на постот, кога е дозволено да се јади мрсна храна, тој ќе може до ги оцени вкусовните квалитети на месото.

Во зимниот период организмот многу се заморува од тешката мрсна храна, затоа Божикниот пост и Великиот пост нè избавуваат од овој товар. И кога ние, во тоа време повеќе вкусуваме растителна храна – зеленчук и овошје, тогаш ни се подобрува сонот, а телото добива одмор. Отсуствува сонливоста за време на молитвата, бидејќи молитвата, соединета со изобилна храна, – е тешка молитва.

Изучувањето на Светото Писмо за време на постот е сосема поразлично: свеста многу полесно ги запомнува текстовите, фигуративно ги доживува, и не се случува заблудување на мислите за време на читањето.

Јас би им дал совет на луѓето, кои никогаш вистински не постеле: пробајте! Ако човек проба, тогаш тој опитно ќе влезе во светот на постот, односно ќе може да го оцени. Затоа не треба да го отфрламе она, за што немаме представа. Ти велиш: „Јас не можам“, – а си пробал? Можеби можеш?

Во принцип, ние имаме многу дебели луѓе, и на многумина би им било полезно да постат и во други денови, покрај посните. (Се насмевнува.) Зошто луѓето се подготвени да држат многу строги диети, каде храната практично е целосно забранета,  и при сето тоа, постот го избегнуваат. А само колку многу вкусна и полезна посна храна има.

Се случува следново: еден мој познаник за време на Великиот пост не постеше и наеднаш во Светлата седмица вели: „Јас решив да држам строга диета“. Го прашувам: „Зошто за време на постот не донесе такво решение?“ Одговара: „Не знам, се подготвував, не цело време нешто ме одвлекуваше“. Јас му објаснив, дека нејверојатно некој го одвлекува: злите духови, бесовите, кои се обидуваат на секаков начин да нè одвратат: во постот – јадеш, што сакаш; а во Светлата седмица, кога не се пости, – држиш строга диета.

Сакам да им дадам совет на тие, кои мислат, дека не можат да го издржат постот во текот на Светата Четириесетница: започнете да постите барем во среда и петок во текот на Божикниот пост. На таков начин пробајте што е тоа пост. А потоа, кога ќе влезете во чувството на таа леснотија – во молитвата, во читањето на Светото Писмо, – ќе почувствувате таква духовна радост, тивка, спокојна, што ќе посакате постот да го продолжите понатаму. Зошто да не се обидете? Постот – е вашата слободна волја. Обиди се! И ќе разбереш, какво богатство е тоа. Ќе почувствуваш, како тие огранучувања и молитвата, соединети со постот, принесуваат огромно обогатување на душата.

 

Превод: м-р Игор Ризановски

Извор: http://www.pravoslavie.ru/88645.html