Еднаш, кога бев во Калисија кај старецот, му соопштија, дека во Атина организираат вечерна беседа, на која што ќе говори еден светогорски игумен. Отец Порфириј ми кажа, дека многу би сакал да подиши светогорски воздух, мислејќи на претстојната лекција. Со автомобилот на еден познат пријател, ние, патувајќи по улица „Асклипија”, стигнавме до храмот „Свети Николај”, каде што требаше да се одржи собранието. Салата беше преполнета, повеќето беа студенти. Од почетокот зборуваше еден богослов, кој што доста добро ги изложи светоотечките погледи за проблемите на современоста. После тоа, збор зеде светогорскиот игумен. Духовниот подем и воодушевање во салата го достигнаа својот врв. Кога заврши, еден студент го замоли отец Порфириј, кого што го беше видел свиткан во аголот, да каже неколку збора на собраните. Мнозинството од присутните го одобрија тој предлог. Старецот малку се смути и кажа, дека не излегува на собранија пред народ, но „народниот глас” го принуди да говори. Со многу тивок, едвај чуен глас во салата, тој рече:
– Јас нема да зборувам, но само Го молам Бог да го просвети мојот послушник (светогорскиот игумен), Тој да му даде мисли.
Но слушателите не сакаа да се ограничат со тие негови зборови и го замолија да каже уште нешто. Тогаш отец Порфириј праша:
– За што би сакале да зборувам со вас?
– За тоа, како во наше време може да се води вистински христијански живот – одговорија насобраните.
И старецот започна бавно да говори:
– Многу луѓе велат, дека христијанскиот живот е тежок и непријатен, но јас знам, дека тој е лесен и многу пријатен, но при присуството на две нешта: љубов и смирение.
Слушателите, многу од кои што си правеа записи во своите бележници, прашаа:
– Како можеме, отче, да придобиеме смирение и љубов?
Тогаш старецот, со неговиот му својствен талент на раскажувач, започна да говори со „параболи”.
– Ќе ви раскажам деца мои, започна тој, една историја. Некогаш во гората живеела една овчарка, која што пасела овци. Цел ден таа го поминувала во маки, грижејќи се за стадото: го изведувала на пасиште, го водела на вода, го пазела од диви зверови. Навечер, го прибирала стадото во овчарникот, го доела млекото и ги оставала овците до утрината. Кога настапувала ноќта и родителите ја заспивале, таа, не обраќајќи внимание на големиот умор, ја прескокнувала оградата и трчала во темнината, провирајќи се преку скали и бодликави жици, кон заветното прибежиште, за да се сретне со овчарот, кого го сакала. И кога ќе го видела, занемарувајќи ги маките и жртвите, кои што ги трпела заради таа средба, душата и се преисполнувала со среќа. А бидејќи, таа средба со возљубениот, како што веќе кажав, ја чинела толку маки и жртви, таа се чувствувала уште посреќна.
Простете ми, што јас, монах, ви раскажувам за вљубени. Но мене ми дојде на ум тој пример, за да разберете што сакам да ви кажам. Душата треба да го сака својот возљубен Христос, за да биде радосна, како што пастирката е вљубена во својот овчар. Но што е човечката љубов пред Божествената љубов? Таа љубов е лажовна и времена, додека Божествената љубов е вистинита и вечна. Душата, која што го сака Христос, сепак е радосна и среќна, што и да ѝ се случи, какви маки и жртви да ја чини таа Божествена љубов. И сепак, колку повеќе таа се труди и жртвува заради возљубениот ѝ Христос, толку повеќе среќа добива. Душата го сака Христос, кого што Го знае, и ги исполнува Неговите заповеди. Кога таа го љуби Христос, тогаш започнува да ги сака и другите луѓе и не може да ги игнорира. Во душата, која што го сака Христос, не може да влезе сатаната. Ете, да го земеме за пример нашиот аудиториум: да претпоставиме, дека сите ние, собрани тука, сме добри луѓе. Ако сега на вратата се покажат хулигани и сакат да влезат внатре, тогаш тие нема да можат да го направат тоа, затоа што салата е исполнета со нас. Така и во душата, која што е полна со Христос, ѓаволот не може да влезе, колку и да се мачи… На тој начин, ние можеме да водиме вистински христијански живот.
Сите собрани беа длабоко трогнати од простите, но проникнувачки зборови на старецот. Откако изминаа неколку дена од таа вечер, јас повторно го посетив отец Порфириј во Калисија. Меѓу другото му раскажав и за тоа со какво топло одобрение младината и оние, на кои што после, тие го прераскажале чуеното, ги примиле неговите зборови и примерот со овчарката. Старецот се израдува на тоа и рече:
– Благословот Божји да биде врз нив. Знаеш ли, дете мое, дека јас не излегувам пред публика и на собранија. Мене ме принудија да кажам нешто. И знаеш ли, дека таа овчарка доаѓаше кај мене на исповед. Се беше така, како што раскажав.
– Отче, значи таа историја со овчарката навистина се случила?
– Е, се разбира – возврати отец Порфириј.
Извор:http://pravoslaven-sviat.org
Превод: Божидар Маслинко