МИСИОНЕРСКО – ЕВАНГЕЛИЗАТОРСКАТА ДЕЈНОСТ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

Во исполнување на Господовата заповед: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (Матеј 28,19-20), која Господ им ја предал на своите апостоли и во која го согледуваме автентичното значење на Црквата, во нејзиното исполнување, најмногу од сите апостоли се истакнал апостолот Павле, кој длабоко знаел дека мисионерењето се наоѓа во самата срж на Црквата, која без разлика на тоа во какви услови живее – таа мора постојано да мисионери. Таа мора да сведочи. Без мисионерство нема Црква, бидејќи Црквата го продолжува делото на спасението извршено од Господ Исус Христос, сведочено и објавено од апостолите, кои по Христовата заповед и откако им Го испратил Утешителот – Светиот Дух, особено за време на гонењата, се распрснале по целиот свет.

Мисионерско – евангелската дејност на светиот апостол Павле, односно на Црквата, е овозможена единствено преку слегувањето на Светиот Дух. Затоа, мисијата не почива врз човечките сили и не е мотивирана со земните интереси од овој свет. Ова јасно го потврдуваат Христовите зборови: „Кога, пак ќе ве поведат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух“ (Марко 13,11) и од Павловите зборови: „И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво, не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа – Распнатиот. И јас меѓу вас бев во немоќ, и страв, и во голем трепет. И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во појава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја“ (1. Кор. 2,1-5). Токму и затоа апостолот Павле, основата на постоењето на Црквата, т.е. Христовиот повик за мисионерење не го подразбира јуридички, како наредба на која надворешно се потчинува, туку неговата мисионерска активност извира од благодатниот динамизам и изобилието на живот, откриено како „благодат врз благодат“ (Јован 1,16), кој Црквата го добива во својот аскетско – литургиски живот, кој има суштинско значење за мисијата на Црквата, чиј мисионерски менталитет се формира и усвојува на Литургијата.[1]

Слободно можеме да кажеме дека мисионерството, кое е смисла и цел на христијанската историја,[2] – било смисла и цел и на животот на светиот апостол Павле, кој за да го зачува мисионерскиот стремеж и за да го сочува од маргинилизација, знаејќи дека Христос е Спасител на сиот свет и сите луѓе, јасно ја започнал својата мисионерско – евангелска проповед и мисија. Ревносно и пламено го проповедал Христа. Поради тоа се прави следната паралела или споредба: „Исус е Спасителот на светот, а Павле учител на светот“.[3] Голем дел од христијанските заедници ширум тогашниот свет, биле основани за време на трите мисионерски патувања на апостолот Павле, потпомаган од Варнава, Сила, Тимотеј, Тит и др. Голема сила добила младата Црква во новиот апостол. Тој успеал да ја развие и рашири христијанската проповед и вера и кај незнабошците, поради што е наречен „апостол на незнабошците“(Рим. 11,13). Со тоа го ослободил христијанството, кое било маргинализирано и ограничено во рамките на јудејството и му дал еден нов универзален карактер и правец.[4]

Предметот на Павловата проповед е идентичен и сличен со Христовата проповед, со она што го нагласил Спасителот на светот: „Кој поверува и се крсти ќе биде спасен; а кој не поверува ќе биде осуден“ (Марко 16,16); „И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно“ (Матеј 10,7). Сличноста на Христовата со Павловата проповед е во тоа што и светите апостоли своите зборови ги потврдувале често пати со чуда, но и се разликува, бидејќи поседувале личен карактер, особености и индивидуалности. Павле целосно се вложил себеси за сите да  ги просветли со светлината на Христовото Евангелие, тој за сите станал сè, како што и самиот вели: „За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1. Кор. 9,22). Го вложил сето свое интелектуално и духовно искуство за да може адекватно како оратор да се приближи до сите верни и неверни.[5]

Павловата проповед и мисија за разлика од проповедта на останатите апостоли, која започнала по слегувањето на Светиот Дух (види: Дела 2,14-40), почнала по неговото обраќање во христијанството, но иако последен и најмал, сепак тој најмногу допринел за проширувањето на Словото Божјо. Неговите три мисионерски патувања, поткрепени и продуховени со Божјата сила, кои дале големи плодови во основаните христијански заедници во Палестина, Сирија, Мала Азија, Македонија, Грција, Рим, каде што се развил богоугоден живот – не треба да ги разбираме само како проповедање на Евангелието, уште помалку како просто интелектуално пренесување на одредени доктрини, туку во најширока смисла како сведоштво за евангелскиот и светотаинскиот живот во Христа.[6]

Павловата мисионерско – евангелска дејност најдобро се определува и е поврзана со карактеристиките на Црквата. Таа е мисија за единство, соборност и светост. За апостолот на народите успехот или квалитетот на мисиите не се определува со бројот на преобратени, бидејќи за него квалитетот секогаш бил над квантитетот. Неговата дејност имала соборни и универзални димензии. За него сиот космос, секој јазик, култура, односно целиот свет и секоја човечка душа била мисионерско поле, достојно за евангелското семе и благодатната жива вода (види: Матеј 13,3-5; Јован 4,10).[7]  Целокупната негова дејност на нивата Господова можеме да ја созерцаме во зборовите на М. Напоткин, кој го нарекува: „апостол на сите краишта и апостол на целиот свет“.[8]

 

 

Петар М. Петковски,

дипломиран теолог

[1] Кирче Трајанов, Мисионерскиот карактер на Црквата, Православен пат (списание на Скопската православна епархија), бр. 35/36, Скопје 2014, 9, 12.

[2] Александар Шмеман, Православие и мисинерство, http://dveri.bg – пристапно на: http://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100789/catid,67/id,469/view,article/ (24.04.2016).

[3] Михајло Напотник, Apostol svijeta i učitelj naroda (Njegovo življenje i djelovanje), Zagreb 1908, 36.

[4] Михаил Поснов, История на Християнската църква, том I, Анубис 1993, 86.

[5] Э. Шиабель, Апостол Павел, богослов – миссионер и пастырь – богослов: к пониманию Павла, Веснник ИСТТУ, 2013, 7-33 – http://cyberleninka.ru  пристапно на: http://cyberleninka.ru/article/n/apostol-pavel-bogoslov-missioner-i-pastyr-bogoslov-k-ponimaniyu-pavla (26.04.2016), 27.

[6] Кирче Трајанов, цит. дело, 8.

[7] Исто,  9, 12

[8] Михајло Напотник, Apostol svijeta i učitelj naroda (Njegovo življenje i djelovanje), Zagreb 1908, 36; 40.