Молитвата на митарот – Архимандрит Паулин (Лека)

Во 2014 година се исполнија 100 години од раѓањето на познатиот романски духовник архимандритот Павлин (Лека; 1914-1996). Тој беше религиозен мислител, научник, познавач на Светото Писмо, рускиот јазик и духовен писател. Ги превел на романски јазик книгите на архимандритот Софрониј (Сахаров) „Да се види Бог каков што Он е “, книгата на И.К. Смолич „Животот и учењето на старците“, книгата „Раскази на еден поклоник за својот духовен отец“ и други, а напишал и сопствени книги: „Од смртта кон животот“ (1996), „Што е тоа смрт“ (1997), „Божествената убавина во делата на Достоевски“ (1998) – но најдлабоката студија во творештвото на Феодор Михајлович во романското богословие е „Молитвата на митарот“ (1998). Ви принесуваме скратен фрагмент од последната книга на архимандритот Паулин.

Господи Исусе, се сеќавам. Бев осамен. Отфрлен од сите. Лежев скршен на дното од длабоката бездна. Наоколу – смртна тишина. Немаше никој да ми помогне. Целиот ранет, со скршени коски, само понекогаш тивко залипував. Јас имав само една желба, една жед – да излезам од оваа бездна.  Но ништо не можев, освен да го подигнам малиот прст, како знак за тоа, дека не се согласувам со оваа состојба во која се наоѓам, и би бил среќен, ако би се нашол некој, кој би ме извлекол од оваа темнина и безизлезност, во која паднав.

Горе, високо – високо, видов мало парче сино небо. Ах, колку копнеев по светот непорочен, чист, кристален, во кој би немало ништо од таа нечистотија, црви и смрдеа, во кои што јас тонев. Посакував голтка чист воздух, бидејќи чувствував дака се задушувам без него, горам.

Но Ти, возљубен Пастиру, Кој секогаш излегуваш во потрага по залутните овци, го слушна мојот плач, го виде подигнатиот мој најмал прст, дознавајќи ја мојата желба да излезам од оваа горчлива и мизерна состојба, во која бев. И истиот миг, јас слушнав над главата некакви звуци. Сувото дрво крцкаше, камења се тркалаа, лисјата шушкаа. Некој брзо одеше. И јас ги претчувствував и претвкусував радосните солзи.

А кога јас ја свртив главата, кого го видов? Тоа беше Ти, сладки Исусе! Низ солзи, те видов Тебе, во сиот Твој раст. Ти беше висок, како Крстот, на кој беше распнат! Главата, наведната, како под тежок товар, беше крвава и крунисана со трње. Од рацете и нозете, прободени со клинци, течеа крвави траги. Но Ти, Исусе, не обраќаше внимание на Своите страдања, Ти не гледаше не Своите рани, Ти гледаше право во мене. Од Твоите добри очи течеа тажни солзи за таа несреќна состојба, во која се наоѓав.

И, Господи Боже, колку прекрасен беше Ти со мене! Со каква љубов се грижеше за мене! Со каква нежност, со каква деликатност, со каква внимателност ги преврза моите рани и излеа на нив елеј и вино!  Колку добар беше Ти со мене! На целата земја нема мајка, која би можела да ме утеши така, како што ме утеши Ти мене!

Ти клекна на колена покрај мојата душа, скршена и растргната на парчиња од гревот, и почна да ми говориш, дека мојот сон за синото небо ќе се оствари. Ете таму, горе, постои друг свет, илјада пати поубав, почист и посреќен! Таму е пеењето на крилестите ангели, таму има птици, цвеќиња, пеперутки, какви што нема на земјата. Таму е вечна пролет и вечна среќа.

Ми ги избриша солзите и крвта, ми го врати здравјето. Ти ме извлече од бездната, од калта, кажувајќи ми, повеќе да не грешам, за да не ме снајде полошо. И, ми го покажа Патот, Вистината и Животот, оставајќи ме да го носам својот крст до крајот на мојот земен живот.

Ти ме остави, но не ме отфрли: јас го чувствував Твоето присуство во секој чекор. Секогаш, кога одев во снежна бура и невреме, секогаш, кога им зборував за Твојата Жртва на малите и големите, секогаш, кога се нурнував во топлите мигови на молитвата, јас гледав со своите очи, полни со солзи, дека Ти си заедно со мене, чувствував, дека ме водиш за рака. Како Свое чедо, дека Ти страдаш со мене, трпиш со мене, плачеш заедно со мене.

Но Твојата милост кон мене не се ограничува со тоа. Јас, како одговор на тие Твои исклучителни благослови денес – за жал! – повторно заборавив на Тебе, повторно Те оставив Тебе. Те оставив распнат на Крстот,  а самиот се вратив кон суетните идоли. Го заборавив своето страдање во египетската јама, ја заборавив Твојата љубов, ја заборавив Божествената сила, со која ме изведе од Црното море и од бескрајната пустина. А што е уште полошо, ги засакав повеќе котлите со месо од маната небесна и водата, која течеше од карпа. И како резултат на тоа, повторно сега лежам во бездната Вавилонска –  скршена, раскината на парчиња, без никаква сила.

Тука, далеку од домот на Небесниот отец, далеку од Сион јас долго време пасев свињи во туѓа земја.  Мојата харфа и сега виси на врбите, но јас не можам повеќе да пеам, бидејќи се наоѓам во земјата на гревот. Гревот повторно изгради преграден ѕид, така што ниеден зрак од Твојата љубов, ни една солза утешителна повеќе не можат да дојдат до мене. Моето срце е скаменето, а очите суви, како трева.

И јас повторно чувствувам, дека се задушувам, повторно копнеам по синото небо, повторно Тебе те повикувам: слези уште еднаш, Исусе, за овците, кои повторно се изгубени. Не оставај ме сам и отфрлен, бидејќи сега, како никогаш до сега, имам потреба од Тебе.

Да, Исусе, јас имам потреба само од Тебе, бидејќи само Тебе Tи е дадена власт на земјата и на небото. Јас имам потреба само од Тебе, бидејќи само Ти, Исусе слатки, си ја покажал својата бескрајна љубов кон мене, пролeвајќи ја Крвта Своја до последна капка за моето спасение.

Јас имам потреба само од Тебе, бидејќи само Твојата семоќност може да ме избави од новата бездна, во која јас паднав, и само Твојата неспоредлива љубов може да се приближи до таков беден и лукав, како јас. Отфрлен од сите, како и во првиот случај, мене ми се чини, дека во таа состојба, во која сум сега, Твојата Мајка повеќе не е моја Мајка, бидејќи Таа е невина, а јас сум виновен за смрт. Таа е прекрасна како крин и љубезна, а јас како куче смрдлив и одвратен.

Секој ден и секој час пред мојот невидлив враг и луѓето, јас се одрекувам од Твоето име и Твојата љубов – но која е разликата, Господи, меѓу одрекувањето на Петар и моето одрекување? Возљубениот апостол се каел и горко плачел целиот живот. Dоволно му било нему да го чуе пеењето на петелот и да си спомнe за своето одрекување. Од толку солзи на неговото лице се формирале две бразди, по кои постојано течеле неговите покајни солзи, а при крајот на својот живот, се казнил себеси како никој друг, замолувајќи ги џелaтите да го распнат него, со главата надолу. А јас, после секое одрекување безумно се смеам за радост на непријателот и бегам од својот крст, за да не пострадам барем малку на земјата.

Секој ден и секој час јас те гонам Тебе, Исусе, или директно со своите лоши помисли, зборови и дела, или преку мојот ближен, кој го убивам со јазик, гнев и омраза, мислејќи, дека му служам на Бога. Каде е моето обраќање на патот за Дамаск? Каде во мене е покајанието на Павле, кој се сметал за недостоен и најмал од апостолите, он, поранешното светило на апостолите? Каде е мојата ревност и огнена љубов кон Тебе, Исусе, и кон браќата? Како што гледаш и како што знаеш, нема во мене ништо од тоа. Напротив, јас секогаш Tе прогонувам и секогаш се гордеам, сметајќи се себеси за подобар од другите и мислам, дека имам право да симнувам оган од небото и да ги казнувам грешниците.

Секој ден и секој час, Те предавам, Исусе, како Јуда. Мојот грозен целив постојано го осквернува Твојот Пречист и Пречесен Евхаристиски образ. Јас Те предавам и од страв, и за пари, и за да им се одмаздам на другите, и за кашата од сите телесни похоти и страсти на душата. Ти, Жениху Небесен, доаѓаш, за да се венчаш со мојата душа, како со невеста, а јас те предавам Тебе право во лице и пред Твоите очи, дури и како што најблудната жена на светот не го предава својот маж, – прекрасно знаејќи, дека со тоа повторно ја распнувам Твојата љубов за радост на ѓаволот. Тебе те предавам, и кога го издавам мојот ближен, бидејќи тоа, што го правам на Твоите помали браќа, Тебе ти го правам.

И веднаш штом ќе помислам, дека несреќниот Јуда  сепак, се покајал за својот грев! Ги фрли сите пари, за кои Те предаде на непријателите! Тој посведочи пред целиот синендрион, дека предал невина крв. А што е уште поужасно, се осуди себеси со најтешка казна, која ја избра духот на ѓаволот и неговата очајна душа, лишувајќи се себеси –  бидејќи се обеси – и од овдешните радости, и од тамошното вечно блаженство!

О Господи Исусе, прости ми мене – на Јуда, кој Те предаде, но не се обеси. Јас Те предавам постојано, Исусе, но не сакам да го задушам во себе стариот човек со сите негови гревови. Не сакам да се откажам еднаш и засекогаш од мојот живот, заглавен во грешните задоволства на овој свет. Не сакам да ја умртвам мојата телесна похот, похотта на очите и гордоста на животот со мечот на молитвата, постот, бдението и смирението.

Прости ми, Господи, бидејќи несреќниот Твој апостол, – во својот црн очај – многу се засрами од своето дело, што засекогаш се оддалечи од Твоето Лице, тогаш како јас, бесрамниот, се осмелувам да се појавам пред твоето лице и тука, и на оној свет.

И овојпат, јас го знам патот, знам каде треба да излезам, каде да поминам, каде да стигнам. Јас дури сам сакав да се искачам со сопствени сили, фаќајќи се за некои гнили корени. Но корените се скинаа, и јас летнав и повторно паднав скршен. И сега ги воздигнувам своите бессилни раце и те повикувам Тебе, Исусе, со сета душа и со сето срце, со зборовите на раслабениот од Евангелието: дојди, Исусе, бидејќи немам човек, што ќе ме спушти во бањата со небесна Благодат. Дојди, Пастиру возљубен, и извлечи ме мене од оваа нова безизлезност, во која паднав.

Како што не се згнаси од пештерата со измет, во која се роди, и од лепрозните, кои ги исцели, така не гнаси се и од моите гнасни и одвратни гревови. Исусе, не оставај ме мене, бидејќи овојпат бездната е уште подлабока, а јас не можам веќе ни малиот прст да го подигнам, бидејќи само воздивнувам и плачам. Блудниот син имаше сила да се врати со своите нозе, изгубените овци имаа сила да те повикаат Тебе со својот глас, а јас, бессилниот и безгласниот, како изгубената драхма, не можам да бидам најден, освен со светлината на Твојата љубов, која ги гледа во сите векови скриените осамени воздишки, тивки солзи и скршени срца.

 

Архимандрит Паулин (Лекка)

Извор: http://www.pravoslavie.ru/76908.html

 

Превод: Игор Ризановски