МАНАСТИРСКИ ВОДИ – Првата стихозбирка од Слепченскиот манастир

Излезе од печат првата стихозбирка, богољубива поезија со наслов „ Манастирски води „ од сестринството на манастирот Свети Јован Крстител Слепче, посветена „На жедните… “

Рецензент на оваа книга е проф. д-р Владимир Мартиновски од катедрата за книжевсност при филолошкиот факултет. 

Во продолжение ја приложуваме целосната рецензија на книгата:

 

ПОЕЗИЈА КАКО СООЧУВАЊЕ, НАДЕЖ И ЛЕК

Во една пригода Јохан С. Бах рекол дека улогата на добрата музика е да го слави Творецот и да му дава утеха и радост на човековото срце. Поезијата од ракописот „Манастирски води“ наполно ги исполнува и двата големи предизвици. Станува збор за поезија сочинета врз темелите на духовното, сакралното и религиозното искуство, така што еден вид лајт-мотив на стихозбирката е токму опевањето на Духот: Незадржлив / Секаде присутен / Неподмитлив / Вистината го прати везден.

vladimir-martinovski1Во една од шесте песни под наслов „Духот“, се чини како да (ни) се открива и вдахновението и смислата и философската основа на овој поетски корпус: Духу, / Кој си насекаде и сѐ исполнуваш, / Нас постојано нè поттикнуваш / Нѐ расонуваш / Нè вразумуваш. Имено, овие песни не само што се поттикнати од Духот, туку силно (нѐ) расонуваат и (нѐ) поттикнуваат на размислување. Стиховите меѓу кориците на „Манастирски води“ се искрени, лечебни и непосредни како бистри планински реки. Речиси е невозможно да се најде песна која не прераснува во искрена и моќна молитва. Соочувајќи се со најразлични, неретко крајно суптилни, внатрешни драми и перипетии, грижи и кризи, премрежиња и искушенија, лирските субјекти не се откажуваат од својата „внатрешна борба“, црпејќи ја својата сила токму од непоматените Љубов, Вера и Надеж.

Токму затоа, оваа книга би можела да се чита како современ молитвеник, како поетски „детектор“ на човековите слабости, расколи и падови (предизвикани пред сѐ од гордоста, самољубието и духовната заслепеност човекова), но и како една голема Химна на Љубовта. Оваа поезија е сведоштво за едно постојано, здраво и спасоносно себеиспитување. Кога сами се лекуваме, / Само повеќе потонуваме – нѐ потсетува песната „Лек“, а во песната „Капка“ се поставува јанѕоносното прашање: Но има ли место за радост / Во овој свет исполнет со прелест? Преку ефектна поетска споредба се поставува ефектна дијагноза за современата „човекова состојба/судбина“: Помали сме од бубамара / На која ѝ поставиле препрека, / Но таа може барем да полета.

Сепак, во песните со секоја нова строфа, во секој нов стих како да среќаваме по некоја подзаборавена, но суштествено важна доблест и мудрост: од скромноста до самокритичноста, од благодарноста до човекољубието. Во песната-псалм „Името кое создава“, ономатопеите изнедрени од луѓето, растенијата и птиците се толкуваат како внатрешна потреба да се опева и слави Создателот, како исконски изблици на восхит и благодарност. Во песната „Крик“, поетскиот чин е неразделен од молитвеното тихување: Песна си пеам безгласно, / Зборови редам занемено, / Ништо не мислам, ни зборувам – / Само на Тебе се надевам. Всушност, оваа ретка поетска книга, во која песните течат како поетски манастирски води, суштински ја буди и ја негува вистинската, примордијална надеж, која се темели на спасоносното сознание дека Љубовта нема крај.

Проф. Д-р Владимир Мартиновски

(На нашиот сајт се објавени се и две песни од стихозбирката, кои може да ги прочитате тука: Ајде слушај, слушај… и Прашина