„Луѓето кои се грижат за старите, имаат голема награда“ – Свети Пајсиј Светогорец

До каде стигна светот! И во Фарас и во Епир се грижеа дури и за животните кога ќе остареја. Не го колеа, не само мулето, но и оние животни, чие месо се јадеше. На пример, старите волови со кои што орале, ги почитуваа, се грижеа за нив, ги гледаа, зашто си велеа: „Сме јаделе леб од нив“. Работните животни кои се трудеа на полето, имаа и добра старост. А тогаш луѓето ја немаа техниката, која што ја имаат денеска. Требаше со рачна мелница да го сомелат наутот, да го иситнат, за да може бедниот стар вол да го јаде. Денешниот свет пак сосема се отклонил од тој пат. Не ги гледаат старите луѓе, а да не зборуваме за животните!

Никогаш во животот не сум се чувствувал толку добро, колку во оние неколку дни, во кои ми дадоа да се грижам за еден Старец. За гледањето на стари луѓе, подготвена е голема награда. Се сеќавам, раскажуваа за еден послушник на Света Гора, кој бил опседнат од зол демон, и му дале да се грижи за шест старци во старскиот дом на манастирот. Во тие години беше тешко, немаше олеснувања. Бедниот, ги товареше облеките на грбот и ги носеше далеку до едно корите, за да ги испери со вода и пепел… Но, после некое време, беше ослободен од демонот и стана монах. Зашто, освен што себеси се принесуваше како жртва за другите, и старците го благословуваа.

Старец Пајсиј и старец Арсениј Кападокиски
Старец Пајсиј и старец Арсениј Кападокиски

Многу сопрузи негодуваат и губат стабилност поради тешкотиите во семејството, предизвикани од своеглавоста и незадоволноста на старите за кои се грижат. Забораваат на белите, кои и самите ги правеле или за капризите и своеглавоста кои ги покажувале, кога биле деца. Не се сеќаваат, дека не ги оставале родителите на мира со својот плач и палавост. Бог допушта да ги доживеат тие тешкотии, за да ги исплатат на некој начин своите пакости. Сега е нивниот ред да застанат на помош за нивните возрасни родители и да се грижат, чувствувајќи благодарност за жртвите кои ги правеле за нив, кога биле деца. Оние, кои што не го чувствуваат тој долг кон своите родители, ќе бидат судени од Бога како несправедливи и неблагодарни.

И гледам дека некогаш маките, кои ги имаат многу луѓе во светот, се должат и на тоа, што нивните родители се огорчени од нив. Семејствата страдаат, зашто не се грижат за своите старци. Кога ја носат бедната старица или јадниот старец и ги оставаат во старски домови, и освен тоа им го земаат имотот, а старите не можат да им се порадуваат на внучината и умираат со мака на срцето, каков благослов ќе добијат нивните деца? Денес, една возрасна жена ми кажуваше дека има четири оженети синови, кои живеат во соседните улици, и не може да ги види, зашто еднаш ги посоветувала снаите: „Имајте љубов помеѓу себе и не се карајте“! А тие збеснале! Ѝ рекле: „Повеќе да не си стапнала кај нас дома“. Плачеше кутрата; пет години не ги видела своите деца. Ми рече: „Моли се отче, имам и внучиња; барем понекогаш да ги видам со син ми“. И после тоа, каков успех ќе имаат нејзините деца?

И покрај тоа што бабата е голем благослов за семејството, тие луѓе не го разбираат тоа. Обично, мажот прв паѓа немоќен и жената се грижи за него. Кога мажот ќе умре, за да не се чувствува жената бесполезна, многу ќе е добро, ако децата ја приберат дома да ги пази внуците. На тој начин, и таа е задоволна, а и младото семејство има помош. Зашто мајкат ане може да успее од многу работа, да им ја даде на децата неопходната милост и љубов. Ја дава бабата, зашто нејзината возраст е возраста на љубовта и милоста.

И гледаме, дека кога детето прави белји, бабата го милува, а мајка му го кара. Благодарение на грижите на бабата и мајката може мирно да си ја врши работата, и децата добиваат милување и љубов, а бабата се радува на љубовта од внуците.

Кој што ги гледа своите родители, има голем благослов од Бога. Еден ден, еден млад татко ми рече: „Отче, си мислам во куќата, која ќе ја направам, да направам два стана за родителите и за дедо ми и баба ми“. Колку тоа ме трогна! Со колку благослови го благословив! Се чудам како семејствата не го разбираат тоа! Пред неколку дни, дојде една жена и ми рече: „Отче, мајка ми има хемиплегија. Ми се смачи осум години да ја превртувам те на едната, те на другата страна“. Слушнете само! Ќерката да зборува така за мајка си!“ А , ѝ велам, многу е едноставно! Сега ќе се помолам ти да боледуваш осум години од хемиплегија, а мајка ти да се опорави за да се грижи за тебе“. Се развика: „Не, немој отче!“ „Тогаш, ѝ викам, четири години нека бидат! Ах бре, нели ти е срам? Што треба да се претпочита? Човек да е здрав, да не го боли ништо и да се грижи за еден болен, а притоа да добива награда и од Бога, или да се мачи од некоја болест, да не може да ја подигне ни раката, да се смирува и да ги моли другите: „Донеси ми подлога, заврти ме наваму, заврти ме натаму?“ Кога го слушна тоа, малку се смири.

Ако децата се стават на местото на своите остарени родители, или снаата се стави на местото на својата свекрва и размисли: „И јас ќе остарам еден ден и ќе бидам свекрва; дали би сакала снаа ми да не ми обрнува внимание?“, тоаш немаше да постојат такви проблеми.

 

Извор: http://pravoslaven-sviat.org/2017/11/29/nagradata-za-grigite-kam-starite/