Светата Литургија е простор на слобода. Таа е земја на живите. Таа е нашата вистинска татковина и единствената која на овој свет, создаден и смртен, ја има таа моќ и дејство коe сите жедно го бараат и исчекуваат: во неа и преку неа да се јави Синот Божји и сета твар, во која човекот е создаден како најважно создание Божјо, да се спаси и да пронајде излез од ропството на гревот и смртта.
Светото Евангелие, кое е автентичнo и секогаш живо, секогаш актуелно Слово Божјо упатено кон овој свет, е вистинска ризница на настани кои не се некое длабоко минато, за нас далечно и неважно, туку напротив, настани кои суштински се допираат до нашиот живот, кои зборуваат за нашето спасение. Приказната за блудниот син, заблуден и од таткото побегнат, кој преку покајанието повторно се измирува со отецот и се враќа дома, е приказна која можеби најочигледно од сите останати ја пројавува тајната на Светата Литургија. Зборовите на отецот, кој отрчува во пресрет на покајниот син: „Овој мој син беше изгубен и се најде, мртов беше и оживе“ се зборови, кои Бог ги упатува на секој вистински покајник. А гозбата, за која зборува Светото Евангелие, која таткото ја приредува во чест на враќањето на синот во домот негов, е токму Светата Литургија во која „угоеното теле“ е Самиот Син Божји, Кој се принесува за живот на светот.
Светата Литургија, како што некој рекол, секогаш е драма на спасението која завршува со прославувањето на Бог и човекот. Но истовремено, таа е и собор, на кој Бог е меѓу боговите и на која сите кои учествуваат во неа, преку своето покајание и благодарност, стануваат учесници во великата Тајна на обожувањето. Затоа литургиската молитва која нè воведува во најдлабоките тајни на богослужбата вели: „Боже Свет, Кој во светите престојуваш, Ти на оние кои Те молат им даваш мудрост, а за спасение си го одредил покајанието“. На сите нас ни е потребно покајание, за да би можеле, како оној блуден син, и покрај своите гревови, да ја примиме љубовта на Отецот. Тој ја примил со срце смирено и дух скрушен, кој Бог никогаш нема да го отфрли, зашто само со такво срце и дух може да се влезе во оваа велика Тајна, да се прими Лекот за бесмртноста и Лебот на вечниот живот, т. е., да се вратиме од далечната земја, земјата на смртта, во земјата на животот, земјата на живите.
Светата Литургија е најголемиот дар Божји на паднатиот човек. Во неа и преку неа ни се дарува Самиот Син Божји, Кој е Леб на животот, а кој за Себе вели: „Кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и кој верува во Мене, нема да ожедни. (…) Зашто телото Мое е вистинско јадење, а крвта Моја е вистинско пиење“. Тешко е со човечки јазик да се искаже оваа голема Тајна на спасението, која Светата Литургија ни ја открива. За неа можеме да сведочиме единствено непрестајно опоменувајќи се себеси и еден на друг, дека животот – е дар. Со раѓањето на секој нов човек, Господ Седржителот ја исповеда Својата вера во човекот. А од своја страна, секој човек е повикан со својот живот да ја исповеда својата вера во Бога. Како го правиме тоа? Со своето крштевање и облекување во Христа, како што пееме на Св. Крштение: „Вие, кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. А како се облекуваме во Христа? Повторно преку покајание, преку смирение.
Нашата вера е вера во животот, и затоа главната карактеристика на секој вистински христијанин, и добар и грешен и праведен, е да има живот во себе и да ја носи радоста на животот. Затоа Св. Литургија секогаш е радост, затоа таа секогаш е толку величенствена. Во неа е важно сè, па и естетиката, т. е., благообразноста на местото во кое се служи, убавината на Домот Божји, на свештеничките одежди, складот на боите, звуците, движењата. Ова го знаеле нашите стари, па секогаш имале посебна, свечена црковна облека. Тие знаеле, а и ние мораме да се научиме, дека на Литургијата се случува најзначајната од сите средби, кои може да се случат на земјата: се сретнуваат Небото и земјата, се сретнува човекот со Бога преку Оној Кој слегол од Небото и ја исполнил волјата на Отецот Небесен. Тој умре заради нас и нашето спасение, и воскресна од мртвите воскреснувајќи нè и нас со Него. Литургијата е значи, предворје на вечноста, Дом на Великиот Цар во кој сме повикани и во кој се случува нашето соединување со Него, и Неговата смрт така станува и наша смрт, Неговото Воскресение и наше воскресение, Неговата победа наша победа. Така, Неговата слава станува наша слава и Неговото наследство наше наследство. Во Литургијата и преку Литургијата престануваме да бидеме само синови на овој век и стануваме синови на Царството. А бидејќи сме синови, не сме веќе наемници, туку наследници. Каква слава, каква чест, какво богатство и достоинство! Стануваме едно со Синот Божји, стануваме од Бога познати и возљубени! Голема е оваа тајна на побожноста.
Во Литургијата се учиме да даваме, но и да примаме љубов, зашто да се биде во Рајот, т. е., да се биде на вечниот собор во Царството Небесно значи токму тоа: да се има во себе Божествената љубов. На Литургијата исповедаме: „Самите себе и едни други, и сиот свој живот на Христа Бога да го предадеме“, и тоа навистина се случува, зашто ние не можеме да живееме едни без други. Нашето постоење секогаш е полно со чезнеење да биде потврдено од другиот: ако некој друг, особено ако е некој кој ни значи, не каже дека постоиме – тогаш и не постоиме. А токму Литургијата е таа вечна, неминлива, оживувачка и животворна потврда на нашето постоење, преку кое сакаме и сме сакани.
Голем и неискажлив дар, но и повик на голема одговорност е да се гледа вистинската светлина, да се прими Духот Небесен, да се стане духоносец и богоносец, и сведок на чудото на животот, спасението и преображението кое се открива во Литургијата. На тоа место, на тој начин, во тој чудесен настан, уште сега и овде, во времето стануваме причасници на вечноста. Затоа е толку важно да се учествува во тој настан, да се вратиме во таа земја. Зашто секоја земја надвор од таа земја, е далечна земја. Во секоја земја надвор од оваа земја, ќе им завидуваме дури и на свињите, како што вели приказната за блудниот син. А внатре, во таа земја, каде се служи Светата Литургија, ќе примиме неискажливи дарови, ќе станеме синови и наследници на Царството, ќе видиме вистинска светлина и ќе се зарадуваме, наоѓајќи ја радоста на животот.
(од книгата „Радост живота“ – Епископ Григорије, Захумско-херцеговачки)